Македонија
Македонски брачен пар заглавен во Газа, од Израел вратени 60, а утре се очекува да пристигнат уште 90 македонски граѓани, рече Османи
Македонски брачен пар е заглавен во Газа, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
„Имаме еден брачен пар што е внатре во Газа во загрозеното подрачје, а знаете дека Газа е изолирана од Израел. Единствениот излез беше преку Египет, но брачниот пар во моментот кога стигнал на граничниот премин, тој се затворил и не може да излезат ниту кон Египет ниту кон Израел. Амбасадата во Каиро е во комуникација со тој брачен пар и тие се безбедни во моментот, но знаете дека таму ситуацијата е многу променлива и можеме да сметаме дека тие се во некаков ризик. Работиме и со властите во Египет за да ги ослободат да излезат во Египет. Потоа ќе организираме и превоз, но засега немаме начин како да ги извлечеме од Газа“, информира Османи.
Од тие 100-200 наши државјани што се во Израел, како што рече првиот човек на дипломатијата, досега се идентификувани и контактирани 150 граѓани.
„Досега се контактирани 150 наши граѓани од Израел, од кои 60 веќе стигнаа, а другите 90 очекувам утре во текот на денот сите да бидат вратени во Македонија“, рече Османи.
Некои од граѓаните што беа затекнати во загрозените подрачја во регионот на Газа ноќеска со авион пристигнале во Атина и веќе се на пат кон својот дом. Османи во Атина посочи дека тие биле пречекани од нашата амбасада, од каде што со автобус се префрлени до граница, од каде што МНР ги презема со возила и ги носи до нивните домови.
„Така беа вратени ноќеска петмина, а утринава дополнително 17 од тие дваесетина што беа во загрозените подрачја пристигнаа веќе во Атина и во моментот се на пат кон Солун и МНР организира превоз и ги пречекува на граница и организира превоз до нивните домови“, посочи Османи.
Како што рече, првично фокусот бил да се идентификуваат луѓето, па да се контактираат и извлечат од загрозените подрачја и потоа да се пренесат до Тел Авив, каде што имало функционален аеродром.
Тој истакна дека некои од граѓани биле вратени преку Јордан, Албанија, Турција, Црна Гора и Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања
АМСМ информира дека на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Како што стои во соопштението, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Купови со отпад на паркингот кај гробиштата во Бутел
Повторно купови со отпад на паркингот кај гробиштата во Бутел.
Поранешниот директор на АД „Пошта“, Јани Макрадули на својот Фејсбук профил објави фотографија од состојбата на гробиштата. Како што вели, ова е тажна слика за еден град кој системски се уништува.
Македонија
Земјава нема развиен концепт за менаџирање со дијабетесот, вели Велев
Во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари и Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“, денеска во Градскиот парк во Скопје под мотото „Сѐ за нас – за нас“, се одржа едукативен настан за подигнување на свесноста за тоа како живеат лицата со дијабет.
Претседателот на Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“, Диме Велев, рече дека со реализацијата на проектот се укажува дека лицата со дијабетес се нормални луѓе кои што се дел од заедницата и се придонесува кон уривање на стереотипите кои постојат за лицата со дијабетес.
„Почнавме реализација на проект за подигнување на свеста за користење на новите во технологии во менаџирање со дијабетесот, пред сѐ „CGM“ системите или системи за континуирано мерење на гликоза, за новите технологии во делот на апарати со дигитална размена на податоци, како и за рушење на стереотипите за тоа дека лицата со дијабетес се нешто посебни, тие се многу нормални луѓе кои што се во заедницата“, рече Велев.
Посочи дека целта на целиот проект е да се убедат властите дека луѓето кои што користат „CGM“ системи се работноспособни и присутни во заедницата, како и да се освестат за потребите на луѓето дека имаат многу кратко време за навремена реакција. Вели земјава нема примена на доволно развиен концепт на менаџирање со дијабетес.
„Сѐ уште имаме пречки, затоа што ние немаме доволно луѓе кои што се поставени на „CGM“ системи, во Македонија немаме примена на доволно развиен концепт на менаџирање со дијабетес. Кога сето тоа ќе се воведе, ќе се изгради сета таа нова дијабетес култура, дека е многу нормално да се користи, дека е многу поквалитетно да се користи, тогаш нема да има потреба од нови правила за некое право на човек со дијабетес после пет минути да отиде настрана да касне нешто или да се освежи и да се врати на работа или на училиште“, рече Велев.
Преку интерактивен собир, денеска лицата со дијабетес ТИП 1, особено младата популација до 25 години, имаше можност да се потсети на основните постулати при секојдневното живеење со дијабетес.
На настанот беа поставени штандови со глукомери и ленти за мерење на нивото на шеќер во крвта, како и штандови со корпи и обучени лица на кои граѓаните имаа можност да видат колку јаглехидрати содржи секое овошје или зеленчук.