Култура
„Кралицата на танцот“, „Фантастичната тројка“ и „Сестри“ – најдобри филмови според жирито на „Џифони Македонија“
Норвешкиот „Кралицата на танцот“ во режија на Аурора Госе за јуниорите, францускиот „Фантастичната тројка“ на Михаел Дихтер за кадетите и македонскиот „Сестри“ на Дина Дума за сениорите се најдобрите играни филмови за кои гласаше жирито на 11. Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“. Наградите беа соопштени синоќа на затворањето на фестивалот.
Најдобри кратки филмови според возрасни категории беа – „Магијата на Валентина“ на Ан Кристин Жирардо од Холандија (јуниори), „Марипоза“ на Маурицио Форчела од Италија (јуниори) и „Врати се дома безбедно“ на Тамара Дениќ од Германија (сениори).
Во категоријата на анимирани филмови за најдобар филм е прогласен „Ана Морфоз“ во режија на Жоао Родригез од Португалија, а најдобар краток филм снимен од ученик е „Средба“ во режија на Анастасија Петровиќ од Србија. Младите џифонци од земјава и од странство низ танц, музика, филм, анимации, стрип, фотографии покажаа што научиле во изминатите пет фестивалски дена. Низ работилниците ги водеа врвни професионалци: Роберт Јанкулоски (фотографија), Ладислав Цветковски и Линда Трајкоска (дигитален дизајн), Мартин Чичовски (видео репортажа), Здравко Гиров и Давор Драмиќанин (стрип), Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов (видео во еден кадар) и Филип Лафазановски (едноминутно видео) кои работеа со кадетите и сениорите. Работилниците за јуниори ги водеа: Моника Мотеска (ликовна уметност), Лада Шоптрајанова-Петровска (мјузикл) и Предраг Вукосављевиќ (краток филм). Со громогласен аплауз младите џифонци го поздравија настапот на јуниорите од работилница за мјузикл, кои ја изведоа песната This is me од мјузиклот „Најголемиот шоумен“. Следуваа проекции од сите изработени филмови, цртежи, графички работилници, стрипови, фотографии.
Присутните ги поздрави Марио Де Роза, заменик амбасадор на Италија во нашата земја и самиот поранешен џифонец. Тој ги соопшти наградите ЕПИК (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity). Овој проект е новина на фестивалот и преку креативноста на младите го промовира мирот, а е поддржан од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка. Во оваа категорија беа доделени три награди во категоријата краток филм: за млад автор, за автор од Балканот и награда за најдобар ЕПИК филм.
„Среќен сум што сум тука повторно и што гледам дека фестивалот расте. Ова е многу важно за соработка и дијалог меѓу вас младите кои доаѓате од различни земји и култури, од различни религии. Токму тоа е поентата на проектот ЕПИК, затоа продолжете да го промовирате мирот и слогата, особено во овој момент тоа ни е на сите најнеопходно. Фантастични сте, и секоја година сте сè подобри“, рече Де Роза.
ЕПИК наградата за најдобар филм од млад автор ја доби американскиот „Смрт во Нормандија“ на 13-годишниот Лео Кан, Дамир Мехиќ од Босна и Херцеговина ја доби ЕПИК наградата за автор од Балканот за филмот Going Diaspora, а за најдобар ЕПИК филм е прогласен „Светла“ во режија на Јитка Немикинсова од Чешка. Традиционално беа објавени имињата на дел од џифонците од нашата земја кои ќе нè претставуваат на „Џифони Италија“ идната година. Михаела Душански, Максим Јосевски, Срна Ѓорѓиевска и Вања Марковиќ беа избрани меѓу најактивните учесници на ова издание според традиционалните критериуми.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Џифони Експириенс, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотека на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Традиционален концерт на Филхармонија по повод Денот на вљубените и виното
Македонска филхармонија в четврток со почеток во 20 часот ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените и виното, насловен „Бакнеж во Париз“ на кој ќе биде изведена француска музика. Како солисти ќе настапат Фелисиен Брут, хармоника и Ексел Сан Сирел, мецосопран од Франција, а диригент е Тимоти Редмонд.
„Кога зборуваме за љубовта и романтичната страна на животот, често пред очи ни излегува Париз. Не случајно – градот на светлината е и град на љубовта. Тој е вечна инспирација за уметниците, место каде што се раѓаат безброј книжевни, филмски и музички љубовни приказни. Неговата препознатлива архитектонска убавина и дух создаваат мелодии исполнети со меланхолија, страст, нежност и романтична копнежливост. Тие уметнички дела се огледало на среќни љубови, но и на оние напуштени, тивки и болни. Зашто љубовта е таква – возвишена и силна, понекогаш нежна, понекогаш болна, но секогаш длабока и искрена. Денот на вљубените не е само уште еден датум во календарот.
