Македонија
Контејнери за електричен и електронски отпад поставени на 12 локации во Кисела Вода

Жителите на општина Кисела Вода од денес, на 12 различни локации, имаат на располагање специјализирани контејнери наменети за електричен, електронски отпад и отпадни батерии. Општината во соработка со Друштвото за управување со отпад „Нула Отпад“ од Скопје започнува со собирање и селектирање на електричен и електронски отпад, како и на отпадни батерии.
На самиот контејнер има инструкции за користење, како и список на дозволени видови на отпад, кои може да се одлагаат во него: батерии, мобилни телефони, мали куќни апарати како миксери, тостери, фенови, мали монитори, статични и преносни компјутери, тастатури, глувчиња, кабли, звучници и други слични уреди. Важно е да напоменеме дека контејнерите не се наменети за комунален отпад, стакло, хартија, пластика, облека и слични материјали.
Оваа иницијатива претставува значаен чекор кон заштитата и одржливоста на животната средина, помагајќи во намалувањето на опасниот отпад на улиците и сузбивањето на создавање на диви депонии околу контејнерите. Исто така, селектирањето и правилното одлагање на отпадот, придонесува за зголемување на јавната свест меѓу граѓаните.
Општина Кисела Вода апелира до сите свои жители за одговорно и свесно однесување и правило користење на поставените контејнери. Само заеднички можеме да допринесеме кон подобрување на состојбата на животната средина и остварување на одржливи практики кои ќе имаат долготрајни позитивни ефекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.