Македонија
Потребно е гаснење на малигниот пожар, кој има цел проширување и во регионот, порачува Ахмети за случувањата во Косово

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, преку напис на социјалните мрежи нападот во Косово го квалификува како сериозна провокација и, според него, тој може да има и регионални последици.
„Убиствениот напад врз Косово и полицијата во земјата е напад врз мирот, стабилноста и безбедноста на целиот регион“, пишува Ахмети.
„Најостро ги осудувам нападот врз косовската полиција и убиството на полицаецот, како и ранувањето други лица утринава на северот од Косово“, додава лидерот на ДУИ.
Таквата, како што ја нарекува сериозна провокација, според него, е намерна со однапред одредена агенда, затоа порачува дека треба да се управува со ладнокрвност и мудрост бидејќи последиците може да бидат регионални врз мирот и стабилноста.
„Овие случувања се неприфатливи и координацијата и соработката со меѓународната заедница, гарантирајќи го мирот и независноста во Косово, се неопходни и итни.
Потребна е итна акција за гаснење на малигниот пожар, кој има цел проширување и вклучување на регионот.
Изразувам искрено сочувство до семејството на жртвата и брзо закрепнување на повредените“, пишува Ахмети на „Фејсбук“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Пензионерите се нови жртви на лагите на власта, 97 проценти од нив добија само 1.000 денари

„На пензионерите сакам да им порачам: вие сте последната група на граѓани којашто оваа власт ја прелажа,“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој потсети дека и пред пензионерите, излажани беа работниците, лекарите и земјоделците:
„После работниците на коишто платата им се намалува – просечната плата три месеци по ред се намалува. После лекарите кои не гледаат ниту денар зголемување на платата. После земјоделците на кои им се укинаа субвенциите. После социјалната помош која апсолутно никако не се зголемува – сега и пензионерите сфатија дека се излажани.“
Филипче подвлече дека доколку останеше методологијата воведена од СДСМ, пензионерите денес ќе имаа двојно поголемо зголемување:
„Да останеше нашиот систем на методологија за зголемување на пензиите, сега 97% од пензионерите наместо 1.000 ќе земеа 2.000 денари зголемување.“
Претседателот на СДСМ предупреди и на загрозувањето на Пензискиот фонд:
„Со т.н. воведување на линеарно зголемување на пензиите, го загрозија работењето на фондот. Дупката после исплатените 5.000 денари од 30% се зголеми на 50%. Тоа значи дека половина од парите за пензии ги покрива државата. Едноставно нема пари во фондот.“
„Ние таква дупка затекнавме во 2017 година и постепено ја намаливме до 30%. Имавме систем кој го зајакнува фондот и гарантира стабилна исплата,“ рече Филипче.
Тој укажа дека ветеното зголемување е илузија:
„Овие 1.000 денари се веќе изедени од инфлацијата. Пензионерите едноставно нема да почувствуваат ништо. Уште една лажна кампања излезе на виделина.“
„Работата не е да ги прелажеш граѓаните. Работата е да им кажеш како се работи во нивна корист и во интерес на државата,“ подвлече Филипче.
Македонија
Минчев: Реформите не се затворен процес, тука сме заедно со граѓаните

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на јавната расправа за нацрт ажурираниот Акциски план 2025–2026 на Стратегијата за реформа на јавната администрација (РЈА), што се одржа во организација на Министерството за јавна администрација. На настанот учествуваа претставници од институциите, граѓанското општество, меѓународните партнери и експерти од СИГМА, а свое имаше и Баграт Тунијан, раководител на СИГМА во Република Македонија.
Министерот Минчев нагласи дека ревидираните активности се резултат на суштински промени во институционалната и законската рамка, како и на потребата од реално прилагодување на реформите кон новите владини приоритети и препораките од Извештајот на СИГМА од 2024 година.
„Јавната администрација е крвотокот на државата. Нашата задача е тоа срце да го зајакнеме, да му дадеме нов ритам, европски ритам, ритам кој ќе служи на граѓаните, а не на партиите или тесните интереси“, рече Минчев.
Тој ја потенцираше и важноста на консултативниот процес со засегнатите страни, кој резултираше со ревидираниот Акциски план, нагласувајќи дека „реформата не е затворен процес, таа е отворена, директно поврзана со граѓаните, институциите, граѓанското општество и меѓународните партнери“.
Целта на јавната расправа беше да се презентира и дискутира со засегнатите страни за нацрт ажурираниот Акциски план за РЈА, кој ги одразува новите приоритети од владината програма 2024–2028, како и клучните наоди од извештаите за спроведување на стратегијата и процесот на европска интеграција. „Нашата визија е јасна: силна, професионална и европска администрација, која нема да биде товар, туку двигател на развојот,“ порача министерот Минчев. Јавната расправа е последниот чекор пред формалното усвојување на ажурираниот Акциски план, кој ќе биде основа за натамошно унапредување на јавната администрација во функција на граѓаните и во согласност со европските стандарди.
Македонија
Извештајот, по сомневањата за непотребни операции на срце, ќе биде јавно достапен, но откога и нашите и странските експерти ќе го завршат

Странските експерти сѐ уште не се вклучени во анализата дали во 13 пријавени случаи имало непотребно направени операции на срце по скандалозните тврдења на кардиологот Сашко Кедев дека во земјата за пари се прават операции на срце и кај пациенти што немаат медицинска потреба. Домашниот експертски тим веќе завршил со разгледување на првите осум случаи што стигнаа во Министерството за здравство, но министерот Азир Алиу вели дека сѐ додека не заврши целиот процес, нема да објавува детали.
„Завршени се осум предмети, кои беа првично архивирани кај нас како Министерство за здравство. Имаме уште пет нови случаи, кои се работат. Нема да известиме ништо сѐ додека извештајот не е конечен, сѐ додека не завршат сите случаи. Кога ќе завршат сите анализи, и административни и клинички, тогаш тој конечен извештај ќе биде јавно достапен на веб-страницата на Министерството. Странските експерти во оваа фаза сѐ уште не се вклучени. Нема да се вклучат сѐ додека домашните експерти не завршат со сите случаи. Во оваа фаза само комунициравме, тие не се активни. Чекаме да се заврши со наодите, тоа се сензитивни процеси, и потоа ќе имаме заеднички состанок, локален експертски тим со меѓународниот експертски тим, и се надевам дека тогаш ќе имаме чист случај како понатаму, кои политики треба да ги имплементираме и дали можеби да се размислува за менување на некои од законите со цел да имаме појасно дефинирани протоколи за ваков вид услуги“, вели министерот Алиу.
За петте нови случаи, министерот Алиу извести минатата недела. Тимот странски експерти од Словенија, Австрија и од Италија ќе го дадат конечното мислење за сите пристигнати случаи, но тие ќе почнат со работа по локалните избори.