Европа
Има снимка, возилото полека се приближува до оградата и паѓа од надвозникот кај Венеција, вели директорот на компанијата што го ангажира автобусот
Најмалку 21 лице загина, а дваесетина се повредени кога автобус со туристи излетал од надвозник во близина на Венеција во северна Италија и се запалил, соопштија локалните власти.
Автобусот излетал од патот и паднал во близина на железничка пруга во областа Местре, која е поврзана со Венеција со мост. Причината за несреќата сè уште не е утврдена.
Официјални лица рекоа дека возилото паднало на далноводи и се запалило околу 19.45 часот.
„Автобусот е нов, нема ни една година. Возачот исто така беше добар, тој работеше кај нас пет-шест години“, рече Масимо Фиорезе, директор на компанијата „Ла Линеа“, која го ангажира електричниот автобус што се користеше за транспорт на туристи помеѓу Венеција и кампот.
Тој вели дека Алберто Рицота, 40-годишниот возач, кој загина во несреќата, не бил уморен и дека ја почнал смената непосредно пред несреќата, околу 18 часот.
„Тој ги собра луѓето од Пјацале Рома и ги врати во туристичкиот камп, во Маргера. 16 од нив резервираа превоз, но очигледно некои луѓе, кои немале резервирано, влегле кога виделе дека доаѓа автобус, голем, убав, со многу седишта“, вели директорот за „Кориере дела сера“.
„Има снимка од автобусот непосредно пред несреќата. Возилото доаѓа, забавува, кочи. За малку ќе застанало кога излетал низ заштитната ограда. Мислам дека на возачот му се слошило бидејќи не можам поинаку да објаснам. На видеото се гледа дека автобусот е речиси неподвижен, заштитната ограда е тенка, не е една од најмодерните, а автобусот бил доста тежок бидејќи бил електричен. Ударот бил фатален“, изјави Фиоресе.
Автобусот превезувал туристи, меѓу кои имало Украинци, Французи и Германци.
„Привремениот извештај покажува дека најмалку 21 лице се мртви, а повеќе од 20 лица се хоспитализирани, од кои многумина се во многу сериозна состојба“, рече Лука Заја, гувернер на регионот Венето, чиј главен град е Венеција, изразувајќи жалење за „трагедијата од огромни размери“.
Меѓу жртвите има и украински туристи, изјави за АФП портпаролот на градската управа, како и Германци и Французи, пренесува АНСА. Меѓу повредените има тројца Украинци, Хрват, Германец и Французин, изјави портпаролот за „Франс прес“.
Во тек е идентификација на загинатите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германците објавија план во случај на војна со Русија
Германија почна поинтензивно да работи на подготовките за можни кризни ситуации, вклучително и воени сценарија кои директно би влијаеле на земјата. Според весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), Бундесверот развил стратешки документ наречен „Операционен план Германија“, во кој се детализирани улогата на економијата и клучните инфраструктурни сектори во случај на вооружен конфликт.
Еден од клучните елементи на овој план е соработката со приватниот сектор за обезбедување снабдување и одржување на функционалноста на клучните сектори во случај на криза. Неодамна во Хамбург се одржа средба со претставници на логистички компании, на која воените власти презентираа насоки за подготовка во кризни ситуации. Беше истакнато дека логистиката ќе има клучна улога во овозможување мобилизација на силите и зачувување на стабилноста во земјата. Според ФАЗ, Бундесверот составил листа на приоритетни објекти и инфраструктура кои треба да бидат заштитени во случај на војна, вклучувајќи транспортни центри, магацини и енергетски системи.
Според сценариото кое предвидува одговор на НАТО на потенцијален конфликт со Русија, планирана е мобилизација на дури 800.000 војници и 200.000 возила преку германска територија. Јасно е дека за таква операција е потребно исклучително прецизно планирање и координација со цивилниот сектор, пишува ФАЗ.
Овие мерки доаѓаат во контекст на растечките геополитички тензии, особено по руската инвазија на Украина.
Освен Германија, други европски земји ги засилуваат подготовките за непредвидливи сценарија. Нордиските земји, како што се Шведска, Финска и Норвешка, исто така ги советуваат своите граѓани како да се подготват за потенцијални кризни ситуации, вклучително и обезбедување основни залихи со храна и вода.
Германското Министерство за одбрана редовно ги ажурира своите планови, приспособувајќи ги на промените во безбедносната средина.
Европа
Украинскиот парламент ја одложи седницата, на пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев
Украинскиот парламент ја одложи седницата што требаше да се одржи денеска поради безбедносни причини, јави јавната телевизија Суспилнe, повикувајќи се на извори.
„Беше планирано да се одржи седница на Врховната Рада на 22 ноември, на која пратениците требаше да поставуваат прашања до владата, но сè беше откажано поради безбедносни причини“, објави Суспилне. На пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев, а според некои од нив, следната седница на украинскиот парламент не е закажана до декември.
Одложувањето дојде откако рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање објави дека Русија вчера истрела хиперсонична балистичка ракета со среден дострел врз украински воен објект, како одговор на употребата на американски и британски ракети од Киев за гаѓање цели на руска територија.
Путин посочи дека „во случај на ескалација на агресивни дејствија“ би можеле да следат уште такви потези. Предупредувањата за големи ракетни напади ги натераа американските и другите амбасади во Киев да ги затворат своите врати во средата.
Еден опозициски член на парламентот, Олексеј Хончаренко, изрази фрустрација поради откажувањето на седницата во објава на апликацијата за пораки Телеграм, велејќи дека тоа е изгубена можност да се поставуваат прашања на владата.
Европа
НАТО: Новата руска ракета нема да нè одврати да ја поддржиме Украина
Експерименталната ракета со среден дострел истрелана од Русија кон Украина нема да влијае на текот на војната или на поддршката на НАТО за Киев, изјави портпаролката на алијансата.
Портпаролката на НАТО, Фарах Даклала, изјави за АФП дека рускиот напад во четвртокот на Днепар е „уште еден пример за руски напади врз украинските градови“, додавајќи:
„Користењето на овој капацитет нема да го промени текот на конфликтот или да ги одврати сојузниците од НАТО да ја поддржат Украина“.