Македонија
ДОМ: Пендаровски ги прифати барањата за заштита на животната средина и климата
Членови на раководството на зелената партија ДОМ, денес одржаа средба со Претседателот Пендаровски во централната канцеларија на ДОМ.
Од страна на ДОМ, како што информираат, било искажано задоволство од одлуката на Пендаровски да го прифати барањето на ДОМ за непотпишување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, со што придонесува да се стопира продолжувањето на легализацијата на дивоградбите. На средбата беше истакната и важноста на одржаната седница на Советот за безбедност на предлог на Претседателот Пендаровски, на тема за заштита на животната средина, на која учествуваа граѓанските организации активни во оваа област.
ДОМ го потенцираше значењето на посветеноста на Пендаровски во сферата на унапредување на човековите права, особено на правата на жените и маргинализираните групи граѓани. Пендаровски нагласи дека и во иднина ќе продолжи активно да придонесува за унапредување на човековите права и заштита од било каков облик на дискриминација.
Претседателот ги прифати барањата на ДОМ за негова поддршка во напорите за заштита на животната средина и борбата со климатските промени, во тек на следниот престедателски мандат, велат од оваа партија.
На средбата беше договорено Претседателот да биде покровител на Регионален форум за животна средина и климатски промени, со што ќе се зајакне соработката помеѓу државите од регионот, бидејќи загадувањето и климатските промени не познаваат граници и само со заеднички активности на државите може да се постигнат значајни подобрувања во оваа област. Ова особено е значајно за решавање на еколошките предизвици со кои се соочуваат Охридското и Преспанското Езеро.
Претседателот се обврзал да даде придонес во рамките на неговите ингеренции за реализирање на програмскиот приоритет на ДОМ за внесување програми за животната средина и климата, во воспитно образовниот процес, од предучилишните до високо образовните институции. За ефикасно справување со еколошкиот криминал, особено е значајно оваа проблематика да се изучува на Академијата за судии и јавни обвинители, како и да се обезбеди континуирано спроведување обуки за судиите, обвинителите и припадниците на Министерството за внатрешни работи.
Пендаровски го прифатил барањето на ДОМ за формирање времено тело во рамки на кабинетот на Претседателот кое ќе дејствува за заштита на животната средина и борбата против климатските промени. Во тоа тело ќе се вклучат експерти и претставници на граѓанските здруженија од оваа област.
На средбата била истакната неопходноста од што побрзо продолжување на македонскиот евроинтеграциски процес, како основна движечка сила за севкупен прогрес на државата и поквалитетен живот на македонските граѓани.
За средбата со Претседателот Пендаровски, тимот за преговори на ДОМ ќе ги информира телата и органите на ДОМ, информираат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.