Економија
Најдоцна до понеделник или вторник ќе се донесе одлуката за цената на парното, уверува Бислимоски
Според претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски, до крајот на овој месец, односно најдоцна до понеделник или вторник, ќе биде донесена одлуката за цената на парното греење во Скопје.
„До крајот на месецот, најдоцна до понеделник или вторник, ќе ја донесеме одлуката за цената на парното греење во Скопје бидејќи е исполнето она на што инсистиравме и што го баравме четири месеци, почнаа активности за санација на мостот ‘Беласица’ во Скопје“, рече Бислимоски.
Уверуваше дека нема да се дозволат ценовни шокови.
„Нема да дозволиме никакви ценовни шокови, вообичаено има инфлација, зголемени трошоци за набавка на одредени материјали. Постапката за определување на цената на парното ќе ја продолжиме со податоците од компаниите што ги добивме во јуни. Дополнително, во текот на вчерашниот ден побаравме одредени ажурирани податоци за трошоците за набавка на природен гас бидејќи се поминати веќе три месеци. Тоа го направивме со цел да имаме поточна и попрецизна одлука“, прецизира тој.
Вообичаено, како што оценува, има инфлација, зголемени трошоци за набавка на одредени материјали, но најголемиот трошок, според него, се однесува на цената на природниот гас и на топлината што треба да се набави од ТЕ-ТО.
„Во најголем дел при носењето на одлуката за цената ќе бидеме концентрирани токму на овие трошоци. Со оваа одлука треба да се врати и заемот што го даде Владата во јануари 2022 година. Дали заемот ќе го вратиме одеднаш или на одреден период зависи како ќе изгледаат резултатите за крајната цена, нема дозволување ценовни шокови“, појасни Бислимоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

