Култура
13. издание на музичкиот фестивал „Здраво, млади“ за паметење
Заврши уште едно издание на фестивалот „Здраво, млади“ за паметење. Фестивалот, кој пркоси со својата упорност да биде уникатен мал голем фестивал за вистински музички сладокусци, успеа да собере повеќе од илјада посетители во топлата септемвриска вечер во МКЦ.
На пет бини во преполниот МКЦ настапија повеќе од 20 артисти од 11 земји од светот.

Вечерта почна со настапот на спектакуларниот нов електронски артист YMNK, кој буквално ја збуни публиката со својот ритмичко-математички интензивен настап. Потем следуваше настапот на легендарниот Јан Свенониус, чиј настап бележи повеќе импровизација и комуникација со жедната публика. Клубот МКЦ беше претесен да ја собере присутната публика за ѕвездите на вечертаж од „Маускович денс бенд“, кои ја вжештија атмосферата до плафон.

Денсинг-салата беше резервирана за пожестоките настапи. Вечерта ја отворија Џутко и „Плодови земље“, чии хитови во заразни фолк-ритми веднаш ги пленија срцата на публиката, која допрва се загреваше. Следуваа домашните херои од „Мај Тиар“, кои по долга пауза, успееја да ја нарушат статиката во набиената сала. Хрватот со далматинско потекло, Војко В, покажа зошто толку се очекуваше неговиот настап и зошто во салата буквално снема воздух. За крај, бината ја докрајчи локалната супергрупа „Допе куќата“ со специјално изненадување за публиката и концерт до 2 часот по полноќ.

Во киното „Фросина“ се проследија настапите на етноџез-колективот „Калата“, младата поп-ѕвезда Жива, новата рап-ѕвезда Јоланде Башинг и впечатливата музичарка на укулеле, Рита Брага.
Најголемото случување на фестивалот сепак беше резервирано за платото пред МКЦ, на кое повеќе од 7 часа со брутален сет настапија диџеј Фиц, Ертунч Сали и Ајнур Касо.

„И ова издание на „Здраво, млади“ покажа дека скопската публика осцилира во ист бит, битот на модерната, различна и колоритна музика, која моментно ги проширува зениците“, изјавија од МКЦ.

Организаторите најавуваат уште пожестоко издание за 2024 година, чиј датум набргу ќе биде објавен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Дон Кихот“ на Дино Имери и Дијана Илкоска-Имери премиерно и во Битола
По фантастично успешната премиера во Скопје и меѓународната премиера во Париз, Франција, делото „Дон Кихот во Скопје“ ќе ја има и својата битолска премиера.
В недела, на 14 декември, во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 20 часот, овој разновиден проект инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес ќе биде претставен и пред битолската публика.
Делото е создадено по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври, и е силно поддржано од Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Станува збор за концерт за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават:
· Дино Имери – пијано,
· Ади Имери – гитара,
· Тина Иванова – наратор и автор на текст.
Како што кажува и самиот наслов, главната инспирација е едно од најзначајните дела во светската и шпанската книжевност – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја следи приказната за замисленото патување на Дон Кихот и неговиот верен придружник Санчо Панса низ современа Северна Македонија, каде што тргнуваат во потрага по нови авантури и со намера повторно да се борат против „ветерниците“. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, кои се преплетуваат и создаваат специфична, автентична атмосфера.
Текстот на нараторот, кој ја дополнува концертната форма, се провлекува низ делото како сценски контрапункт. Приказната, чија авторка е Тина Иванова, служи како поддршка и проширување на програмската музика.
Премиерата во Битола се реализира со поддршка од ЈОУ Културно-информативниот центар – Битола.
Култура
Охрид домаќин на министерската конференција на Советот на министрите за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој
Охрид и Република Македонија на 11 и 12 декември 2025 година се домаќини на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“.
Конференцијата официјално ќе биде отворена на 12 декември во 10:00 часот со воведно обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Свои обраќања ќе имаат и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, министри за култура, заменици-министри и претставници од земјите од ЈИЕ.
На конференцијата ќе биде усвоена Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“.
Република Македонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ во 2024 година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.
Култура
Проекција на исклучителниот шпански трилер ПИГИ во Кинотеката
Специјалната проекција на вознемирувачкиот и исклучителен шпански трилер „ПИГИ“ во Кинотеката на Македонија. Филм што ѝ го отвори патот на режисерката Карлота Переда кон меѓународната сцена и ја утврди како едно од најзначајните имиња во современиот хорор.
Настанот се реализира како соработка на Кинотеката на Македонија и Амбасадата на Шпанија во нашата земја.
Во задушливото лето на рурална Екстремадура, тинејџерката Сара – маестрално интерпретирана од Лаура Галан – секојдневно се соочува со сурово врсничко насилство. Нарекувана „свинче“ и запоставена дури и во сопствениот дом, таа живее во изолација. Но, еден случаен и сериозно вознемирувачки настан кај локалниот базен ја втурнува во мрачен круг на одмазда, претворајќи ја потиснатата болка во шокантно, но и катарзично ослободување.
„ПИГИ“ е маестрален спој на психолошки трилер и хорор, создаден врз основа на наградуваниот краток филм на Переда од 2018 година. Филмот храбро ги отвора темите на телесната стигма, малтретирањето и траумата, градeјќи атмосфера натопена со напнатост, која кулминира во незаборавно кинематографско финалe.

