Македонија
Зајкова: Системот треба да се гради така што ќе обезбедиме рана детекција и рана превенција на проблемите со менталното здравје
Менталното здравје не е тема што ја засега само Македонија, туку и Европа и светот. Во последните години почна многу поотворено да се зборува и да се бараат системски решенија за луѓето да може да се чувствуваат слободно да зборуваат за својот проблем, но и да го превенираат и секако да се грижат за тоа, без да бидат осудувани од колегите, пријателите, семејството. За да го зачуваме менталното здравје, треба и позитивни информации да ѝ пласираме на јавноста затоа што светот на постојана негативност и тензија создава чувство на несигурност кај луѓето, а сето тоа влијае на менталното здравје. Сè уште голем проблем е стигматизацијата од општеството, особено кај младите од врсниците и затоа ние имаме многу случаи на анксиозност на која луѓето воопшто не обрнуваат внимание, а која полесно може да еволуира во депресија, подлабока депресија и други форми на ментални нарушувања. Системот треба да се гради така што да обезбедиме рана детекција и рана превенција, да не дојдеме до случаи на самоубиството, истакна Моника Зајкова, пратеничка и претседателка на Либерално-демократска партија на конференцијата за подигнување на свеста за менталното здравје во основните и средните училишта во организација на Либерален институт – Скопје.
„Треба да сме свесни дека глобалните трендови се менуваат и дека навистина сега генерациите живеат под поголем притисок, поголем стрес, а до тоа доведува и брзиот пристап на информации, социјалните мрежи итн. Факт е дека повеќето од луѓето не може да си дозволат психотерапија, токму затоа ни треба закон што ќе гарантира бесплатни сесии за советување, а веќе работиме и на национална стратегија за ментално здравје кај младите луѓе, но и подобрување на законот за ментално здравје, кој засега ги третира само душевните и менталните растројства“, рече претседателката на Либерално-демократска партија, Моника Зајкова.
Таа додаде дека сè повеќе познати личности и во светот и во Македонија ги споделуваат јавно своите проблеми со менталното здравје, но дека табуата постојат, особено во руралните средини, каде што овие проблеми се решаваат тајно. Зајкова ја потенцира и потребата од повеќе конференции на овие теми, повеќе кампањи, затоа што законот е едно, меѓутоа тој ќе треба да се имплементира и да се менува свесноста кај луѓето за темата ментално здравје.
„Менталното здравје не го опфаќа само врсничкото насилство, тоа влијае и во постпородилниот период кај жените. Исто така, влијае во секојдневните односи, најчесто младите се жалат на неприфаќање на нивните врски од страна на родителите, секојдневниот булинг што го имаме во училиштата и што го гледаме на социјалните мрежи, сето тоа се рефлектира да имаме нарушено ментално здравје кај помладите и тие да почнуваат да размислуваат во негативен контекст, односно да имаме бројки и проценти што покажуваат дека значително незанемарувачки број на луѓе размислуваат дури на самоубиство, што навистина е загрижувачко“, вели Зајкова.
Таа додава дека исто се случува и со студентите, таму е пострашно бидејќи нема служба во високото образование која може да детектира доколку некој има проблем, тие сакаат некаде да го кажат. Но, кога се зборува за отворање такви канцеларии, повеќето од студентите и средношколците бараат тие да бидат надвор од округот на универзитетите бидејќи се плашат дека ако бидат видени од своите врсници, бараат помош, ќе бидат предмет на потсмев или критика дека нешто не е во ред со нив.
„Најголемите ѕвезди, кои имаат и финансиска и општествена моќ, баш поради тоа може да страдаат од депресии и анксиозност поради брзата динамика на живот.
Музичарот Авичи во филмот снимен за него зборуваше колку веќе му е товар славата и никој не го ислушува и разбира за да се заврши приказната со самоубиство, да не дозволиме и да превенираме вакви идни приказни, додаде Зајкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Појава на магла и намалена видливост во околината на Дебар
АМСМ информира дека во околината на Дебар има појава на магла и намалена видливост до 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Владата води историски најопасна надворешна политика по државните интереси
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ даде критички осврт на надворешната политика која ја води владата на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ на почетокот се осврна на тоа зошто министерот Муцунски не е присутен на пратеничките прашања и праша дали можеби неговото отсуство е поврзано со градењето на новиот објект на покривот на Министерството за надворешни работи.
„Јас и претходно реагирав за едно многу контроверзно гласање во Генералното собрание на Обединетите Нации. Тоа е гласањето против обидот за носење на резолуција за прекин на огнот во Газа. Тогаш вие гласавте против, надвор од очекувањата на македонското општество и надвор од традицијата дипломатска која Македонија ја има”, истакна Мециновиќ.
Пратеникот од Левица дополни дека ова е првиот владин кабинет за надворешна политика кој гласал против кревањето на ембаргото на Куба. Ваквиот чекор според Мециновиќ претставува најгруб дисконтинуитет во традицијата на македонската дипломатија.
Тој се осврна и на односите со Кина, безвизниот режим и прашањето за Тајван, како и на поширокиот геополитички контекст на продлабочена криза во трансатлантските односи. Ја обвини Владата дека во момент кога САД стануваат сè понепредвидлив партнер, таа ја врзува Македонија исклучиво за американската линија, занемарувајќи ја европската траекторија.
„Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија. Вие не воведувате безвизен режим и се оддалечувате од Европската унија. Моето пратеничко прашање е: каде оди овој брод?” – праша пратеникот од Левица.
Македонија
Министерство за правда: Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Со мнозинство гласови пратениците ја изгласаа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет. Законот се проследува на второ читање, информираат од Министерството за правда.
Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање рече дека со овој закон во министерството е започната нова ера на работа и функционирање, во којашто секој битен и суштински закон за граѓаните на Република Македонија ќе се изготвува низ отворен, јавен и транспарентен процес.
,, Клучни новини кои се предвидени со Законот се:
Јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет,
За прв пат прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“.
Воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност,
Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите,
Јасно прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, но и на членовите на судскиот совет,
Воспоставување обврска Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите,
Утврдување на рокови за преземање дејствија за дисциплинска одговорност на судиите, како и прецизирање на основите и постапката за жалба против одлуката на Судскиот совет, како и
бројни други решенија за унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ”, рече Филков.
Тој изрази жалење што дел од опозицијата не беше присутна на седницата за носење на, како што оценува, исклучително важен закон кој е дел од Реформската агенда.

