Македонија
Петровска со командантот на Армијата на САД за Европа, генерал Каволи: потврда за одличната македонско – американска одбранбена соработка
Во пресрет на утрешната конференција на началници на Генералштаб на земјите од САД – Јадранската повелба, министерката за одбрана Славјанка Петровска, во Министерството се сретна со командантот на Армијата на САД за Европа, генералот Кристофер Каволи, кој воедно е и командант на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО за Европа.
На средбата, Петровска и Каволи разговараа за безбедносната состојба во Европа, за придонесот на САД и Северна Македонија во зацврстувањето на колективната безбедност на Алијансата, како и за развојот на соработката помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Армијата на САД за Европа.
Министерката Петровска информираше дека Северна Македонија е посветена на имплементација на Пакетот на НАТО цели на способности кој е директно поврзан со унапредувањето на капацитетите на Армијата со цел зацврстување на безбедноста на Северна Македонија, регионот и Алијансата.
„Северна Македонија е посветен сојузник на НАТО и стратешки партнер на САД. Со сигурност можам да кажам дека одбранбениот буџет следната година ќе достигне 2% од брутодомашниот производ, и дека продолжуваме со реализација на плановите за модернизација на Армијата кои се во тек“, рече министерката.
Што се однесува до билатералната соработка, Петровска потенцираше дека сојузничката поддршка од нашиот стратешки партнер САД има суштински придонес во развојот и модернизацијата на Армијата на Република Северна Македонија.
Министерката се осврна и на големиот број на заеднички обуки и вежби со Армијата на САД, при што порача дека тоа е најдобриот начин да продолжиме да ја градиме интероперабилноста во Алијансата.
Генералот Каволи истакна дека соработката помеѓу Армијата на САД за Европа и Армијата на Република Северна Македонија е на највисоко ниво и дека истата ќе продолжи да се развива и во иднина.
Претходно генералот Каволи оствари средба со началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на кој беше разговарано за заедничките активности на Армијата со Командата на силите на САД во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија и Египет ќе соработуваат во високото образование и науката
Македонија ќе добие поддршка во напорите за унапредување на високото образование од страна на Египет, земја чии универзитет забрзано се искачуваат на глобалните ранг листи, а ќе се продлабочува и билатералната соработка во областа на науката и истражувањата. Ова беше потврдено на состанокот помеѓу министерката за образование и наука Весна Јаневска и египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур, што се одржа денес во Каиро.
Работно тело составено од претставници што ќе ги номинираат ресорните министерства на двете држави ќе дефинира конкретни активности што ќе ја продлабочат соработката, а ќе се разгледаат и можностите за креирање на заеднички студиски програми со двојни дипломи. Во фокус ќе бидат високообразовните установи во областа на медицината и техничките науки, со особен акцент на компјутерското инженерство и земјоделството.
Министерката Јаневска ги претстави промените кои се започнати во областа на високото образование во Македонија, нагласувајќи дека во моментот се изработува и ново законско решение, а ефектите од планот за реформи се очекуваат на среден рок од 5 години. Се осврна и на значително зголемениот буџет за наука и финансирањето на зголемен број научно – истражувачки проекти од интерес за државата и јавноста, усвојувањето и спроведувањето на Стратегијата за паметна специјализација на државата, а нагласи и дека министерството иницираше постапка за основање на првиот државен научно – технолошки парк кој ќе биде под надлежност на државата.
Министерот Ашур ги претстави силните страни на египетскиот високообразовен систем и политиките кои помагаат за забрзано напредување на државните универзитети на меѓународните рангирања. Изрази подготвеност во текот на овој месец да се формира работното тело меѓу двете држави, а веќе во следниот да се одржи непосредна средба на ректорите на шесте македонски државни универзитети и ректорите на најистакнатите египетски, како Универзитетот во Каиро. Го сподели националното искуство со основањето на научно – технолошки паркови и центри за извонредност, што ќе биде од голема корист за Македонија да ја оствари истата цел.
Јаневска од вчера е во Каиро каде се одржува Глобалниот конгрес за население, здравство и развој на човечки капитал. Ќе учествува на повеќе панел дискусии, а ќе биде воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење. Во текот на утрешниот ден ќе се сретне и со египетскиот министер за основно и средно образование, Мохамед Абдел Латиф.
Македонија
Да ја негуваме историјата, да ја практикуваме традицијата и да го пренесуваме културното наследство, порача Лукровски на денот на ослободувањето на Скопје
Делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Сотир Лукровски и советниците Христо Саракинов (ВМРО – ДПМНЕ) и Татјана Стојановска (Независни за Карпош) , денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред.
На тој начин, претставниците од локалната самоуправа одадоа почит по повод одбележување на 81 годишнината од ослободувањето на главниот град. Во рамки на свеченоста која ја организираше Сојузот на борци на Македонија, пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред се поклонија и бројни делегации и претставници од граѓански здруженија.
Пред присутните се обрати и првиот човек на Општината, Сотир Лукровски, кој во оваа пригода ја истакна важноста од чествување на празниците, кои се темел на македонската национална свест.
„Со жалење ќе констатирам дека бројот на живите сведоци од НОБ е навистина мал. Затоа апелирам, ние помладите да ја негуваме историјата, да ја практикуваме традицијата и да го пренесуваме културното наследство, бидејќи сите тие елементи се дел од нашата колективна историја“ – констатираше Лукровски.
Македонија
Утре со студено утро, преку денот сончево
Времето утре, наутро ведро и студено, а во текот на денот претежно сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Утре и во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, суво и тивко.
Во утринските часови ќе има појава на магла во одредени котлини. Во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец.

