Македонија
Вељаноски: Во овој парламентарен состав се сменија тројца министри за правда и двајца премиери, а сè уште немаме донесено закон за вонредна состојба
„В година ќе имаме претседателски и парламентарни избори! Нема никаква оправданост економска, политичка, во текот на една година да имаме избори во различно време, па следствено на тоа, јасно е дека во исто време ќе се одржат и претседателски и парламентарни избори. Но, за да се исполни тој услов, потребно е да има предвремени парламентарни избори, а за да се оствари тоа, потребно е да са распушти Собранието 60 дена пред одржување на изборите. Следствено на тоа, во времето кога Собранието е распуштено, може да се јави потреба да се воведе вонредна состојба, како што беше со пандемијата во 2020 година“, пишува поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.
„Но, изгледа не ги научивме лекциите од 2020 година кога претседателот на РМ воведе вонредна состојба во услови кога Собранието беше распуштено, а немавме закон за вонредна состојба, во кој се прецизирани уставните обврски на институциите и се пополнети правните празнини во непредвидени ситуации. Тогаш сите политички фактори тоа го сметаа за најголем недостиг и си земаа задача во новиот парламентарен и владин состав тоа прашање итно да го решат за да има јасна законска процедура за идни случаи“, вели Вељаноски.
„Но, кај нас едно се зборува, а друго во реалноста се прави. До денес поминаа речиси 3,5 години, а немаме закон за вонредна состојба. Во овој парламентарен состав се сменија тројца министри за правда и двајца премиери, а сè уште немаме донесено закон за вонредна состојба. Не е добро за државата кога се бега од обврските, кога се работи само на она што во моментот е политички опортуно, а заедничките теми се оставаат или забораваат.
По парламентарните избори 2020 година имаше одредени обиди за носење закон за вонредна состојба. На 20.2.2021 година се одржа јавна дебата за носење закон за вонредна состојба под покровителство на претседателот на РМ, на која учествуваа министри за правда и уставни експерти. И во текот на декември 2021 година Владата официјално изјави дека планира да донесе закон за вонредна состојба, но, за жал, до денес не е регулирана правно оваа материја и не е донесен законот.
Резултат на правната празнина и нерегулирана материја за вонредна состојба е што Собранието не ги потврди 5-те одлуки за воведување вонредна состојба донесени од претседателот на РМ и преку 100-ина уредби со законска сила донесени од Владата во текот на 2020 година.
Предлагам Владата преку Министерство за правда итно да си ја заврши работата и да предложи, а Собранието да го усвои законот за вонредна состојба до крајот на годината“, додава Вељаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Михајлов: Со над 7 милиони евра финансирани се 148 проекти во рамки на „Еразмус +“
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска ги презентираше резултатите од спроведувањето на програмите на Европската унија „Еразмус +“ и „Европски солидарен корпус“ во 2025 година. Податоците покажуваат 95% искористеност на расположливиот буџет и успешна имплементација на бројни проекти за вмрежување на корисници од Македонија со партнери од други европски земји.
В.д. директорката на Националната агенција, Ана Михајлов, информираше годинава со над 7 милиони евра финансирани се 148 проекти со кои, пак, опфатени се 2079 корисници.
„Најголем дел од проектите се однесуваат на хоризонтални приоритети, нови методи на учење и работа, вештини и компетенции за дигитална писменост, инклузија и ментално здравје. Проектите се реализираа во соработка со партнери од земјите од регионот, но и од Франција, Белгија, Австрија, Португалија, Полска, Финска, Германија и други“, рече Михајлов.
Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска изрази благодарност до сите кои се заложија да изработат проекти за поддршка и развој на образованието, обуката, младите и спортот.
„Финансирани се квалитетни и корисни проекти и јас ги повикувам досегашните корисници да ги задржат интересот и заложбата на исто ниво и следната повторно да аплицираат за поддршка преку овие програми, кои се исклучително значајна компонента на севкупната национална стратегија за интеграција на македонскиот образовен систем во европскиот образовен простор“, рече Ивановска.
