Скопје
Левица: Узурпирани тротоари и преполни паркинзи во Аеродром
Уште едно неостварено ветување на градоначалникот Муцунски го нарушува и онака лошиот квалитет на живеење во општина Аеродром, велат од партијата Левица.
„Имено, поради недостиг на паркинг места, возачите се снаѓаат на свој начин и автомобилите ги паркираат на тротоарите, оневозможувајќи го движењето на пешаците. Додека бројот на згради во општината постојано расте, бројот на паркинзи опаѓа. Градоначалникот Муцунски имаше големи предизборни ветувања за изградба на нови паркинзи, но освен што воведе зонско паркирање во најголем дел од општината не направи нити едно ново паркинг место“, истакнуваат од партијата.
Како што посочуваат, во општина Аеродром расте бројот на жители и автомобили, но за пропорционален раст на паркинг местата преку изградба на монтажни паркинзи, катни гаражи и сл. не станува нити збор.
„Резултатот е узурпација на тротоарите и загрозување на животот на пешаците кои се принудени да се движат по банкините. Од тие причини советниците на Левица во општина Аеродром ќе поднесат иницијатива за поставување на столпчиња на тротоарите со цел заштита на безбедноста на пешаците. Со тоа сигурно ќе се зголеми притисокот на жителите кои немаат можност каде да ги паркираат своите возила. па се надеваме дека конечно градоначалникот Муцунски ќе се разбуди од летаргијата и ќе почне да ги решава проблемите на граѓаните во општината со која самиот тој раководи“, завршуваат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.




