Македонија
Беќаровски за забраната од Хрватска: Пиперките што се продаваат на нашите пазари се со многу поголема концентрација на пестициди
Во врска со оспорената пратка на пиперки во Хрватска, која вчера беше потврдена и од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, се огласи и познатиот лекар Нико Беќаровски, кој во своја објава на социјалните мрежи ќе напише: Да бев премиер на Македонија, вратениот контингент бесплатно ќе го разделев на социјалните слоеви граѓани, кои поради високите цени, овој производ сè повеќе само го гледаат, а не може да си дозволат да го купат.
„Вратените ‘отровни’ пиперки – Formetanate hydrochloride, попознат како Carѕol 50, Dicarsol 10 итн е инсектицид од групата карбамати, кој сè уште регуларно се користи во голем број држави и кој при акутни труења (намерно пиење или акцидентно при прскање) предизвикува иреверзибилна инхибиција на еритроцитната холинестераза.
Во текот на овие 33 години клиничка пракса сум имал стотици вакви суицидни труења и со исклучок на неколку екстремно тешки случаи, сите други успешно заминувале од Клиниката за 3 до 5 дена. Напоменувам дека сите тие труења биле со концентриран препарат, а не со откриени траги во прехранбен производ“, пишува Беќаровски.
Појаснува дека јадењето на пиперките што се вратени од Хрватск, поради траги од присуство на овој карбамат е исто толку штетно колку и јадењето кој било друга пиперка, прскана со кој било друг пестицид.
Секако дека долгогодишно јадење производи третирани со ист пестицид, па и со овој, може да дадат последици врз здравјето, но и кај земјоделците што користат пестициди постои мода, па обично на неколку години се користи нов пестицид, додава познатиот лекар.
„Одлуката на Хрватска е во согласност со регулативата на ЕУ, која, пред сè, служи за заштита на економските интереси на ЕУ и нивното производство со нивни пестициди.
Да бев премиер на Македонија, вратениот контингент бесплатно ќе го разделев на социјалните слоеви граѓани, кои поради високите цени, овој производ сè повеќе само го гледаат, а не може да си дозволат да го купат. Тврдам дека ниту еден нема да има акутни здравствени компликации од еднократна употреба на овие пиперки. Всушност, многу веројатно е дека пиперките што се продаваат на нашите пазари се со многу поголема концентрација на разни пестициди“.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство, вчера, преку соопштение информираа дека преку апликацијата RASFF Window од Системот за предупредување за небезбедна храна на Европската Унија (RASFF) била добиена нотификација за небезбеден производ од категоријата овошје и зеленчук извезен од нашата земја – свежи пиперки наменети за пазарот во Хрватска.
При спроведена гранична контрола земениот примерок за лабораториска анализа покажал отстапување во однос на присуство на резидуум од пестициди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Максим Димитриевски најави нова детска градинка за 400 деца и целосна изградба на улицата АВНОЈ
Градоначалникот на Куманово и кандидат за нов мандат – Максим Димитриевски најави нов голем капитален објект – изградба на детска градинка во населбата Зелен Рид. Со која ќе се излезе во пресрет на потребите на жителите на оваа населба, но и пошироко. На локација за која во минатото биле издвојувани големи износи на финансии како отштета за поранешните сопственици на земјиштето.
„Дојде време денес да се обезбедат средства со кои ќе се изгради нова детска градинка за повеќе од 400 деца. Исто така, целосно урбано ќе се среди целиот простор околу, со што дополнителнои ќе се придонесе за облагородување на изгледот на оваа населба“, нагласи Димитриевски.
Паралелно со ова, Димитриевски најави дека во план е и изградба и довршување на сите краци од улицата АВНОЈ, како и целосно поставување на фекална канализација, со што дефинитивно ќе се надмине деценискиот проблем за жителите што живеат во тој дел на Куманово. „За сите проекти се обезбедени средства од Владата и во следниот период општината ќе ги реализира целосно“, порача Максим Димитриевски.
Тој ги повика граѓаните да му ја дадат поддршката и во вториот круг за Куманово да продолжи да расте и да се развива.
Македонија
Мицкоски од Карпош повика на масовна излезеност и поддршка за Сотир Лукровски и Орце Ѓорѓиевски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати на мини митингот во Карпош, во рамки на вториот круг од локалните избори закажани за 2 ноември 2025 година, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.
