Македонија
Признание на Спасовски за посебен придонес и поддршка од Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна 1941 – 1945
Денеска, на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, му беше врачена плакета од претседателот на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна 1941 – 1945, д-р Никола Стојановски, за посебен придонес и поддршка во остварувањето на целите и задачите на Сојузот на борците.
Изразувајќи огромна благодарност, министерот Спасовски истакна дека добиеното признание во предвечерјето на големиот празник, 11 Октомври, Денот на македонското народно востание, претставува голема чест за него и е потврда на вредностите со кои е задоен и му се оставени во аманет за почитување, поддршка и негување на заложбите на Сојузот на борците од НОБ.
Од страна на претседателот на Сојузот на борците беше посочено дека Македонија треба да оди напред и треба да се направи сè што треба за државата побргу да биде примена таму каде што сите очекуваме, а тоа е Европска Унија.
„Секое Ваше обраќање е инспирација и мотивација, затоа што ако Вие мислите далекосежно со визија и мотивација, тогаш ние немаме право поинаку да мислиме, туку да се бориме сите заедно за тоа што го посакуваме“, истакна министерот за внатрешни работи, Спасовски.
Притоа министерот Спасовски заедно со претседателот на Сојузот, д-р Стојановски, потпиша меморандум за соработка како потврда на заедничките заложби и интереси за унапредување на соработката во областа на планирањето, организирањето и реализацијата на позначајни настани, како и одбележувања јубилеи од заеднички интерес.
Меморандумот е плод на потребата за посуштинска заедничка соработка, чиј главен фокус е нејзино зајакнување за работи од заеднички интерес базирани на продолжување на достојното негување и почитување на историските придобивки на државата.
„Глобалните предизвици пред кои сме исправени налагаат оправдана потреба за постојано анализирање и согледување на правците на општествено движење, како и континуирана соработка и дискусија на сите општествени фактори во државата за тенденциите на институционалниот развој, за перспективите што постојат, а за кои е потребно повторно обединување и заедништво кон стремежот да бидеме онаму каде природно припаѓаме – дел од европското семејство. Токму искуствата, заложбите и идеите на Сојузот на борците, како основоположник на македонската држава, кој се залага државата да ја види во Европската Унија, претставуваат круцијални патокази за влогот што треба да го дадеме – посветено и државнички – за да стане европскиот сон наша реалност што побргу“, потенцира министерот Спасовски надополнувајќи дека во согласност со овој меморандум ќе се формализира меѓусебната соработка и ќе се интензивираат заедничките средби во согласност со актуелната состојба.
Од страна на претседателот на Сојузот, д-р Стојановски, беше посочено дека на овој начин ќе се официјализира соработката меѓу Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна 1941 – 1945 и МВР, која и досега беше активна.
„Потпишувањето на меморандумот овозможува официјализирање и поедноставување на соработката во повеќе области од заеднички интерес имајќи ја предвид меѓународната политичка состојба, како и внатрешната општествено-политичка и економска ситуација во која се наоѓа Република Северна Македонија, во насока кон достоинствено почитување на историјата со целокупните придобивки од неа што ги поседува државата“, истакна Стојановски.
Министерот Спасовски изрази уверување дека овој меморандум ќе придонесе за уште подинамична меѓусебна соработка, доследно почитување на вредностите што борците од Народноослободителната и антифашистичка војна 1941 – 1945 ги поставија, а со тоа и ефикасно спроведување на зацртаните заеднички цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

