Свет
Еден новинар загина, а шестмина се ранети во израелски ракетен истрел долж границата во јужен Либан
Еден новинар загина, а шестмина се ранети кога израелски проектил падна врз група меѓународни новинари кои известуваа за судирите на границата на Израел со јужен Либан.
Новинарот на АП на лице место го видел телото на загинатиот новинар и уште шестмина ранети, од кои некои со возило на брза помош биле пренесени во болниците. На снимката од местото на настанот се гледа изгорено возило.
Новинар на Франс прес од местото на настанот претходно објави дека неколку новинари се ранети вечерва во израелски напад врз јужен Либан. Тој рече дека ракети паднале врз секторот каде што се наоѓала група новинари од најмалку три различни медиуми во пограничното село Алма ал Шаб.
Артилерискиот оган се случил за време на размена на оган долж либанско-израелската граница меѓу израелската армија и членовите на либанската милитантна група Хезболах.
На либанско-израелската граница има спорадична размена на оган по саботниот напад на милитантната палестинска група Хамас на југот на Израел, од Појасот Газа.
Катарската телевизија Ал Џезира објави дека двајца нејзини новинари, Ели Бракја и Кармен Џукадер, се меѓу ранетите. АП не наведува други медиуми чии новинари се убиени или ранети додека тие медиуми самите не издадат јавни изјави за тоа.
Новинари од целиот свет пристигнуваат во Либан, каде што се стравува дека би можело да избие војна меѓу Хезболах и Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нетанјаху најави дека израелските напади врз Иран ќе се интензивираат
Нападите на Израел врз Иран ќе продолжат да се интензивираат, вели израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по состанокот со министерот за одбрана Израел Кац, началникот на Генералштабот на ИДФ, генерал-потполковник Ејал Замир, и шефот на Мосад, Дејвид Барнеа.
„Нашите сили сега напаѓаат во срцето на Техеран со зголемен интензитет, а ова само ќе се интензивира дополнително во наредните денови“, вели Нетанјаху од покривот на седиштето на ИДФ Кирја во Тел Авив.
„Сепак, ова се болни денови“, вели тој, осврнувајќи се на смртоносните ирански напади во Тел Авив и Беит Шемеш.
„Моето срце е со семејствата и во име на сите вас, граѓаните на Израел, им испраќам желби за брзо закрепнување на ранетите.“
Свет
Трамп изјави дека 48 ирански лидери се убиени во тековните американско-израелски напади
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека 48 ирански лидери се убиени во тековните американско-израелски напади врз земјата.
„Никој не може да поверува во успехот што го имаме, 48 лидери исчезнаа одеднаш. И се одвива брзо“, беше цитиран Трамп во интервју за Фокс њуз.
Во посебно интервју за Си-Ен-Би-Си, тој вели дека американската операција во Иран е „пред предвидениот рок“.
Свет
Израелската војска пак го нападна Иран
Израелската војска соопшти дека нејзините сили започнале со спроведување нови воздушни напади врз иранскиот главен град.
„Воздухопловните сили сега започнаа нов бран напади во срцето на Техеран“, се вели во краткото соопштение на „X“.