Тој е потсетник дека љубовта, во сите нејзини облици, му дава смисла на животот и на светот. Ова е и денот на виното – пијалокот на боговите и еликсир на животот. Виното и љубовта одат рака под рака, поврзани преку бојата, мирисот, топлината и чувството што го будат. Уживајте во звуците на љубовта, фантазијата и копнежот, во музиката на бакнежите и прегратките, придружени со вино со боја на срце. Дозволете си барем за миг да се префрлите во најубавите љубовни филмски сцени и да понесете со себе незаборавни впечатоци.“, велат од Филхармонија.
Култура
Безвременската оперска класика: „Травијата“ на сцената на Националната опера и балет на 20 февруари
Безвременската опера „Травијата“ од Џузепе Верди, ремек-дело кое плени со својата страст, драматургија и незаборавна музика, ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет на 20 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Инспирирана од романот „Дамата со камелии“, оваа опера раскажува човечка приказна за љубовта, жртвата и судирот со општествените норми.

Диригент е гостинот од Италија, Лоренцо Бицари, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, создавајќи моќна продукција чиј главен фокус е сценската динамика и визуелната префинетост. Сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор е Јасмина Ѓоргеска.

Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Наде Талевска, во улогата на Алфред Жермон – Благој Нацоски, Жорж Жермон – Марјан Јованоски, а во останатите улоги: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Кристијан Антовски, Драган Ампов, Никола Стојчевски, Невен Силјановски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Травијата“ е еден од столбовите на светскиот оперски репертоар – дело во кое Верди со извонредна музичка чувствителност ги обликува ликовите и нивните внатрешни борби, создавајќи опера која и денес длабоко ја допира публиката и останува актуелна на сцените ширум светот и кај нас.
Култура
Од Белград до Лос Анџелес: Ѕвездата на „Stranger Things“ – Никола Ѓуричко настапува во МНТ за роденденската прослава
Свеченото одбележување на големиот јубилеј на МНТ започнува на 30 март со стенд-ап шоуто „Шоубиз“ (SHOWBIZ), во изведба на белградскиот и светски познатиот актер Никола Ѓуричко. Наградуван актер и во театарот, филмот и телевизијата, чија долга и успешна кариера му го отвори патот до значајни улоги на холивудската сцена. Тој е долгорочно поврзан со Југословенското драмско позориште (ЈДП) во Белград, каде беше постојан член на ансамблот уште од 1995 година и каде реализира бројни успешни театарски улоги, а од крајот на 2019 година живее и работи во Лос Анџелес, САД.
Ѓуричко e светски препознатлив и по улогата на Јури во хит серијата „Stranger Things“, како и во филмот „World War Z“ и други меѓународни продукции.
По три години од успешниот стенд-ап „Сѐ што сакавте да знаете за Џони, а никогаш не се осмеливте да го прашате“, Ѓуричко подготви нова програма под наслов „Show biz“, со која настапува низ Србија, регионот и дијаспората во рамки на големата турнеја.
Новиот материјал, како и претходниот, е потпишан од актерската ѕвезда и се однесува на неговиот живот, кариера и семејство. И оваа шоу-програма на духовит начин ги раскажува интересните детали од неговиот живот и професионален пат.
„Show biz е моето ново стенд-ап шоу. Речиси три години не настапував, па се зажелев за луѓе, за публика. Имам многу нов материјал… тоа се само некои нови животни искуства и сознанија, кои сакам да ги споделам со луѓето, како на пример, зошто ме фаќаа за јаката, зошто морав да присуствувам на породување или зошто го пријавив син ми во полиција.“, вели Ѓуричко.
Вечерта на 30 март, Ѓуричко најавува вечер исполнета со хумор, анегдоти и лично сведоштво од меѓународната кариера.
Неговиот настап е дел од роденденската прослава на МНТ. Во чест на првата претстава во Македонскиот народен театар, изведена на 3 април 1945 година, мината година, театарот одбележа 80 години од постоењето. Годинава продолжува со одбележувањето на јубилејот и на 81 година од постоењето. Роденденот на МНТ беше одбележан со македонски сценски спектакл, каде беше степенувана важноста на ансамблот на МНТ и претстави од македонски автори, кои оставија достоинствен белег во институцијата. Годинава пак, прославата се надоврзува на таа традиција, со ново проширување — рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници, како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот.
Билетите се пуштени во продажба онлајн, како и на билетарницата во МНТ.

