Црна хроника
Приведен криминалец баран со потерница за издржување казна затвор, криумчарел мигранти од Сирија
Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Куманово при Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе кривична пријава против Д.С.(35) од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“ по член 418-б од Кривичниот законик.
На 24.09.2023 околу 18.40 часот на влез во с.Четирце, кумановско, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот забележале како од патничко возило „опел вектра“, со скопски регистарски ознаки, излегуваат пет лица мигранти, по што возачот не застанал на знак за запирање даден од полициските службеници и го напуштил местото. На местото биле затекнати пет лица мигранти од Сирија кои биле сместени во Прифатно – транзитен центар Табановце за понатамошна постапка.
По преземени мерки и активности било констатирано дека кривичното дело го сторил Д.С., кој на 25.09.2023 бил лишен од слобода од полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица. Притоа, по извршени проверки било констатирано дека тој бил баран по потерница, врз основа на судска наредба за издржување казна затвор од девет месеци за сторено кривично дело „кражба“ по член 235 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Кшање – Куманово за издржување на затворската казна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен скопјанец: бил баран по потерница за издржување казна затвор поради грабнување и силување
Вчера, во 14:20 часот, полициски службеници од Одделот за криминалистички работи – Ѓорче Петров и Одделот за криминалистички работи – Кисела Вода, при СВР Скопје, по издадена судска наредба, го лишија од слобода С.Х. (40) од Скопје.
Лицето било барано по потерница за издржување казна затвор во времетраење од четири години и 10 месеци, поради сторени кривични дела „грабнување“ и „силување“.
По целосно документирање на случајот, лицето ќе биде спроведено во надлежна казнено-поправна установа.
Црна хроника
Претрес во Гевгелиско: пронајдена дрога и откриена импровизирана лабораторија
На 17.12.2025 во село Богородица, гевгелиско, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија ги лишија од слобода А.Д.(18) и Д.Д.(52), двајцата од село Богородица.
При претрес на нивниот дом, извршен со судска наредба, пронајдени се повеќе различни пакувања со марихуана, бела прашкаста материја, повеќе шишиња исполнети со течност, дигитални ваги, предмети со остатоци од марихуана, како и други предмети наменети за импровизирана лабораторија за одгледување на марихуана.
Лицата се задржани во Полициската станица Гевгелија и по поднесување на кривична пријава се изведени пред судија од Основен суд Гевгелија, кој им определи мерка домашен притвор.
Црна хроника
Уапсени мажи во Гостиварско и во Ресен, возеле под дејство на алкохол
Ноќеска во 03:30 часот на патот Тетово – Гостивар, кај наплатна станица Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишија од слобода А.Р.(62) од Тетово.
При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со тетовски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,90 промили алкохол во крвта, по што веднаш е исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
Вчера во 19:04 часот на улица „Корчуланска“ во Ресен, полициски службеници од ОВР Ресен го лишија од слобода Б.М.(34) од село Велестово, охридско. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со охридски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,76 промили алкохол во крвта, по што веднаш е исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
По целосно документирање на настаните, против нив ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.

