Свет
Трамп: Израел не беше подготвен, Нетанјаху нè изневери

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го критикува премиерот на Израел велејќи дека Бенјамин Нетанјаху не бил подготвен за напад на палестинската милитантна група Хамас.
„Не беше подготвен. Израел не беше подготвен. А со Трамп не би морале ниту да бидат подготвени“, изјави Трамп за „Фокс њуз“, пренесува „Ројтерс“.
Обраќајќи им се на приврзаниците на митинг во Флорида, поранешниот американски претседател рече дека во текот на минатата недела некои работи тргнале наопаку.
„Мора да го поправат тоа бидејќи се борат со потенцијално голема сила. Тие потенцијално се борат против Иран. Не може да играат, мора да станат посилни“, изјави Трамп.
Тој додаде дека членовите на Хамас се злобни и дека светот никогаш не видел такви сцени.
„Кога имате луѓе во Израел, кои зборуваат погрешни работи, овие луѓе го следат сето тоа бидејќи се зли и паметни“, рече Трамп.
Тој потсети дека во 2020 година САД го убиле командантот на елитните ирански сили Кудс, генерал Касем Сулејмани, а според него, Нетанјаху одбил да им даде помош на Американците.
„Никогаш нема да заборавам дека Биби Нетанјаху нè изневери. Тоа беше страшна работа. Бевме многу разочарани, но на крајот тоа го направивме самите со апсолутна прецизност. Подоцна Биби се обиде да земе заслуга за тоа“, рече Трамп.
На неговите коментари одговори гувернерот на Флорида и противкандидат за претседателските избори, Рон Десантис.
„Апсурдно е некој, а уште помалку некој што се кандидира за претседател, сега да го напаѓа нашиот пријател и сојузник“, напиша Десантис на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
40 ранети во Израел, двајца критично

Вкупно 40 лица побарале медицинска помош по вечерашниот ирански ракетен напад врз Израел, соопштија локалните здравствени служби. Двајца од повредените се во критична состојба.
Најголем број пациенти се лекуваат во болницата Ичилов во Тел Авив – 18 лица.
Според лекарите, пријавените повреди вклучуваат рани од шрапнели, вдишување чад и состојба на шок.
Свет
Израелската војска: Иран истрела помалку од 100 балистички ракети, повеќето ги пресретнавме

Портпаролката на израелската војска, Ефи Дефрин, рече дека помалку од 100 балистички проектили биле истрелани од Иран кон Израел.
Дефрин рече дека „повеќето од ракетите биле пресретнати од воздушната одбрана или паднале пред да стигнат до израелска територија“.
„Регистрирани се ограничен број погодоци на згради, а дел од штетата е предизвикана од фрагменти од пресретнати проектили“, додаде тој.
Според израелските медицински служби, во нападот биле ранети 40 лица.
Свет
Нетанјаху: Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва и порача на јавноста дека можат да ги напуштат засолништата, откако новиот бран ирански ракети прелета над израелска територија.
„Иранскиот режим никогаш не бил послаб. Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот“, рече Нетанјаху во вечерашното обраќање.
Тој директно им се обрати и на граѓаните на Иран: „Јас сум со вас, израелскиот народ е со вас“, рече тој.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац изјави дека Иран „ја преминал црвената линија со лансирање ракети кон израелските цивилни области“ и најави: „Техеран ќе плати висока цена“.
Оваа иранска одмазда следеше по израелските воздушни напади на иранска територија, при што беа погодени нуклеарни постројки и беа убиени високи команданти и научници.