Македонија
Османи со Вархељ во рамките на Берлинскиот процес: Време е ЕУ да дејствува сега и да го направи тоа без двоумење
Во рамките на учеството на министерскиот состанок на Берлинскиот процес, кој се одржува денес во Тирана, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на заедничка средба со колегите од државите на Западен Балкан и еврокомесарот за проширување и соседство, Оливер Вархељ.
Османи потсети дека оваа година Северна Македонија го иницира концептот „Повеќе интеграција пред членство“, со кој се предлага поголемо политичко и институционално вклучување во процесите и политиките на Европската Унија, како и зголемено финансирање за државите кандидати, а со тоа и повеќе конкретни придобивки за граѓаните уште во текот на процесот на преговори со ЕУ.
Уште еднаш ги поздрави позитивните сигнали од ЕУ цитирајќи ги зборовите на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, од Блед, со кој е поставена 2030 година како временска рамка за влез на нови земји членки.
„Ова дава нова надеж. Време е ЕУ да дејствува сега и да го направи тоа без двоумење. Во меѓувреме, земјите кандидати треба што повеќе да се интегрираат во процесите и политиките на ЕУ за да бидат што поподготвени за членство до 2030 година. На пример, министрите за надворешни работи од државите од регионот, кои имаат стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, треба да бидат поканети да присуствуваат на состаноците на Советот за надворешни работи заедно со министрите од земјите членки на ЕУ“, предочи Османи.
Ја поздрави најавата за новиот план за раст за Западен Балкан од Европската комисија велејќи дека користењето повеќе фондови од ЕУ, условено со реформските перформанси на земјите, ќе послужи како мотиватор за реформи и ќе помогне да го намалиме јазот во приближувањето кон ЕУ, како и да станеме подобро подготвени за пристапување.
„Но, принципот на заслуги мора да остане апсолутен императив – кога нашите земји ќе испорачаат, ЕУ мора да испорача. Ова е крајниот мотиватор и се надеваме дека ЕУ ќе може да донесе важни одлуки за регионот овој декември“, потенцира Османи.
Османи посочи дека обединета и просперитетна Европа во мир може да се постигне само со обединет и просперитетен Западен Балкан во мир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес дожд и грмежи, можно е краткотрајно невреме со силен ветер и град
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има услови за појава на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе се движи од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.