Македонија
Уставна тужба како инструмент за заштита на граѓаните, предлага Кацарска
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, учествува на регионална конференција во Будва, Црна Гора, на која се дискутира за заштита на правата на приватност и улогата на уставните судови.
Во рамките на конференцијата Кацарска имаше свое обраќање на тема: „Улогата на Уставниот суд на Република Северна Македонија во заштитата на приватната сфера на граѓаните“, при што ја нагласи нужноста од воведувањето на уставната тужба и теоретски и преку конкретен пример со масовното прислушување.
Во својот говор Кацарска даде осврт и свое видување на уставните одредби што даваат заштита на човечкото достоинство, заштитата на приватноста од областа на семејниот и личниот живот.
„Пред судот може да се иницира индивидуална постапка за заштита на одделни слободи и права од приватната сфера наведени во член 110 алинеја 3 од Уставот, како што се слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Тоа е постапка уредена со Деловникот на судот, која почнува со поднесување барање за заштита од страна на граѓанин за повреда сторена со поединечен правосилен или конечен акт или дејство на носител на јавно овластување.
Меѓутоа, ваквата уставна заштита не е целосна, односно сеопфатна. Како пример може да се наведе случајот пред неколку години кога на јавноста во Република Северна Македонија ѝ беа презентирани докази за масовно кршење на приватноста на над дваесет илјади граѓани, чија комуникација била неовластено прислушувана од страна на структури во Министерството за внатрешни работи. Притоа преку овие нелегално прислушувани разговори имаше масовно кршење на слободите и правата од приватната сфера поради што голем број граѓани трпеа последици.
За жал, поради ограниченоста на индивидуалната уставно-судска заштита само на одделни уставни слободи и права, овие граѓани беа лишени од можноста да се обратат пред Уставниот суд и да бараат заштита.
Во насока на надминување на ова, мојот став е дека преку уставна реформа со воведување посебен инструмент – уставна тужба ќе се прошири опсегот на заштита на сите слободи и права од страна на Уставниот суд, утврдени со Уставот“, напомена Кацарска.
Регионалната конференција се одржува во периодот од 4 до 6 октомври 2023 година во Будва, со поддршка на германската фондација за правна соработка ИРЗ, а меѓу учесниците присутни се: Штефан Пирнер, раководител на одделението на ИРЗ, д-р Удо Штајнер, поранешен судија од Сојузниот уставен суд на СР Германија, како и претставници од уставните судови на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Покрај официјалниот наслов на дискусија, претседателката оствари и засебни средби со делегациите од другите земји, на кои се споделија искуствата од практицирањето на уставната тужба/жалба во различните уставни судови.
Дополнително, оваа тема е предмет на соработка и дискусија со германски експерти, кои со поддршка од ИРЗ изработија студија за уставна жалба во Република Северна Македонија, која ќе биде презентирана на регионална конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денеска задолжителна зимска опрема за возилата
Од денеска стапува во сила обврската за задолжително користење на зимска опрема за возилата. Оваа обврска ќе трае до 15 март следната година.
За да избегнете сообраќајни казни и прекршоци, од АМСМ велат потребно е да го усогласите вашето возило со пропишаните барања:
– Возила до 3.500 кг: потребни се зимски гуми на сите тркала со длабочина на шарата од минимум 4 мм, или летни гуми со истата длабочина, со задолжително носење синџири за снег.
– Возила со погон на сите тркала (4х4): зимски гуми со длабочина од најмалку 6 мм, или летни гуми со минимум 4 мм длабочина и синџири за снег.
– Возила над 3.500 кг: зимски гуми со длабочина од 6 мм на погонските тркала, или летни гуми со минимум 4 мм, со задолжителни синџири за снег.
Покрај ова, автобусите и товарните возила мора да носат прирачен алат како лопата, ако не можат да користат синџири за снег, информираат од АМСМ.
Македонија
Времето денеска сончево, со температури до 19 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југозападен правец. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 15 до 19 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 17 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.

