Македонија
Нова цена на горивата, бензинот поевтинува, дизелот поскапува

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,25 % во однос на одлуката од 12.10.2023 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 1,542 %, кај дизелот 2,136 %, кај екстра-лесното масло 2,331 % и кај мазутот зголемувањето е 1,312 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,334 %.
Од 17.10.2023 година, од 00.01 часот. максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин „евросупер БС-95“ – 80,00 (денари/литар)
моторен бензин „евросупер Б -98“ – 82,50 (денара/литар)
дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 82,00 (денара/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 81,00 (денар/литар)
„мазут М-1 НС“ – 45,349 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот „евросупер БС-95“ се намалува 1,00 денар/л, а малопродажната цена на бензинот „евросупер БС-98“ се намалува 0,50 денари/л.
Малопродажните цени на „евродизелот (Д-Е V)“ и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,262 денари/кг и сега ќе изнесува 45,349 денари/кг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена облачност, попладне со услови за краткотраен пороен дожд и грмежи

Времето денеска, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 38 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Во среда и четврток ќе преовладува сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност. Поради брз продор на посвежа воздушна маса од север, во петок времето ќе биде променливо облачно, малку посвежо и ветровито со услови за локален дожд. Во деновите од викендот ќе биде стабилно со пораст на дневната температура.
Македонија
На граничниот премин Богородица се чека околу 20 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин “Богородица”, времето на чекање за излез од државата изнесува 20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Видео) Спасовски: ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа амандманите за помош на настраданите во Кочани и за справување со пожарите

Власта нема слух за основните проблеми на граѓаните, ниту демократски капацитет да ги сослуша забелешките, да ги разгледа внимателно предлозите и врз основа на тоа да донесе одлуки во интерес на граѓаните, истакна координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната прeс-конференција, откако пратениците од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, не ги поддржаа двата амандмани што ги поднесе пратеничката група на СДСМ и коалицијата за поддршка и помош на настраданите и нивните семејства во пожарот во дискотеката „Плус“ во Кочани и за справување со пожарите.
Спасовски истакна дека СДСМ посочи дека се работи за клучни собраниски амандмани за две приоритетни работи во државата и тоа за поддршка и помош на настраданите и нивните семејства и повредените од пожарот во дисктеката „Пулс“ во Кочани, со коишто беа предвидени финансиски средства за обештетување на семејствата на починатите,како и за повредените од пожарот.
„Вториот амандман којшто го поднесовме беше за справување со пожарите. Оваа влада покажа крајна некапацитетност во однос на справувањето со пожарите, секојдневно имаме пожари. Сметавме дека нема поголем приоритет од тоа сите заедно таа обезбедиме финансиски средства преку овој ребаланс, којшто пред се ќе значат зголемувањето на бројот на пожарникарите и нивните плати, како и дополнителна опрема“, рече Спасовски.
Тој нагласи дека ова беше можност сите заедно во Собранието да покажат дека врвните приоритети не познаваат политички или било какви други разлики.
„За жал, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН не ги поддржаа ниту овие два амандмани како врвен приоритет, а имајќи во предвид дека сите други амандмани коишто сметавме дека не може да бидат ваков приоритет како што се амандманот за Кочани за пожарите ги повлековме, токму во функција да понудиме две приоритетни области во коишто сите заедно ќе успееме да се соединиме или да пружиме рака за соработка. Мислам дека денеска во Собранието се пропушти уште една можност да покажеме единство и да покажеме дека проблемите на граѓаните и она што ни се случува сега во државата, да ни бидат заеднички приоритет“, порача координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски.