Македонија
Зголемениот број мечки проблем во Маврово и Ростуше: жителите бараат кризна состојба
По вонредната седница од страна на Советот на Општина Маврово и Ростуше, Општината до Владата поднела информација со барање за прогласување кризна состојба на целата територија на општина Маврово и Ростуше. Ова е, како што велат од Општината, поради проблемот со зголемено присуство на кафеавата мечка на територијата на општината.
„Во Маврови Анови, по иницијатива на ЈУНП ‘Маврово’, се одржа средба со претставниците на месните заедници од општина Маврово и Ростуше, претставници на МЗШВ, МЖСПП, градоначалникот и претставници на Советот на Општина Маврово и Ростуше, претставници на МВР, ЈПКД ‘Маврово’, како и пратеничката во собранието на РС Македонија, г-ѓа Белкиса Зекири. Главната причина за организација на средбата беше актуелниот проблем со сè почестата појава на кафеавата мечка во населените места и последните пријавени случаи на влегување на мечката во приватни куќи и дворови на жителите на општината. На средбата свои излагања имаа претставниците на сите институции, а за своите проблеми зборуваа и претседателите и членовите на месните заедници од општината. Во обемната дискусија се потврди дека е евидентна пренаможеност на кафеавата мечка како на територија на паркот така и на целиот потег на Шар Планина и ова станува сè поголем проблем за населението“, се истакнува во објавата на социјалните мрежи.
На седницата бил изнесен податок дека на територијата на НП „Маврово“ би требало да има 70-ина мечки, но во моментот врз основа на постојните неофицијални податоците се проценува дека таа бројка е далеку поголема и изнесува од 130 до 160 единки.
„Претставниците на министерствата ја потенцираа потребата од почитување на постојните закони, како и обврските што институциите ги имаат преземено во согласност со европските законски регулативи и притоа се согласија дека состојбата мора да се третира и многу бргу да се дејствува преку носење нови законски решенија, изготвување акциски план и итно спроведување дополнителни мерки за заштита и превенција, кои ќе ја намалат опасноста за животот на луѓето. Откако се утврди дека повеќе од неопходно е брзо дејствување и изнаоѓање конкретни законски решенија во случај на појава, т.е. навлегување диви животни во населените места и притоа беше констатирано дека оваа постапка, иако е веќе почната, може да трае од 1 до 2 месеца, се донесе заклучок со кој се повикуваат советниците на Општина Маврово и Ростуше во најкраток можен рок да организираат вонредна седница на собранието на Општината. Советот на Општината од страна на Владата на РС Македонија, т.е. повиканите надлежни институции, ќе побара прогласување кризна состојба на територијата на општината“, се наведува во напишаното.
Кризната состојба, како што појаснуваат, ќе се побара со цел преземање дополнителни мерки за заштита на населението, заштита на животот и имотот, а со тоа и обезбедување на уставно загарантираното право на секој граѓанин за безбедно, слободно и непречено движење и живеење на територијата на целата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“
Вечерва, срцето на градот чукаше најсилно токму таму каде што се најчистите насмевки.
Со организација на кино-проекцијата на филмот „Биби и Боби“, им подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, истакна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако беше организирана посебна вечер наменета за децата од згрижувачките семејства и од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
„Сала исполнета со смеа, возбуда и детска искреност, моменти што нè потсетуваат колку малку е потребно за голема среќа, а колку многу значи вниманието.
По завршувањето на филмот, поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња.
Како градоначалник, но пред сè како човек, останувам цврсто посветен на создавање можности, поддршка и сигурност за најмладите, особено за децата кои се дел од системот на социјална заштита.
Нивната радост е нашата најголема обврска.
Секое дете заслужува внимание, љубов и убави празнични денови“.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

