Свет
Британскиот министер за одбрана вети обука за 30.000 украински војници
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/10/tbI1O-ukraina.jpg)
Британскиот министер за одбрана, Грант Шапс, вчера изјави дека Велика Британија стои рамо до рамо со Украина и потврди дека Британците ќе обучуваат 30.000 украински војници.
„Нашата цел е да обучиме 30.000 украински војници. Не мислам дека британската решителност ќе се разниша на кој било начин. Ќе застанеме рамо до рамо со Украинците“, изјави Шапс, пренесува „Скај њуз“.
Прашан дали Западот се изморил од барањата на Украина за помош и поддршка, Шапс рече дека поддршката ќе продолжи.
„Не заборавивме како тиранинот влезе на територијата на соседната држава. Ако не го спречиме, од историјата знаеме што ќе се случи понатаму. Затоа продолжуваме со поддршката“, рече британскиот министер за одбрана.
Тој во исто време најави дека Велика Британија ќе испрати десетици илјади муниција и дополнителна поддршка во воена опрема за Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Свет
Гутереш: Израел шири дезинформации за мене
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2021/01/guteresh.jpg)
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, го обвини Израел дека шири дезинформации за него за време на повеќе од осуммесечната војна меѓу Израел и палестинските милитанти Хамас во Појасот Газа.
„Многупати го слушнав истиот извор како тврди дека никогаш не сум го нападнал Хамас, дека никогаш не сум го осудил Хамас, дека сум поддржувач на Хамас“, рече Гутереш на прес-конференција зборувајќи за интегритетот на информациите, без да го именува Израел.
„Го осудив Хамас 102 пати, 51 од нив во официјални говори, а останатите на различни социјални платформи. Вистината секогаш победува на крајот“, додаде.
Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, рече дека осудите на Гутереш се „празни зборови во споредба со неговите постапки“.
„Неговата единствена цел е да му помогне на Хамас да ја преброди оваа војна. Сметаме дека заслужува презир тоа што генералниот секретар одбива да се придржува до стандардите на ОН и дава искривена слика за настаните на теренот“, тврдеше Ердан.
„Антонио Гутереш е соучесник на теророт и треба да поднесе оставка денеска“, рече израелскиот амбасадор.
Односите меѓу ОН и Израел долго време беа затегнати, а за време на војната меѓу Израел и Хамас тие само се влошија.
Израел ги обвини ОН дека дејствуваат против нивната држава, обвинувајќи го персоналот на ОН за соработка со Хамас и други милитанти. ОН истражува некои од наводите, но изворите велат дека во многу случаи допрва треба да се добијат докази од Израел.
Свет
Објавени први снимки од Асанж на слобода
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/45954aef-bae5-4296-a8af-24d07cf2245c.jpg)
Џулијан Асанж (52) вчера го напушти затворот со максимална безбедност Белмарш во Велика Британија, откако таму помина 1.901 ден.
Високиот суд во Лондон му одреди кауција, а во текот на попладнето беше пуштен на аеродромот Стенстед, каде што се качи во авион и полета од Велика Британија.
Викиликс го објави првото видео на Асанж по излегувањето од затвор.
„По повеќе од пет години вo ќелија oд 2 на 3 метри, изолиран 23 часа дневно, тој наскоро повторно ќе се соедини со сопругата Стела и нивните деца, кои го познаваат само нивниот татко зад решетки“, објави Викиликс на Икс.
Julian Assange boards flight at London Stansted Airport at 5PM (BST) Monday June 24th. This is for everyone who worked for his freedom: thank you.#FreedJulianAssange pic.twitter.com/Pqp5pBAhSQ
— WikiLeaks (@wikileaks) June 25, 2024
Асанж се согласи да се изјасни за виновен по една точка од обвинението за заговор за добивање и откривање доверливи документи за национална одбрана на САД, според поднесоците во Окружниот суд на САД на Маријанските острови, американска територија во Тихиот Океан.
Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, оваа недела треба да се изјасни за виновен за кршење на американските закони за шпионажа, во договор што ќе му стави крај на неговото затворање во Британија и ќе му овозможи да се врати дома во Австралија.
За се проговори и мајката на Асанж. Таа рече дека е „благодарна“ што го видела крајот на судењето на нејзиниот син.
„Благодарна сум што на страдањата на мојот син конечно му се ближи крајот. Ова ја покажува важноста и моќта на тивката дипломатија“, рече Кристин Асанж, пренесува Скај Њуз.
Инаку, Асанж помина седум години во самоизолација во амбасадата на Еквадор во Лондон, пред да биде задржан во затвор со високо обезбедување во Лондон уште пет години.
Свет
Германија: Ние сме крајно загрижени, се заканува целосен конфликт на Блискиот Исток
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/12/gaza-napadi.jpg)
Германија е крајно загрижена поради порастот на насилството на израелско-либанската граница и зголемениот ризик од целосен регионален конфликт, изјави министерката за надворешни работи Аналена Баербок за време на посетата на регионот на Блискиот Исток.
Говорејќи на безбедносната конференција, Баербок, како пријател на Израел, предупреди дека Тел Авив може да изгуби во војната против Хамас и дека зголемениот гнев поради положбата на цивилите во Газа ја поткопува израелската безбедност.
Се зголемуваат стравувањата дека војната, во која веќе загинаа десетици илјади луѓе во Газа, може да се прошири и во соседните земји.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, во неделата навести дека Израел може да премести повеќе војници на север, каде што борбите против проиранската милиција Хезболах ескалираа на границата со Либан.
Хезболах почна да разменува оган со Израел на 8 октомври, еден ден откако неговиот палестински сојузник Хамас, кој владее со Газа, го нападна јужен Израел, што предизвика војна во Појасот Газа. Десетици илјади луѓе избегаа од двете страни на границата.
„Ние сме крајно загрижени поради зголемувањето на насилството на северната граница. Утре ќе го посетам (либанскиот главен град) Бејрут токму поради оваа причина“, рече Баербок.
„Заедно со нашите партнери работиме напорно за да најдеме решенија кои можат да го спречат понатамошното страдање. Ризикот од ненамерна ескалација и сеопфатна војна расте секој ден“.
Германија чувствува историска одговорност кон Израел во нејзината желба да се искупи за геноцидот на европските Евреи во нацистичкиот холокауст, забележува Ројтерс.
Но, како и во другите западни земји, војната во Газа доведе до јавно негодување поради порастот на бројот на убиени Палестинци, кој сега изнесува над 37.600, а владата на германскиот канцелар Олаф Шолц ја заостри реториката за акциите на Израел.
Баербок ја истакна хуманитарната ситуација во Газа, велејќи дека најмалку 17.000 деца таму останале сирачиња или одвоени од своите родители.