Скопје
Општина Аеродром втора година по ред обезбедува часови за бесплатно пливање за првачињата и децата со попреченост
И оваа година преку проектот „Учиме да пливаме“ учениците од прво одделение и дечињата со попреченост во општина Аеродром имаат можност да ги совладаат техниките и стиловите на пливањето, целосно бесплатно, овозможено со средства од Општина Аеродром. Како дел од проектот, учениците добиваат часови од стручни лица, како и целосна опрема за пливање, информираат од Општина Аеродром.
„Инклузивноста и здравиот начин на живеење се важни за нас во Аеродром, а задоволството на родителите и радоста на дечињата се доволна потврда дека со проектот ги рушиме стереотипите на административното работење и грижата за најмладите ја ставаме високо во нашите приоритети“, се истакнува во официјалната информација.
Пливањето, појаснуваат од таму, овозможува тренинг за целото тело и го активира умот, а преку конкретниот проект, освен физичкиот развој, дечињата успеваат за момент да ги оттргнат од секојдневните обврски и дигиталната технологија стекнувајќи нови спортски и моторички вештини.
Најавуваат дека поддршката за спортот и здравиот живот продолжува и понатаму, со проекти и активности во разни спортски дисциплини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Реконструиран покривот на ООУ „Ристо Крле“ во Кадино, општина Илинден
Во Општинското основно училиште „Ристо Крле“ заврши реконструкцијата на кровната површина на централното училиште во Кадино.
Во рамки на проектот извршена е целосна замена на постоечката кровна површина на централното училиште. Отстранети се старите салонитни табли кои содржеа азбестни компоненти, отстранети се хоризонталните и вертикалните олуци, поставен е кровен покривач од пластифициран валовит лим. Воедно поставени се хоризонтални и вертикални олуци, опшивки кај вентилациони канали, како и снегобрани.
Денес градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски го посети училиштето заедно со директорот Јовче Петковски.
Реконструкцијата на кровната површина се одвиваше во неколку фази, пришто сега целосно е комплетиран проектот. Со оваа замена на кровната конструкција опфатена е површина од околу 1600м2 на објектот каде е обезбедена хидротермичка изолација, со тоа се спречува протекување и оштетување на внатрешните простории во оваа образовна институција.
ООУ „Ристо Крле“ е изградено пред 44 години, за прв пат се врши замена на кровната површина, а заедно со подрачните објекти во населените места Мралино и Бунарџик учат вкупно 320 ученици.
Скопје
Нова пешачка патека од Волково до Орман
Општина Ѓорче Петров објавува старт на реализацијата на уште едно ветување дадено кон граѓаните – изградба на нова пешачка патека и улично осветлување од Волково до Орман. Патеката ќе биде во должина од 1.800 метри и ширина од 1.4 метри, а целта е да се поврзе основното училиште „Јоаким Крчовски“ со село Орман, решавајќи децениски проблем од недостиг на безбедна зона за пешачење.
Со оваа инвестиција, општината поставува и ново улично осветлување на патеката, со должина од над 1.400 метри. Вкупната вредност на проектот изнесува 7.000.000 денари. Оваа иницијатива не само што ги заштитува учениците и жителите, туку и создава повеќе можности за спорт, рекреација и здрав живот.
Патеката, која ќе биде комплетно осветлена, ќе обезбеди непречено и безбедно движење за сите граѓани.
„Оваа патека е важен чекор кон зголемување на безбедноста на пешаците, подобрување на сообраќајната поврзаност и зголемување на удобноста при движењето,“ истакнуваат од Општина Ѓорче Петров, додавајќи дека очекуваните придобивки од проектот ќе бидат значајни за жителите на Орман. Изградбата на пешачката патека ќе овозможи значително подобрување на сообраќајната комуникација, а пешаците ќе уживаат во зголемена безбедност и удобност, особено во вечерните часови благодарение на новото осветлување. Најважно од сè, новата патека ќе создаде чувство на сигурност за сите граѓани, што е особено важно за жителите на Орман, кои сега ќе имаат безбеден и модерен простор за движење.
Скопје
ПОЦ: Пријавен е поставен лажен дневен паркинг-билет, внимавајте
ПОЦ информира дека денес пријавен е поставен лажен дневен паркинг-билет (ДПК) при што се злоупотребени дизајнот и логото на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“. На него стои QR-код, кој треба да се скенира и да се изврши онлајн-уплата за него, а тој води кон веб-адреса, која нема поврзаност со ЈП ПОЦ и има цел преку измама да се извлечат парични средства.
„Ги замолуваме граѓаните да бидат внимателни и доколку забележат ДПБ од овој тип веднаш да нè известат. Единствената веб-адреса за онлајн-наплата на ДПК на претпријатието е https://users.poc.mk/PayDpk.
Од наша страна во моментот се преземаат мерки за пријави до надлежните органи и информирање на јавноста со цел заштита на граѓаните“, велат од ПОЦ.