Македонија
Мицкоски: Капитални проекти ќе бидат носечки на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ
И покрај ограничените услови во кои работат овие би рекол две години и покрај сите опструкции од страна на Владата на ДУИ и СДСМ, градоначалникот и советниците на Општина Аеродром сепак наоѓаат начин како проектите што беа ветени во 2021 година да бидат реализирани.
„Јас само ги охрабрувам само така да продолжат, исто така улогата и на пратеникот којшто доаѓа од општина Аеродром, кој што во рамките на Парламентот при секој буџет доставува амандмани, амандмани кои што за жал повторно ќе кажам поради игнорантскиот однос на оваа влада на СДСМ и ДУИ никогаш не биле до сега усвојувани. Но, добра вест е што за неколку месеци од денеска ќе имаме нова влада, влада на ВМРО-ДПМНЕ која што за разлика можеби од тоа што се случувало во изминатите во повеќе 3 децении има намера да води конзервативна кампања односно не сакаме да ветуваме премногу, да ветуваме чуда бидејќи никој денеска не е чудотворец. Сакаме тоа што ќе го ветиме и да го испорачаме бидејќи во минатото имало многу ветувања, тие ветувања предизвикуваат големи очекувања, а потоа кога тие очекувања нема да се испорачаат тогаш има и големи разочарувања, а како резултат на тие разочарувања денеска имаме и многумина наши сограѓани кои што за жал се селат од Македонија и од ден на ден Македонија станува сè попразна и се попуста, а држава без народ полека гасне и престанува да биде држава.
Затоа ние сакаме да влеземе во кампања во која што тоа што ќе го ветиме и ќе го испорачаме. Носечки проект на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат проекти, капитални за потребите на граѓаните директно во општините низ Македонија. И не како што тоа го прави оваа влада која што ги блокира општинските обврзници, како што кажа и Тимчо, за капитални проекти, за капитални инвестиции, две градинки, доградба на две училишта и така натаму, ние планираме да бидеме влада која што ќе биде влада на целата територија во Македонија, за сите граѓани, за сите општини без разлика дали тоа се од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА или се независни градоначалници.
Планираме да бидеме влада што ќе испорача до 250 милиони евра годишно директно од буџетот во општини за капитални проекти. Овде за Општина Аеродром се предвидени околу 11,5 милиони евра годишно или тоа е некаде до 46 милиони евра за еден четиригодишен мандат“, порача Мицкокси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес конференција за медиумите, кажа дека Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс и влегува во период на стабилизација, развој и најголема инвестициска офанзива во својата историја.
Тој истакна дека при преземањето на функцијата затекнал урнат систем, град на раб на банкрот, јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плати, нефункционални институции и долгови од речиси 300 милиони евра. На сметката на градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства, додека истиот ден чекале извршни решенија од 48 милиони денари.
Во само два месеци, како што информираше, намалени се повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, нормализирана е исплатата на платите во Дрисла, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Лајка, Флораком и Луна, каде што претходно, како што кажа, се доцнело по две плати.
Градоначалникот кажа дека Буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари – зголемен за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што за првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски.
„Тоа ни овозможи да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива досега. Капиталните инвестиции се зголемени за 33,4 проценти, а веќе се реализирани 389,7 милиони денари, при што јануари 2026 година е најуспешен јануари по приходи и реализација“, кажа Ѓорѓиевски.
Градоначалникот им се заблагодари на граѓаните кои го платиле данокот на имот и информираше дека се блокирани 17.694 сметки за долг од 1,3 милиони евра за 2021 година, како и дека во наредните 15 дена се очекува подмирување на обврските од 2022 до 2025 година од вкупно 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти во износ од 19,5 милиони евра.
„Ред мора да има. Секој денар во буџетот значи повеќе проекти и подобар живот за сите“, порача тој.
На крајот, Ѓорѓиевски нагласи дека ова е само почеток на финансиската консолидација и целосната трансформација на градот.
„Наследивме долгови, но градиме иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта. Ќе го направиме Скопје модерен, чист, функционален и достоинствен град. Нема враќање назад. Нема изговори. Само резултати. Заедно ќе успееме. Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане цврсто на нозе и да оди напред“, кажа тој.
Македонија
Сали-Вајц: Билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за напредокот на европската интеграција
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Томас Вајц, и главен известувач за извештаите на Европскиот парламент за напредокот на Република Северна Македонија кон членство во Европската Унија.
На средбата беше разговарано за процесот на европска интеграција и за последниот извештај на Европскиот парламент за Република Северна Македонија, усвоен со мнозинство гласови во јули 2025 година, во кој се нотира постигнатиот напредок и се нагласува потребата од отстранување на политичките блокади во процесот на пристапување.
Заменик-претседателот Сали изрази благодарност за континуираната поддршка од страна на европратеникот Вајц, при што беше реафирмиран ставот дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за напредокот на европската интеграција. Европратеникот Вајц истакна дека процесот на проширување треба да се темели на објективни критериуми и европски вредности.
Двајцата соговорници се согласија за продолжување на блиската соработка и отворениот дијалог со институциите на Европската Унија, со цел забрзување на европскиот пат на Република Северна Македонија.
Македонија
(Видео) Филипче: Владата ја турка Македонија во изолација, изложена на туѓи авторитарни влијанија
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес конференција рече дека владата ја турка државата во изолација и ја оддалечува од европскиот пат, оставајќи ја изложена на авторитарни влијанија.
„Очигледно е веќе дека ниту се спроведуваат реформи, ниту се прават потребните чекори да се фати возот за Европската Унија, на којшто веќе многу напред одат Црна Гора и Албанија. Црна гора веќе го пишува договорот за пристап во Европската Унија, веќе се затвораат сите поглавја“, посочи Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека тоа што не се прават вистински реформи во правосудството, тоа што дополнително се прави партизација на сите по сите инстанции во правосудството, обвинителство, судии и така натаму е доказ дека се нема желба и волја да се оди понатаму.
Филипче предупреди и на зголеменото влијание на унгарскиот премиер Виктор Орбан врз домашните политики, кое, како што рече, е јасно видливо.
„Силното влијание на премиерот Орбан од Унгарија се гледа секој ден. Започна како финансиска зависност со кредитот од една милијарда евра, за којшто никој не знае каде се отидени парите. Во делот на медиумите има јасна мрежа на унгарски медиуми кај нас кои креираат силно антиевропско расположение кај граѓаните. Очигледно е дека оваа поврзаност со вакви авторитарни режими на северот од нас нè држи во изолација. Премиерот јасно кажа дека нема да има уставни измени и веќе не ни крие дека нема да има чекор напред кон Европа. Ја цитирам за жал и претседателката ’Измислен е патот кон Брисел‘, посочи Филипче.
Граѓаните мора да знаат, додаде тој, дека оваа влада ја држи земјата во изолација, оставена во овие комплексни геополитички случувања како изолирана земја, изложена на влијание на Русија.
„Кога Црна Гора и Албанија ќе станат земји членки на Европската Унија, а тоа може да се случи за една или две години, ние ќе стоиме во место, без реформи, без чекор напред“, порача претседателот на СДСМ.

