Македонија
Грковска – Иванов: Меѓуинституционалната соработка и координација во справувањето со корупцијата е клучна
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше работен состанок со директорот на Управата за финансиска полиција, Горан Иванов, со кој разговараа за можностите да се унапреди меѓуинституционалната соработка и координација, со цел да се обезбеди поголема ефикасност во работењето.
Вицепремиерката Грковска истакна дека само со добра координација и со искрена заложба може да има успех во работењето и додаде дека тоа е особено важно во случаите на справување со корупција и организиран криминал.
Како што се наведува во соопштението од владината прес служба, Грковска се интересирала до каде е процесот на дигитализација и интероперабилноста на системот во Управата за финансиска полиција, преку кој ќе се отстрани секаква субјективност, ќе се забрза динамиката во работењето, но и ќе се зајакне контролата.

Директорот Иванов информираше дека во моментот се работи на имплементирање на документ менаџмент систем (ДМС), кој се очекува до април наредната година да биде целосно ставен во функција, но и дополнително се работи на целосно унапредување на капацитетите на Управата за финансиска полиција.
Двајцата соговорници разговараа и за конкретните предмети кои Кабинетот за политики за добро владеење, врз основа на претставки од граѓани, но и анонимни пријави, ги доставил до Управата за финансиска полиција, се вели во соопштението.
Директорот Иванов увери дека Финансиската полиција работи со забрзана динамика и дека за некои од нив, до крајот на годинава се очекува и конкретна завршница, во рамките на нивната надлежност.

На состанокот беше отворено и прашањето за јакнење на персоналните капацитети на институцијата, прашање кое е од исклучителна важност и предуслов за ефикасно справување со корупцијата, се додава во соопштението од владината прес служба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ со прашање за ВМРО-ДПМНЕ: Дали Британците лажат?
„Откако британските медиуми објавија нови информации со прецизни детали дека се договорени 20 илјади фунти по мигрант и дека Македонија е прва држава која се согласила на ваков договор имаме прашање до ВМРО-ДПМНЕ: дали британските медиуми лажат“, прашуваат од СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ со техниката за препишување или по ново „copy-paste“ измислува оправдувања кои не поминуваат веќе ниту кај малите деца.
Фатени се во лаги, само фабрикуваат невистини. Кујната на лаги на ДПМНЕ не застанува.
Томовски нема одговор но затоа целото ДПМНЕ застана да го брани за скандалот со семејната фирма.
Бројот е негов, таткото е негов, зетот и внукот се негови, сите се негови и гледаме 5,3 милиони евра, 161 тендер за семејната фирма.
Па уште и нормално било да донира во ДПМНЕ, сите било нормално да донираат откако ќе свртат тендери и пари на граѓаните.
За злоупотреби со народните пари се оди во затвор не во партија.
Туку, да прашаме до каде се со одговорите за првата бомба и скандалот со 9 милиони евра за една форма со двајца вработени и основана лани? Зошто нема одговор?
ВМРО-ДПМНЕ на големо ги краде граѓаните додека Македонија ја претвораат во црна точка на Европла, додека коридорите европски не заобиколуваат а младите се иселуваат.
Но они претставуваат програма со 6 столбови „Ќациленд“, како Скопје 2014. Тогаш со стирпорт, а овој пат со шатори. Нив може да им текне за нови споменици од 600 милиони евра покрај тие шатори.
Велат нема мигранти а договараат 20 илјади фунти по мигрант. Еве ги чекаме да кажат дали Британците лажат? Нека одговорат. Работата не е завршена. Сите ќе одговарате“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
Делови од Студеничани и Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од село Осинчани, Ловиште Јасен, село Држилово, село Патишка Река, село Елово, село Малчиште, викендици Патишка Река, Сателитски центар Нова Брезница, Каменолом Вардар Градба, викендици Држилово, село Јаболци, село Црн Врв, Рудпроект, Карст Јаболци, Викенд Населба Јаболци и село Нова Брезница.(општинa Студеничани и Сопиште)
Македонија
Претпладне појава на слаба магла, во текот на денот сончево и тивко
Во утринските часови ќе има појава на магла по котлините. Во текот на денот ќе биде претежно сончево и тивко, освен во југоисточните делови каде ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на неделата нашата држава ќе биде под влијание на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла.

