Скопје
Андоновска: Срамота е што Арсовска не дојде на вонредната седница на Советот, која сама ја побара

Марија Андоновска, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, на почетокот на вонредната седница рече дека срамота е што градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, не дошла на седницата што самата ја побарала и побара да се обезбеди нејзиното и присуството на директорите на јавните претпријатија посочувајќи дека на денешната седница ќе се разговара за ребаланс на буџетот на Градот и ќе се носат важни одлуки и решенија во интерес на скопјани.
„Јас сакам да апелирам до Вас претседателе, во текот на расправата да обезбедите присуство на градоначалничката и на директорите на јавните претпријатија и сите оние што се засегнати со точките на дневен ред бидејќи денеска овој Совет изгласа вонредна седница. На денешната средба имаме ребаланс, програми и одредени важни одлуки што треба да ги донесеме. Јас навистина не можам да најдам оправдување ниту, пак, разбирање зошто се предлага ребаланс, зошто имаме вакви клучни точки, но повторно ги немаме градоначалничката Арсовска и директорите да ни ги објаснат овие точки за да можеме аргументирано да дебатираме на оваа седница да дојдеме до решенија што се од најдобар интерес на граѓаните на Скопје“, рече Андоновска.
Андоновска потенцира дека Арсовска, иако е избрана за да биде поинаква од нејзините претходници во минатото, како и потранспарентна, не се појавува на седниците со месеци, односно, како што рече таа, неразбирливо е таквото однесување бидејќи советниците не може да добијат ниту една информација, а со тоа се блокира и работата на Советот на Град Скопје
Една од работите за кои беше избрана е да биде поинаква од она што се случувало пред неа. А една од работите е да биде потранспарентна. Каде е транспарентноста кога ја немаме ниту денес ниту седници наназад да дојде да дебатираме и да ги соочиме аргументите и да најдеме најдобри решенија за скопјани. Затоа апелирам уште еднаш да најдете начин да биде повикана и да дојде на денешната расправа бидејќи не е разбирливо да не се појави ниту еднаш во овој Совет со месеци и да не можеме ние како Совет да добиеме ниту една информација, вели Андоновска.
Ваквиот начин на работа не само што не е транспарентен, туку претставува и блокирање на работата на Советот, а воедно и неносење одредени одлуки, заклучи Андоновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Асфалтирање краци од улицата 500 во Марино, општина Илинден

Во рамки на програмата за реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта, општина Илинден продолжува со активности за подобрување на патната инфраструктура, известуваат од Општината.
Како дел од овие активности, целосно се реконструирани и асфалтирани три краци (крак 1, крак 4 и крак 5) од улицата „500“ во населбата Марино, во вкупна должина од приближно 230 метри, велат од општина Илинден.
Градоначалникот Александар Георгиевски изврши увид во градежните зафати и нагласи дека претходно на овие улици е поставена фекална канализација, по што се пристапува кон финализирање со асфалтирање. Во наредниот период се предвидува продолжување со слични зафати на други улици, со цел унапредување на условите за сообраќај, зголемување на безбедноста и подобрување на квалитетот на живот на жителите.
Проектот е целосно финансиран од буџетот на Општина Илинден, со што значително ќе се подобри локалната патна инфраструктура, се додава во соопштението.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 11:00 часот, корисниците од селата: Рашче, Бојане, Копаница, Горно и Долно Свиларе, Радуша и Кондово (Општина Сарај ) и дел од нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од с. Таор. (Општина Зелениково)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците на дел од ул.Благоја Гојан и ул. Рилски конгрес.(општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од ул. Коле Неделковски, (од ул. Ленинова до Градинката). (Општина Центар)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од ул. Домазетовска во с. Драчево. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Осло. (Општина Карпош)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците во околината на објектот на ул. Козле бр. 149. (Општина Карпош)
· од 09:30 до 12:00 часот, корисниците од улиците: Речиште и Герника во с. Драчево. (Општина Кисела Вода)
Македонија
(Фото) Се гради првата спортска сала во населбата Припор

Денес беше направен увид во градежните работи за изградба на првата училишна спортска сала во населбата Припор од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Новиот објект ќе биде сместен во дворот на ПОУ „Круме Кепески“ и ќе се простира на 500 квадратни метри, со рок за изведба од две години. Проектот е овозможен со поддршка од Владата, по успешната апликација на општина Кисела Вода на владиниот повик за обезбедување средства за реализација на капитални проекти, информира Општината.
Салата ќе обезбеди современи услови за спорт и рекреација на учениците и младите од овој дел на градот. Дополнително, ќе се изврши целосно партерно уредување на училишниот двор, со што ќе се создаде безбеден и функционален простор за секојдневни активности. Вредноста на проектот изнесува 16.449.974,80 денари, извести општина Кисела Вода.
Изградбата на спортската сала претставува инвестиција во подобро образование, здрави навики и развој на младите генерации во Припор. Во изминатите четири години се изгради спортска сала во Пинтија, се реконструираше салата во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, започна изградбата на сала во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, заврши реконструкцијата на салата во ООУ „Партение Зографски“, како и реконструкцијата на салата во ООУ „Климент Охридски“. Во моментот е подготвена документацијата за изградба на нова сала во ООУ “„Кузман Шапкарев“, а салата „Расадник“ темелно се реконструира во соработка со Министерството за спорт, се додава во соопштението на општина Кисела Вода.