Македонија
АСОМ до пратениците: Кажете „нe“ на неевропскиот и неуставен закон за игри на среќа
Асоцијацијата на спортските обложувачници на Македонија АСОМ и Асоцијацијата на приредувачите на игри на среќа во автомат-клубови и казина – АПИС, во придружба на некои од своите вработени пред Собранието испратија порака до пратениците од Комисијата за европски прашања да го отфрлат предлог-законот за игри на среќа, кој ќе значи крај за легалната индустрија на игри на среќа и ќе им отвори широко врата на сивата економија и криминалот.
„Овој закон не е ништо друго, освен директна интервенција на државата, со која повеќе од 10.000 директно вработени и 54.000 индиректни работници ќе останат без приход и работа. Секој еден од овие луѓе, кои ни се придружија денес, директно ќе бидат погодени со губење на работното место ако се донесе овој неевропски, неуставен и монополски закон. Луѓето плаќаат кредити, многумина од нив се родители, кои ја планираат иднината на своите деца, сите тие се луѓе што ќе бидат оставени без приходи во време на инфлација и економска криза“, истакна Васко Илијевски, претседател на АСОМ.
Двете асоцијации апелираа до пратениците и до Владата да ги сфатат многу сериозно и потенцираа дека апсолутно се неприфатливи предлог-измените, кои предвидуваат дислокација на објектите, забрана за приредување игри на среќа на интернет за лиценцираните приредувачи, како и зголемување на давачките и надоместоците.
„Покрај тоа што законот е направен со цел уништување на легалната индустрија, тој е подготвен исклучително непрофесионално, со низа небулози спротивни на пазарната логика. Тоа е така затоа што со години Владата и сите институции воопшто не се консултираат со нас како легитимни претставници на 95 % од лиценцираните компании во државата. Далеку од очите на јавноста, далеку од експертите и познавачите, Владата си скроила апсурден закон, кој не смее и нема да помине“, потенцира Илијевски.
АСОМ и АПИС посочија дека новите предлог-измени ќе предизвикаат непоправливи економски штети за целата држава бидејќи Владата ќе ликвидира легална индустрија, која во буџетот годишно носи прилив од 280 милиони евра. Тие истакнаа дека од нивен интерес е играчите да се заштитени и едуцирани, а легислативата да се европеизира.
„Одговорно тврдиме дека ова што Владата го прави е спротивно на тоа. Ќе се отвори нелегална игра и ќе се донесат играчите во голем ризик, а криминалот и сивата економија ќе се зголемат. Ова ќе бидат ефектите од новиот закон за игри на среќа“, нагласи Илијевски.
АСОМ и АПИС апелираа и до ЕУ и нивните претставници во државата да ја спречат злоупотребата на европското знаменце, која стана секојдневна пракса во државата.
„Како ние ќе верувам во Европската Унија и во правдата што таа ја носи кога во нејзино име се злоупотребуваат законите за ништење цела индустрија за сметка на интересите на поединци?“, прашаа асоцијациите.
АСОМ и АПИС денешниот собир го нарекоа показна вежба за тоа што ќе се случува доколку се продолжи насила и без консултации да се носи овој закон.
„Нема сила што ќе нѐ спречи да ја бараме правдата до крај, на улиците и во институциите, сѐ до конечна победа на правдата, која е на наша страна. Бараме итно повлекување на законот, бараме формирање заедничка работна група од експерти, претставници на индустријата и Владата за носење нов европски и функционален закон. Зошто се кријат и бегаат од вакво демократско носење закони ако се чесни во намерите?“, прашаа од АСОМ.
Од АСОМ посочија дека додека под маса со европско знаменце и без дебата се носи овој катастрофален закон, Владата паралелно распишува незаконски огласи за 3 нови приредувачи на игри на среќа на интернет со улови срочени за странски компании посочувајќи дека тоа е нечесно, подмолно и лицемерно.
„Додека, од една страна, се носи закон за затворање на индустријата и уништување на домшните лиценцирани компании, Владата ќе се ортачи со странски компании, кои ќе имаат по еден или два вработени тука и на големо ќе ги промовира игрите на среќа на интернет. Има ли поголемо лицемерство од ова? Освен бизнис-логика, друга логика во овој потег не може да се види. И токму затоа јасно кажуваме – ова нема да помине“, истакнаа од АСОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.

