Свет
Трамп: Израел не беше подготвен, Нетанјаху нè изневери
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го критикува премиерот на Израел велејќи дека Бенјамин Нетанјаху не бил подготвен за напад на палестинската милитантна група Хамас.
„Не беше подготвен. Израел не беше подготвен. А со Трамп не би морале ниту да бидат подготвени“, изјави Трамп за „Фокс њуз“, пренесува „Ројтерс“.
Обраќајќи им се на приврзаниците на митинг во Флорида, поранешниот американски претседател рече дека во текот на минатата недела некои работи тргнале наопаку.
„Мора да го поправат тоа бидејќи се борат со потенцијално голема сила. Тие потенцијално се борат против Иран. Не може да играат, мора да станат посилни“, изјави Трамп.
Тој додаде дека членовите на Хамас се злобни и дека светот никогаш не видел такви сцени.
„Кога имате луѓе во Израел, кои зборуваат погрешни работи, овие луѓе го следат сето тоа бидејќи се зли и паметни“, рече Трамп.
Тој потсети дека во 2020 година САД го убиле командантот на елитните ирански сили Кудс, генерал Касем Сулејмани, а според него, Нетанјаху одбил да им даде помош на Американците.
„Никогаш нема да заборавам дека Биби Нетанјаху нè изневери. Тоа беше страшна работа. Бевме многу разочарани, но на крајот тоа го направивме самите со апсолутна прецизност. Подоцна Биби се обиде да земе заслуга за тоа“, рече Трамп.
На неговите коментари одговори гувернерот на Флорида и противкандидат за претседателските избори, Рон Десантис.
„Апсурдно е некој, а уште помалку некој што се кандидира за претседател, сега да го напаѓа нашиот пријател и сојузник“, напиша Десантис на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Градоначалникот на Белград му се закани на маж и му го фрли мобилниот: Се чувствувал загрозен, објавија српските медиуми
Александар Шапиќ, градоначалник на Белград и кандидат за нов мандат на СНС, денеска предизвика инцидент и му го скрши мобилниот телефон на маж.
Имено, Шапиќ се појави на прес-конференција на која требаше да зборува за отстранување на сплавовите на савскиот насип, а потоа почна да разговара со граѓаните, што набрзо доведе до инцидентот.
По краток разговор тој почнал да си оди, кога еден од граѓаните почнал да го снима. Во тој момент Шапиќ му го зел мобилниот телефон и го скршил, пренесува Нова.рс.
Prostački napada @AcaSapic na aktiviste- otimanje telefona, razbijanje o beton i salva pretnji i uvreda tzv. gradonačelnika danas na Savskom keju. pic.twitter.com/6ImjFn9JQ1
— Petar Djuric (@Petar__Duric) May 9, 2024
Имено, како што пишува српскиот портал, мажот прашал до која година може да се легализираат дивоградбите, по што Шапиќ бурно реагирал.
На снимката се слуша како еден човек вели дека Шапиќ почнал да се заканува, со неколку пцовки, по што Шапиќ му го скршил мобилниот телефон.
Не е првпат неговите конференции да бидат обележани со физички инциденти и навреди.
Човекот кому Шапиќ му го скрши мобилниот телефон е активистот Александар Цвркотиќ, кој за Данас изјави дека го прашал кандидатот на СНС до кога може да се легализираат објектите. „Слушнав дека неговата куќа е изградена по годината пропишана со закон“, рече Цвркотиќ.
Свет
Израел го продолжува нападот врз Рафа, САД: Тоа нема да го порази Хамас
Американскиот претседател Џо Бајден верува дека големата израелска операција во Рафа нема да ја унапреди целта на земјата за поразување на палестинската милитантна група Хамас во Газа, изјави денеска претставник на Белата куќа.
„Ударот на Рафа, според него, нема да ја унапреди таа цел“, рече портпаролот Џон Кирби.
Кирби рече дека Хамас е под значителен израелски притисок и дека сега има подобри начини да се нападне остатокот од раководството на групата отколку операција со значителен ризик за цивилите.
„Тврдењата дека се оддалечуваме од Израел или дека не сме подготвени да им помогнеме да го поразат Хамас, едноставно не се точни“, додаде тој.
Тековната рунда преговори во Каиро за можниот договор за ослободување на заложниците заврши без видливо решение, изјави денеска висок израелски функционер. Израел ќе продолжи со операцијата во Рафа, додаде тој.
Вчера, Бајден за прв пат јавно го предупреди Израел дека САД ќе престанат да го снабдуваат со оружје доколку израелските сили извршат голема инвазија на Рафа, град полн со палестински бегалци во јужниот дел на Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека неговата земја е подготвена да продолжи сама да се бори доколку е потребно.
„Како што реков претходно, ако треба, ќе се бориме со нокти“, рече Нетанјаху во видео изјавата.
Европа
Продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска го потпиша законот за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација од 14 мај до 11 август.
Зеленски на 6 мај достави до парламентот предлог за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација за уште 90 дена, објави „Киев индепендент“.
Украинскиот парламент гласаше да го одобри продолжувањето два дена подоцна.
Тој претходно ја продолжи вонредната состојба и мобилизацијата од 14 февруари до 14 мај.
Зеленски првпат прогласи вонредна состојба и општа мобилизација на 24 февруари 2022 година, кога Русија започна напад врз Украина.
Оттогаш, мерката беше продолжена неколку пати.
Оваа мерка значи дека Украинците на возраст меѓу 18 и 60 години, со некои исклучоци, не можат да ја напуштат земјата бидејќи може да бидат повикани на воена служба.
Во април, парламентот усвои закон за ажурирање на правилата за мобилизација додека земјата се обидува да ги надополни редовите на своите вооружени сили.