Економија
(Видео) Пендаровски: Потребен е модел за амортизирање на пазарните шокови и спречување на одливот на квалификувана работна сила

Како мала, отворена и увозно зависна економија, земјата диспропорционално ги чувствува ефектите од глобалните потреси и затоа е важно да биде пронајден модел за амортизирање на пазарните шокови во амбиент на постојано променливи економски околности, порача претседателот Пендаровски на 9. меѓународна истражувачка конференција на тема „Повторното актуализирање на инфлацијата и новите геополитички реалности – Редизајнирање на макроекономската политика“, што во организација на Народната банка, во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс, се одржува во Скопје.
За да се спречи одливот на квалификувана работна сила, според претседателот Пендаровски, неопходно е да се обидеме да ги направиме нашите економски системи податливи и за развој на економската слобода и за еднаквоста на можностите и посочи дека се неопходни реформи во виталните сегменти клучни за економскиот развој, како што се инвестициите, продуктивноста на трудот, димензионирање на образованието според барањата на пазарот на трудот и креирање квалитетни работни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Трајчулевски: Зошто кредит од 6 милјарди евра кога имаме можност за неповратни грантови од ЕУ?

Договорите како планираниот со Велика Британија во никој случај не треба да значат замена за европските фондови кои се единствениот начин нашата држава да добие неповратни средства за реализација крупни инфраструктурни проекти, порача пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, на денешната собраниска седница на која на дневен ред беше Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Затоа, како што кажа Трајчулевски, полноправното членство во ЕУ мора да остане најважен надворешно политички проект за нашата држава.
„Не постои ниту една држава поединечно, која може да обезбеди помош како Европската Унија. Единствениот начин нашата држава да добие неповратни средства за изградба на нашата инфраструктура е преку процесот на европска интеграција. Ќе се согласиме – не е исто, суштински е различно. Да добиете грант, неповратни средства без да ги задолжувате идните генерации или да се задолжувате со огромни кредити како овој денес“, рече Трајчулевски.
Во своето излагање Трајчулевски рече дека предложените приоритетни проекти за финансирање со договорот со Велика Британија – железничкиот Коридор 10 и Коридорот 8, се паневропски коридори за кои многу лесно ќе можеше да се обезбедат грантови преку ЕУ. Македонија го нема луксузот да не користи неповратни средства кои ѝ стојат на располагање“, рече Трајчулевски.
„Сакам да се осврнам на предложените приоритетни проекти за финансирање, особено железничкиот Коридор 10 и Коридорот 8, кои се наведени во анексот кон договорот. И двата овие коридори, и десетката и осмицата се паневропски коридори и се наоѓаат на главната мрежа на европски коридори. Ова значи дека многу лесно може да се обезбедат грант-средства за изградба на овие коридори од фондовите на Европската Унија“, потенцираше Трајчулевски и порача Владата да не се откажува од европските фондови, особено во делот на транспортната инфраструктура, која е најскапа и изискува огромни средства.
Економија
Национална конференција на ОРМ: Продуктивноста на компаниите е загрижувачки ниска, време е за реформи

Ограничениот пристап до финансии, слабите институции и корупцијата се главните пречки за растот на продуктивноста и развојот на македонските фирми. Овие фактори ја нарушуваат конкуренцијата и создаваат долгорочна непредвидливост која ги обесхрабрува инвестициите и иновациите, кои пак, заедно со добрите менаџерски практики и вештините, имаат суштинско значење за долгорочна конкурентност на домашните компании. Ова се дел од клучните наоди од истражувањето презентирано во рамки на националната конференција: „Продуктивноста и нејзините главни двигатели за економски раст и конкурентност“, што се одржа по повод 20-годишнината на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ). Јубилејот и конференцијата на ОРМ ги поздрави и заменик – министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Истражувањето, кое за потребите на ОРМ го спроведе Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“, покажува загрижувачки тренд на намалување на вкупната продуктивност на македонските компании, што укажува на тоа дека фирмите во земјава стануваат сѐ помалку ефикасни во користењето на основните фактори на производство – трудот и капиталот. Дополнително, компаниите со странски сопственици имаат дури четири пати повисока продуктивност од домашните, додека извозно ориентираните компании се значително попродуктивни од оние што работат исклучиво на домашниот пазар.
„Продуктивноста е темелот на секоја успешна компанија и движечка сила за одржлив економски развој на целата земја. За да ја зголемиме, потребно е да почнеме да делуваме веднаш, преку добро обмислени и решителни реформи кои ќе ја подобрат бизнис климата, ќе значат елиминирање на системската корупција, ќе го подобрат пристапот на фирмите до финансии и ќе ги поттикнат инвестициите и иновациите во модернизација на домашната економија“, изјави претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска.
На конференцијата ОРМ презентираше и сет од конкретни препораки за раст на продуктивноста и деловната ефикасност, меѓу кои: обезбедување поголема финансиска поддршка за мали и нови компании преку поволни кредити, субвенции, даночни олеснувања за инвестиции во иновации и нови технологии; зајакнување на борбата против корупцијата преку зголемена транспарентност на институциите, независно и ефикасно судство; реформа на регулативата заради намалување на административниот товар и зголемување на предвидливоста на пазарните услови; ефикасна борба против нелојалната конкуренција и сивата економија преку дигитализација на услугите во јавниот сектор, засилен и координиран инспекциски надзор и ревизија на државната помош; и подобрување на инфраструктурата, особено дигиталната и енергетската, како клучен предуслов за технолошка модернизација.
„ОРМ, како единствена репрезентативна организација на работодавачите во рамки на социјалниот дијалог со владата и синдикатите, останува посветена на тоа да биде гласот на бизнисот. Ќе продолжиме да креираме решенија во соработка со институциите, синдикатите, експертите и граѓанското општество, со цел да го поттикнеме економскиот раст, да создадеме нови перспективи за младите и да обезбедиме социјална сигурност за сите“, најави Трајкоска.
Во рамки на конференцијата се одржа и панел-дискусија на која своите размислувања, ставови и предлози за тоа како продуктивноста да стане приоритет на економските политики во државата ги изнесоа претседателот на Собранието на ОРМ Ангел Димитров, професорката на Економскиот факултет при УКИМ д-р Даниела Бојаџиева, директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски и директорот на Државниот завод за статистика доц. д-р Дејан Станков.
Истражувањето и националната конференција со која се одбележа 20-годишнината на Организацијата на работодавачи на Македонија беа поддржани од Меѓународната организација на трудот, преку проектот Платформа за вработување и социјални прашања – ЕСАП 3, финансиран од Европската Унија.
Економија
Премиум брендот Black + Decker одсега достапен со купон плус акцијата во ВЕРО маркети

Премиум брендот Black + Decker одсега достапен со купон плус акцијата во ВЕРО маркети. Собирајте купони и до 31 јули одберете си апарат за домаќинство по ваш избор.
Секој дом заслужува премиум е новата купон плус акција која започна денес и трае до 31 јули. Со секоја сметка над 300 денари или со купување на некој од промотивните производи добивате купон. Со собрани 10 купони и одредена доплата секој потрошувач ќе може да подигне некој од производите на Black + Decker. Потрошувачите кои имаат ВЕРО клуб картичка со собрани 8 купони и одредена доплата ќе може да подигнат еден од апаратите за домаќинство по сопствен избор.
ПР