Култура
Изложба на слики од Костадин Танчев-Динка со наслов „Мигновение“ во КИЦ
Во Културно-информативниот центар – Скопје е најавено отворањето на изложбата на слики од Костадин Танчев-Динка со наслов „Мигновение“.
Костадин Танчев е роден во 1940 година во Валандово. Училиште за применета уметност завршил во Скопје во 1961 година. Од 1961 година студира на Академијата за применета уметност во Белград, а по завршувањето на првиот степен, по препорака на Универзитетскиот совет на белградскиот универзитет, во текот на 1963-1964 година престојувал на специјализација во Лондон. За време на студиите во вториот степен бил во класата на професорите: Миха Петров, Богдан Кршиќ и Милош Ќириќ. Како студент во петтата година учествувал на меѓународниот конкурс за визуелна комуникација, организиран од Меѓународната организација на графичките дизајнери – ИКОГРАДА. Меѓу многуте учесници од повеќе земји влегол во најтесниот избор на десетте најдобри. Уште како студент членувал во Друштвото на УЛУПУС и ИКОГРАДА. Во состав на дипломската работа го реализира првиот анимиран филм на Академијата за применета уметност во Белград.
Од 1969-1970 година работи во секторот за економска пропаганда (маркетинг) во НИП „Нова Македонија“. Од 1973-1975 година престојувал во Париз, каде што излагал во повеќе галерии. Во 1975 година излагал на изложбата „50-те млади надежни сликари“ на Мајскиот салон „Дефанс“ во Париз. По враќањето од Париз, од 1975 година, продолжува да работи како раководител на секторот за графички дизајн и ентериер во Културно-информативниот центар во Скопје.
Во периодот од 1978 до 1981 година активно учествувал во научните истражувања и реализацијата на новите форми на културна комуникација и творештво, што се изведувале во рамките на Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Од 1985 година е избран за наставник на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во графичкиот оддел, по предметите цртање и графика со графички техники. Истовремено, во овој период е ангажиран во изведувањето на наставата во насочениот дел од студиите, во насоката графички дизајн и под негово менторство, со успех се одвива наставно-образовниот процес по опрема на книга и илустрација, фотографија, визуелни комуникации, плакат и графички стандарди. Со студентите од трета и четврта година на насоката графички дизајн учествувал на поголем број републички конкурси за визуелни комуникации, на кои се добиени повеќе награди. Учествува во реализацијата на издавачката дејност на Факултетот, во издавање и реализација на графичките мапи на професорите на ФЛУ, публикации, каталози и идејни решенија за потребите на Факултетот.
Автор е учесник на многубројни самостојни и групни изложби од областа на ликовната уметност и дизајнот од домашен и меѓународен карактер.
Добитник е на над четириесет награди и признанија за своето творештво во ликовната уметност и дизајнот вклучувајќи и високи општествени награди и признанија.
Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1971 година и во два мандата е избран за претседател на друштвото.
Изложбата ќе биде отворена до 1.11.2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.


Култура
Во Чифте амам се отвора ретроспективната изложба „Рефлексии“ посветена на Ратка и Димче Протугер
Атриум го најавува отворањето на ретроспективната мултимедијална изложба насловена „Рефлексии“, во Националната галерија – Чифте амам, на 20 декември, со почеток во 19 часот. Изложбата нуди продлабочен поглед кон животот и творештвото на непокорните брачни другари – партизанката и авторка Ратка Ковачева Протугер и ликовниот уметник Димче Протугер.
Од уметничката продукција посочуваат дека изминатата година реализирале истражувачки и продукциски процес со цел да ја споделат слоевитоста на наследството што Ратка и Димче, како припадници на една будна генерација, им го оставиле на сите нас.
Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, за изложбата напиша:
„(…) Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија.
Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната изградба на слободата – онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва.
Димче, сликар и педагог, ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме.“
Од Атриум, покрај поканата за заедничко чествување на делото на Ратка и Димче Протугер, во сабота, со почеток во 19 часот, во Чифте амам, упатуваат и огромна благодарност до блиските семејства, потомците и пријателите кои придонеле за реализацијата на изложбата: Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска, Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова.
Истражувачки тим:
Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Матеј Лазаревски
Проектен тим:
Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска, Деспина Ралевска
Авторки на текстови во публикацијата:
Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова, Воденка Протугер Тошевска
Одговорна уредничка на публикацијата:
Ива Рајчевска
Соработничка во уредништвото на публикацијата:
Веда Ивановска
Дизајнерка на постер:
Ива Јованова
Фотографија:
Александра Костадиновска
Видео:
Исток Чаповски
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија и Контура, на чии претставници им се заблагодаруваме за придонесот и поддршката.
Изложбата ќе биде отворена до 27 декември.