Мицкоски од Карпош зборуваше како човек кој го поминал својот живот низ улиците во Карпош со карпошани и повика граѓаните на 2 ноември да гласаат за број 9 за крај на бетонизацијата, за развој и напредок.
„Денес сум овде како човек кој го поминал својот живот тука во овие улици тука низ Карпош, како карпошанец и како таков сакам да кажам неколку работи коишто сметам дека се важни да се кажат. На овие локални избори народот јасно и гласно кажа која партија ја има довербата. После првиот круг ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија 33 градоначалници плус кандидатите кои се во втор круг како првопласирани и 6 како второпласирани, тогаш доаѓаме до бројка од 59 општини. Во 58 општини коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и има мнозинство во советите. Ако на тоа се додаде и огромната предност која ја има Орце во однос на неговиот противкандидат којшто вчера видовте како на медиум јавно избегна да каже дали ќе ги поддржи кандидатите во Брвеница и Кичево на ВМРО-ДПМНЕ, тоа треба да се запомни, ние знаеме, но добро е скопјани да запомнат со какви измамници имаат работа. Затоа што еднаш измамник цел живот измамник. Честа се стекнува на улица и таму се учат работи кои во училиште не можеш да ги научиш, а меѓу нив е и честа и таа се брани на улица, но овој човек не само што не ја има таа чест туку тој има од кого да учи од неговиот ментор претседателот на таа политичка партија за која одамна вие знаете за каков измамник станува збор, тие луѓе ја изгубија својата чест и ја немаат“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски од Карпош повика на масовна излезеност и поддршка за број 9, за Сотир Лукровски и Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Скопје
„Советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Град Скопје убедливо победи во однос на сите други советнички листи, што значи имаме вкупно 60 општини во кои ВМРО-ДПМНЕ победи на овие локални избори во првиот круг. Јас сум убеден дека и после вториот круг ќе имаме 59 градоначалници плус Градот Скопје“ истакна Мицкоски.
Мицкоски ги повика граѓаните на 2 ноември да гласаат за број 9 и Сотир Лукровски во Карпош, за развој и напредок.
Македонија
Мицкоски: Кога Јакимовски бараше поддршка го замолив да нема бетонизација, а потоа ми рече ‘морам од нешто да живеам’
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од маалска средба во општина Карпош порача дека е време за промена и крај на, како што рече, годините на „бетонизација и приватни интереси“ во оваа општина.
Во своето обраќање, тој се осврна на односите со актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски, за кого рече дека „ја изневерил довербата на граѓаните и коалицијата“ уште по изборите во 2021 година.
Мицкоски се наврати на 2021 година, кога, како што рече, актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, побарал помош и поддршка од ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од локалните избори.
„Тогаш дојде ненајавен, вознемирен и уплашен, во паника. Го примив, му реков да седне и да се смири, да разговараме. Ми велеше: ‘Те молам, поддржете ме, ако треба ќе клекнам, само да ме поддржите. Народот може да ме оправда, да ме обели’. Му реков – немој така, не личи, си човек во години, ќе разговараме, но имам едно барање – нема повеќе бетонизација во Карпош. Граѓаните се изморени од тоа“, раскажа Мицкоски.
Според него, Јакимовски ветил дека ќе го почитува тоа барање и добил поддршка од ВМРО-ДПМНЕ со што ја обезбедил градоначалничката функција.
„По изборите, кога отидов да му честитам, ми покажа маса преполна со детални урбанистички планови. Ми рече: ‘Бирај, кој е за тебе’. Го прашав што значи тоа, нели се договоривме дека нема да има нова бетонизација. А тој ми рече: ‘Морам од нешто да живеам’. Тогаш ми стана јасно дека не станува збор за ветувања, туку за интереси. Му се заблагодарив и му реков дека од мене нема да добие поддршка“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека по тој период Јакимовски започнал со лични напади, но и дека, како што рече, времето на „старите политички лица“ завршува.
„Карпош мора да ја врати својата енергија и изглед. Се работи за човек кој се наоѓа на црната листа на САД за криминал. Време е граѓаните да изберат чесност, а не интереси“, изјави Мицкоски, повикувајќи ги жителите на Карпош да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, во вториот круг на локалните избори на 2 ноември.

