Македонија
Спасовски по повод Детската недела на најмладите им го објасни значењето на полицијата во општеството
Во рамките на Детската недела, која се одбележува секоја прва недела во октомври со цел развивање на општествената активност за афирмација на заштитата на децата, а како продолжение на проектот „Отворен кабинет“ на Министерството за внатрешни работи, министерот Оливер Спасовски го отвори својот кабинет за децата од Јавната општинска установа – детска градинка „Ангел Шајче“ од Куманово, која работи со престој на деца како од предучилишна така и од училишна возраст.
Целта на посетата беше најмладите да се запознаат со професијата полициски службеник, неговите основни работни обврски, како и со дел од опремата и возилата што полицијата ги користи во секојдневното работење во функција на што поголема безбедност на граѓаните. Дечињата се интересираа и за работата на министерот, а го почестија и со убава детска песничка, при што Спасовски со големо задоволство им ги покажа цртежите што го красат неговиот кабинет, а кои децата му ги подарија на минатата средба во Куманово. Министерот Спасовски како домаќин на најмладите посетители на својот кабинет им го објасни значењето на полицијата во општеството потенцирајќи ја важноста на целокупната безбедност, а посебно онаа на најмладите, кои се најголемото богатство не само за нивните родители туку и за државата во целост и им додели пригодни подароци. Притоа министерот Спасовски разговараше со нив и за неопходноста да бидат посветени во учењето, со што ќе се стекнат со богато знаење, да продолжат да ги сакаат и почитуваат своите родители, учителите, блиските и другарчињата, да се грижат за сопственото здравје и за животната средина и да израснат во примерни граѓани, кои ќе ја сакаат, ќе се грижат и ќе ја водат државата.
Претходно, дечињата во кругот на МВР беа пречекани од припадниците на Единицата за брзо распоредување, на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и униформираната полиција, каде што имаа несекојдневна можност да разгледаат дел од опремата на полицијата, а воодушевување кај нив предизвикаа и дел од борачките вештините што ги негуваат припадниците на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

