Македонија
(Видео) Каевски: Македонската борба е за интеграција и подобар животен стандард, а не за изолација

„Македонската борба, на револуционерите, илинденците, партизаните, учесниците во НОБ, беше борба за подобра иднина на македонската држава, на идните генерации. Никогаш македонската борба не била за изолација, уназадување и стагнација. Така е и денеска“, рече Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ.
„Македонската борба на денешните генерации е политичката борба за подобра, европска иднина на нашата татковина и сите наши граѓани.
Лажниот, квази патриотизам на ДПМНЕ и Левица е моментално единствена закана за подобра, европска држава.
Лажниот патриотизам носи изолација на земјата, неизвесност, економска стагнација, празни џебови и празни фрижидери за граѓаните.
Лажниот патриотизам и блокадата на европскиот пат води до нов егзодус и иселување на младите, до загрозување на македонскиот идентитет. Затоа, антиевропската агенда е антимакедонска.
Тоа е прескапа цена која граѓаните може да ја платат. Тоа не смееме да го дозволиме и нема да го дозволиме.
Македонската борба е за интеграција и подобар животен стандард а не за изолација. Антиеврооската агенда на ДПМНЕ и Левица ќе биде поразена со нова државничка победа, со победа на европскиот фронт на изборите следната година.
Заедно со граѓаните ќе ја обезбедиме македонската европска иднина. Сите македонски граѓани да бидат европски граѓани, со поголеми плати, со поголем животен стандард, со европски квалитет на живот.
Да седиме на големата маса, рамо до рамо со големите европски народи и самите да одлучуваме за себе а не некој друг.
Младите да ги сочуваме во земјата. Никој повеќе да не биде принуден да зема пасоши на други земји или да ја бара својата егзистенција надвор, во туѓи земји“, изјави Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јавна расправа за ГУП за Гази Баба и Шуто Оризари, граѓаните може да дадат свое мислење

Град Скопје во рамки на постапката за изработка на новиот Генерален урбанистички план ГУП 2022–2032 година организира jавна дискусија со цел вклучување на граѓаните во процесот на планирање и уредување на просторот.
Јавната дискусија за просторот во урбаниот опфат на Генералниот урбанистички план на град Скопје за територијата на Општина Гази Баба и на Општина Шуто Оризари ќе се одржи на 21 август 2025 (четврток) во салата на Советот на Град Скопје (барака број 13), во периодот од 9 до 11 часот за Општина Гази Баба и во периодот од 11 до 13 часот за Општина Шуто Оризари.
Граѓаните можат да дадат свои предлози мислења и забелешки за време на јавната дискусија, а истите можат да ги достават и писмено во архивата на Град Скопје (барака број 16) или електронски на адресата [email protected].
Град Скопје ги повикува сите заинтересирани граѓани и претставници на заедницата активно да се вклучат во овој процес од јавен интерес.
Македонија
УЈП со повик: Избегнете стрес и дополнителни трошоци, навреме поднесете ДДВ-04 пријави

Управата за јавни приходи упатува повик до сите даночни обврзници: поднесете ги ДДВ-04 пријавите и платете го даночниот долг за изминатиот даночен период навреме и одговорно за да избегнете стрес и дополнителни трошоци.
Крајниот рок за поднесување на пријавите и плаќање на данокот е понеделник, 25 август 2025 година.
Од УЈП велат дека до овој момент, само 11% од вкупниот број даночни обврзници ја имаат исполнето оваа законска обврска.
„Поради тоа, УЈП апелира до сите обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители без одлагање, со цел да се избегнат последични казни и дополнителни финансиски трошоци. Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавата и плаќање на даночниот долг е клучно за: усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на деловните субјекти, поттикнување на стабилен и развиен економски систем“, соопшти УЈП.
Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации или поддршка можат да се обратат на: Е-пошта: [email protected] и на телефонските броеви: од фиксна линија: 0800 33 000 и од мобилен телефон: 02 3253 200.
Македонија
Го добивме арбитражниот спор со рудникот Казан дол и заштедивме 115 милиони евра

Успеавме да заштедиме 115 милони евра откако го добивме арбитражниот спор со дел од инвеститорите од рудникот Казан дол во Валандово, истакна на денешната прес конференција вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој е и претседател на координативното тело на Владата за арбитражни спорови.
“Државата беше тужена од страна на неколку инвеститори во рудникот Казан дол во Валандово. Нивното барање беше оштета од 115 милиони евра и можам со гордост да кажам како претседател на координативното арбитражно тело на Владата, дека овој случај го добивме. Сите 11 основи по кои што беше тужена државата се одбиени, и заштедени се 115 милиони евра, потенцијална оштета која што требаше државата да ја плати во овој случај” – истакна вицепремиерот Николоски.
Тој потенцираше дека претходната влада овој случај го затворила во 2023 година и истата се согласила државата да ја плати оштетат кон инвеститорите од 115 милиони евра.
“Морам да потенцирам дека случајот не беше лесен, имајќи предвид дека претходната Влада веќе го имаше затворено случајот со завршни зборови кои што се случиле на 18. јануари 2023 година. Но по доаѓањето на оваа Влада, ние побаравме случајот повторно да се отвори и истиот беше отворен на 28 јануари оваа година. Кога тужителите сфатија дека не им се добри работите, понудија спогодба со Владата на помала сума, таа варираше од 35-48 милиони евра. Ние таа спогодба ја одбивме, затоа што бевме убедени во нашите аргументи и тоа излезе точно, односно го добивме овој случај и Македонија нема да плати ниту евро во случајот “Казан дол”- потенцираше Николоски.
Тој изрази сомнеж дека арбитражните спорови во изминатите години се решавале на штета на државата.
“ Откако го предводам ова тело, во координација со премиерот Мицкоски и со членовите на Владата, доста активно работиме на отворените арбитражи против државата и би сакал да изразам сомнеж, затоа што немам повеќе од сомнеж во моментов! Дали овие арбитражни спорови против Македонија биле отворани само затоа што така мислеле инвеститорите или имало некаков договор со одредени членови во Владата и како тоа наеднаш успеваме ние да ги добиваме, а претходно беше убедувана јавноста дека истите ќе бидат изгубени” – се обрати вицепремиерот Николоски.