Црна хроника
Обвинение за полицаецот со чиј пиштол беше убиена мигрантката Фатмата
По спроведена севкупна истражна постапка, предметен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против полициски инспектор за сторено кривично дело Тешки дела против општата сигурност.
Настанот се случи на 19.04.2023 година, во раните утрински часови близу Гевгелија, кај местото викано „Стара Касарна“ кога полициски службеник, распореден за опсервирање на теренот, го известил обвинетиот – раководител на смена, дека група мигранти илегално ја преминале државната граница на РСМ. Обвинетиот контактирал со полициски службеници за ГН Богородица кои требало да ги пресретнат и спречат мигрантите, по што полициските службеници се поставиле во близина на објект во изградба кај поранешната касарна Гевгелија. Откако во дворот на касарната биле забележани две возила во движење – ПМВ марка „Форд Фокус“ и ПМВ марка „Мерцедес“, обвинетиот издал наредба на двајца полициски службеници да се упатат кон главниот влез на касарната, додека тој тргнал кон групата мигранти.
Кога обвинетиот се приближил на околу педесетина метри зад ПМВ марка „Форд Фокус“ го забележал сега осудениот како излегува од возилото. Во меѓувреме групата мигранти се стрчале кон ПМВ марка „Мерцедес“, а обвинетиот откако им дал звучен сигнал од неговото возило се упатил кон нив со цел да го лиши од слобода второосудениот кој веќе ги прифаќал мигрантите туркајќи ги и обидувајќи се да смести што повеќе од нив внатре во возилото. Притоа второосудениот не се одзвал на предупредувањето од обвинетиот кој извикал „Стоп Полиција“, по што обвинетиот полициски службеник уште еднаш го предупредил држејќи во раце службен пиштол.
Иако знаел дека може да реагира и со тоа свесно да го доведе во ризик животот и телото на останатите присутни, обвинетиот му се приближил на второосудениот кој наеднаш се свртел и се втурнал во обвинетиот, замавнувајќи со десната рака кон вратот на обвинетиот, по што се нафрлил врз него обидувајќи се да му го одземе пиштолот. Обвинетиот и покрај тоа што бил свесен дека на местото на настанот има поголема група на лица – мигранти, како и тоа дека во раката држи огнено оружје полно со муниција, се впуштил во борба со второосудениот и притоа испукал еден истрел предизвикувајќи значителна опасност за животот и телото на насобраните лица. Испуканиот истрел, ја погодил Fatmata Kamara од Сиера Леоне, која седела на задното седиште во возилото нанесувајќи и повреда во задниот дел на десното рамо, па како резултат на здобиените повреди мигрантката починала откако била пренесена во ЈЗУ Општа болница Гевгелија.
За кривично правниот настан пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се водеше уште една постапка во која по признание на вина две лица се правосилно осудени на затворски казни за кривично дело Криумчарење на мигранти од член 418-б став 2 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Пронајдена дрога во тетовско, уапсени две лица
Вчера во 23:30 часот во с.Боговиње, тетовско, полициски службеници од Полициското одделение Камењане ги лишија од слобода Б.А.(20) и Ф.А(20) двајцата од с.Боговиње.
При преглед на патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, во кое се превезувале, била пронајдена и одземена марихуана.
По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
Црна хроника
Уапсени двајца малолетници од Скопје, не застанале на полициска патрола, со мотоцикл удриле полицаец
Ноќеска во 00:45 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода и приведоа двајца 16-годишници од Скопје.
При вршење службени дејствија, околу 00:10 часот на бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, полициски службеници забележале мотоцикл без регистарски ознаки, кој го управувал еден од малолетниците, но тој не застанал на знак за запирање, по што со мотоциклот удрил во еден полициски службеник и му нанел повреди.
Набргу, по преземени мерки мотоциклот е запрен и тие се фатени, при што малолетниот сопатник агресивно се однесувал кон полициските службеници.
По целосно документирање на случајот, против двајцата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Топ
Работник од Дебар загина по несреќа на градилиште, починал на пат кон болница
Работник од Дебар го загуби животот по несреќа на градилиште што се случила вчера претпладне.
Како што било пријавено во ОВР Дебар околу 11:35 часот од Итната медицинска помош, 40-годишниот С.К. од Дебар починал на пат кон болницата во градот. Според информациите, околу 11:15 часот тој паднал од зграда во изградба на улицата „Братство единство“ во Дебар, каде што бил ангажиран на работа.
По несреќата, повредениот бил пренесуван кон болницата, но им подлегнал на повредите за време на транспортот.
На местото на настанот излегле трудов инспектор и јавен обвинител, а по нивна наредба телото на починатиот е предадено на обдукција. Увид на локацијата извршила екипа од ОВР Дебар.

