Свет
Арапската лига до Израел: Веднаш прекинете ги нападите врз Газа, последиците ќе бидат страшни
Земјите членки на Арапската лига синоќа повикаа на итен прекин на израелските напади врз Појасот Газа. На вонредниот состанок во Каиро во средата министрите за надворешни работи на 22-те земји предупредија и на катастрофалните хуманитарни и безбедносни последици од интензивирањето на конфликтот.
Израел почна одмазда против Хамас, кој многу земји го сметаат за терористичка организација, откако милитантите на групата ја нападнаа земјата во саботата убивајќи 1.200 луѓе. Сличен број Палестинци досега се убиени.
Во завршната изјава на состанокот на Арапската лига се вели дека е неопходно заживување на мировниот процес и „отпочнување сериозни преговори меѓу Палестинската ослободителна организација (ПЛО), како единствен легитимен претставник на Палестинците и Израел, со цел да се постигне фер и сеопфатен мир“.
Земјите членка исто така ги осудија убиствата и нападите врз цивилите од двете страни, според заменик-претседателот на Арапската лига, Хосам Заки. Хуманитарната помош, храната и горивото мора итно да бидат пуштени во Газа, рече тој.
Арапскиот свет е поделен во врска со конфликтот меѓу исламистичкиот Хамас и Израел. Додека Обединетите Арапски Емирати и Бахреин ги нормализираа односите со Израел, заливските земји, Катар, Кувајт и Оман, го обвинуваат Израел за ескалацијата.
Ирак исто така ја истакна поддршката за палестинскиот народ. Саудиска Арабија побара итен прекин на насилството, а во исто време предупреди да не се „лишат палестинскиот народ од неговите легитимни права“.
Земјата води трилатерални преговори со Израел и САД за нормализација на односите меѓу Ријад и Тел Авив. Аналитичарите веруваат дека овој ескалирачки конфликт им нанесе тежок удар на тие разговори за нормализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нови детали за трагедијата во Иран: технички дефект е причина за падот на хеликоптерот, јавуваат иранските медиуми
Причината за падот на хеликоптерот во кој се наоѓаше иранскиот претседател Ебрахим Раиси е технички дефект на леталото, јавува иранската агенција ИРНА.
„Раиси загина во неделата како последица на хеликоптерска несреќа што се случи поради технички дефект на леталото“, се наведува во извештајот на иранската државна новинска агенција.
ИРНА не ја прецизираше природата на дефектот на хеликоптерот, објави ТАСС.
Екипите за пасување со часови ја пребаруваа нерамната површина од густа шума низ дожд и магла пред да го пронајдат местото на несреќата. Немаше преживеани.
Хеликоптерот со претседателот Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан се урна во неделата во северозападниот дел на Иран, во областа Верзеган, а покрај двајцата загинаа уште шест лица.
Регион
Вучиќ изрази сочувство за смртта на Раиси
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази сочувство до народот и владата на Иран во врска со смртта на претседателот на таа земја, Ебрахим Раиси.
„Изразувам сочувство до народот и владата на Исламската Република Иран за смртта на претседателот Ебрахим Раиси, искрен и доследен пријател на Србија“, напиша Вучиќ на својот профил на мрежата Х.
Хеликоптерот со Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан се урна во неделата во северозападниот дел на Иран, во областа Верзеган, а покрај двајцата загинаа уште шест лица.
Свет
Хелокоптерот во кој загина иранскиот претседател не емитувал никаков сигнал
Хеликоптерот што се урна додека ги превезуваше претседателот и министерот за надворешни работи на Иран немал вкучено сигнален систем или не поседувал, изјави турскиот министер за транспорт Абдулкадир Уралоглу.
Уралоглу им рече на новинарите дека провериле дали има сигнали од хеликоптерот откако слушнале дека се урнал.
„Но, за жал, мислиме дека најверојатно сигналниот систем бил исклучен или хеликоптерот го немал тој сигнален систем бидејќи ние сигурно ќе ги видиме тие сигнали, но немаше“, рече тој.