Македонија
Димитриевски: Коридорот 8 е капитален грабеж во државата чии пари треба да се пренасочат за проектот „Чебрен“
„Стратешките проекти за државата треба да бидат реализирани со наши домашни пари. Место да трошиме пари на проектот Коридор 8, кој веќе го имаме, изграден е преку Косово и треба квалитетно да се конектираме, а од друга страна, веќе градиме уште еден таков. Парите од Коридорот 8, кој не е капитален проект, туку капитален грабеж во државата, да се пренасочат во капиталниот проект ‘Чебрен’ и да се врати на дискусија и анализа и целиот проект за ‘Вардарска Долина’ бидејќи е исклучително полезен проект за Македонија. Дополнително, да се обезбеди гасификација, тоа ни е го направивме на локално ниво во Куманово, треба да се гасифицира и државата, како и да се донесе гас до нашиот најголем капацитет за производство на електрична енергија РЕК ‘Битола’“, вели градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, по потпишувањето на иницијативата за формирање новиот политички субјект движење „Знам – за наша Македонија“.
Прашан дали во овој субјект има и препознатливи лица од политичкиот живот, тој вели дека на Македонија ѝ треба нова сила, нова енергија, нови луѓе да добијат шанса и да се докажат.
„Од препознатливите видовме што направија. На настанот имаше многу лидери на здруженија, еминентни професори, академици. Она што е најважно, имаше една сериозна енергија и убеденост кај присутните луѓе да се создаде тој политички субјект бидејќи е неминовен да се појави на политичката сцена и да ги преземе одговорностите, да ги решава проблемите во државата бидејќи гледаме секојдневно што ни се случува во државата“, додава тој.
Изјавата на министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски, дека помеѓу односите со градоначалникот Димитриевски има запирка како можност во иднина да седнат на иста маса и разговараат, за Димитриевски е завршена работа од моментот кога тој тргна како независен кандидат со поддршка на граѓаните.
„Јас заедно со моите истомисленици и со мојот тим продолжуваме понатаму, ние планираме да се бориме да ја освоиме власта, а не да се враќаме во минатото. Што побргу оваа актуелна власт и оваа политичка гарнитура или тоа биро што, всушност, ја приватизира таа поранешна партија моја, треба што побргу да си замине од власт. Но, граѓаните треба да внимаваат и кого, всушност, ќе стават на таа позиција бидејќи предолг временски период граѓаните велат дека живееме во црно-бел свет. Верувам дека политичката опција ќе ја добие апсолутната поддршка од граѓаните на следните парламентарни и претседателски избори кога и да се одржат“, порачува Димитриевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Заев и Филипче му нуделе на Жан Митрев да им ја продаде болницата под цената за да го ослободат од обвиненија
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, и на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство итно да ги провери наводите за притисок врз Жан Митрев да ја продаде болницата, оценувајќи дека се работи за сериозни обвинувања кои бараат одговорност.
Стојаноски повикувајќи се на телевизиското интервју на Жан Митрев, рече дека во времето кога СДСМ била на власт, поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вршеле притисок врз д-р Жан Митрев со цел да ја преземат неговата приватна клиника за сума далеку под пазарната.
Според Стојаноски, д-р Митрев бил изложен на силни притисоци токму во периодот кога против него се водел судски случај. Пратеникот тврди дека личната сметка на Митрев, како и сметката на клиниката, биле блокирани, а била изречена и забрана за продажба на удели.
„Само една недела по нивното барање да ја купат болницата, Јавното обвинителство ја повлекло забраната за продажба – што покажува како институциите биле ставени во служба на интересите на тогашната власт“, изјави Стојаноски.
Дополнително, д-р Митрев изјавил дека добил понуда од Филипче и Заев да се спогодат – ако ја продаде клиниката под пазарната цена, тие би му помогнале да се ослободи од обвиненијата.
„Уште по скандалозно е тоа што, др. Жан Митрев вели дека Заев и Филипче му понудиле и спогодба, односно доколку ја продаде болницата за пониска сума од пазарната, ќе му помогнат да се ослободи од обвиненијата против него“, додаде Стојаноски.
Македонија
Беким Сали на лидерски состанок во Давос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе учествува на Лидерскиот состанок (Davos Leadership Gathering), кој ќе се одржи во Давос, во периодот од 19 до 22 јануари.
Лидерскиот состанок во Давос ќе собере светски лидери, економисти, банкари и експерти од различни области, со цел дискусија за глобалните предизвици и меѓународните економски развои.
Првиот заменик-претседател ќе се обрати на форумот во рамки на панел-дискусија, на која ќе се разговара за климатските промени, конфликтите и социјалната грижа.
Македонија
СДСМ: Десет години по заминувањето на Груевски, повторно сме во истата ситуација со ВМРО-ДПМНЕ
Овој јануари се навршуваат точно 10 години откако Никола Груевски ја напушти премиерската функција, но според СДСМ, државата повторно се соочува со истите проблеми под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението на партијата се наведува дека по заминувањето на Груевски започнал крајот на режимот што 11 години ја влечел Македонија назад, со масовен криминал, корупција, партизација, медиумски притисоци и изолација. Но, според СДСМ, денес, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјата повторно се наоѓа на исто место.
„Повторно сме на пат кон изолација, далеку од ЕУ и САД, граѓаните тешко живеат, стандардот опаѓа, институциите се под партиска контрола, а криминалот и корупцијата цветаат“, стои во соопштението.
Партијата нагласува дека пари нема за поголеми плати, но има за криминални тендери, а се повторуваат и притисоци врз медиуми, јавен линч и политички прогони, како и злоупотреба на полицијата за партиски цели.
„На исто сме со ВМРО, само што денес на местото на Груевски е Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ, со повик дека е време власта повторно да се врати во рацете на народот.