Информираше дека буџетот за следната година достапен преку овие две програми, ќе биде најголем досега и ќе изнесува над 8,17 милиони евра, односно за 430 илјади евра повеќе од 2025.
„Очекувам од Националната агенција да ги интензивира активностите за запознавање и на што повеќе нови, потенцијални корисници низ државата – ученици, студенти, наставно – научни работници, истражувачи, образовни институции, компании, граѓански здруженија, волонтери, младински работници и така натаму, а Министерството за образование и наука како национален авторитет за програмите, ќе помогне во тоа. Важно е да има промотивни теренски кампањи во соработка со локалните самоуправи, да има отворени инфо денови, конференции, медиумски кампањи и така натаму, бидејќи и Европската унија сосема разбирливо очекува висока транспарентност и голема инклузивност“, рече Ивановска.
На конференцијата позитивни практики од реализирани проекти презентираа Филозофскиот факултет во Скопје, средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, Карате федерацијата на Македонија, Сојузот за младинска работа, Здружение за развој на ромската заедница „Сумнал“ и други корисници на средства во рамки на програмите.
Македонија
На аеродромот во Скопје откажани се осум лета, а еден е пренасочен
Авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје се стабилизира, реализирани се 27 лета, откажани се осум лета, а еден е пренасочен, соопшти ТАВ Македонија.
„Од 20:00 часот, вчера, 21 декември 2025 година до 12:00 часот напладне денеска, 22 декември 2025 година, на Меѓународниот Аеродром Скопје, поради намалена видливост предизвикана од магла, состојбата со авиосообраќајот е следна откажани се следниве 3 лета во пристигнување Белград, Истанбул, Истанбул – Сабиха Гокчен (презакажан за 23.12.2205). Пренасочен е еден лет во пристигнување: Франкфурт-Хан. Откажани се следниве 5 лета во заминување: Цирих, Белград, Атина, Истанбул, Истанбул – Сабиха Гокчен (презакажан за 23.12.2205)“, се наведува во соопштението.
Сите останати, 27 летови слетаа и полетаа, односно пристигнаа и заминаа согласно планираниот ред на летање.
„Со оглед на тоа што временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија согласно своите интерни процедури има свој праг на толеранција за слетување и полетување при намалена видливост, повторно апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанија со која треба да патуваат“, се наведува во соопштението.
ТАВ известува дека сите капацитети на Меѓународниот Аеродром Скопје се во функција и аеродромот е отворен за авиосообраќај.
Промените во редовниот распоред на летање, се ажурираат на веб-страница во реално време https://skp.airports.com.mk/, како што стигнуваат од авиокомпаниите.
Доколку патниците имаат дополнителни прашања за нивниот лет можат да се обратат на пултот за информации во терминалната зграда или на телефонскиот број: +389 2 3148 333.
Македонија
Потпишан договор за соработка во образованието и науката помеѓу Македонија и Турција
Македонија и Турција ја продлабочуваат соработката во сферата на образованието, науката, технологијата и иновациите.
Со Договорот што го потпишаа министрите за образование и наука на Македонија и на Турција, Весна Јаневска и Јусуф Текин, двете држави ќе соработуваат и разменуваат информации и научни публикации во областа на формалното и неформалното образование и ќе поттикнуваат размена на академици, експерти за образование, наставници и ученици од средно образование.
Прифатена е размена на искуства во областа на средното образование, со фокус на стручното, како и обука и квалификации на наставници и доживотно учење, организирање на програми за обука, спроведување на заеднички проекти. Усогласена е размената на искуства во врска со новите образовни технологии, како и во делот на подготовка на наставните планови и програми.
Со Договорот се овозможува учениците да учествуваат на научни и културни натпревари кои што се одржуваат во двете земји, се промовира соработката за развој на заеднички програми како и збратимување на училишта.
Договорено е како изборни предмети да се предаваат „Јазикот и културата на Турците“ односно „Јазикот и културата на Македонците“, во Македонија и Турција, соодветно. Предвидено е и меѓусебно стипендирање на средношколци.
Заедничка работна група ќе се грижи за спроведување на Договорот.

