Македонија
Работни средби на Грковска во Брисел: Продолжува силната поддршка од европските институции за забрзан напредок на нашата земја
Со денешните средби со Ангелина Ајхорст, извршна директорка за Европа и Централна Азија при Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) и Сајмон Мордју, советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, се заокружи работната посета на Брисел на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Ајхорст на средбата истакна дека Северна Македонија има бројни пријатели во Брисел како никогаш порано и дека тие силно се залагаат за успех во нашиот евроинтегративен процес. Во таа насока, двете соговорнички се согласија дека е клучен напредокот во владеењето на правото, како и во разрешувањето на предмети поврзани со висока корупција. Во однос на претстојните избори, Грковска истакна дека владата е посветена на организирање фер и правичен изборен процес, како показател за демократскиот напредок на земјата.
Грковска и Ајхорст се осврнаа и на ефектите од геополитичките случувања врз земјите од регионот, вклучително и на руската агресија врз Украина. Вицепремиерката ја истакна безрезервната поддршка на Северна Македонија за пријателска Украина, и изрази уверување дека таа ќе продолжи и покрај бројните предизвици произлезени од глобалните кризи.
Грковска попладнево одржа средба и со Сајмон Мордју, советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на која тој нагласи дека проширување на ЕУ ќе има и дека Северна Македонија не смее да ја испушти оваа шанса. На средбата беше потенцирано дека нема промена на преговарачката рамка, и во таа насока клучни се уставните измени, со кои ќе се надминат пречките за нашата земја во пристапниот процес.
На средбата со Мордју стана збор за Планот за раст за Западен Балкан, кој цели кон забрзување на реформските процеси во целиот регион. Во тој поглед вицепремиерката Грковска ги истакна активностите преку кои политиките на добро владеење се вградуваат во институциите, вклучувајќи ја и дигиталната трансформација на општеството, која овозможува воведување ефикасни алатки за борба со корупцијата и организираниот криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕУ: Очекуваме соработка со претседателката на Македонија, парламентот и владата за да работиме на европскиот пат
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархељи
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
„Двете институции треба да работат заедно на подобрување на европскиот пат на Северна Македонија, кој вклучува имплементација на клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани“, се вели во заедничката изјава на Борел и Вархеи.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.