Македонија
Доколку Владата сака да ги покачи пензиите нека намали со криминалот, вели Томовски
Ивица Томовски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата насловена „Време за промени во пензиската политика – Нови политика до подобра иднина“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ рече дека постојат неколку начини доколку власта сака да ги исполни барањата на пензионерите, а тоа е првенствено да тргне со спречување на високиот степен на корупција, сива економија, како и инфлација.
Постојат неколку начини како владата може да ги задоволи пензионерите. Првенствено треба да спречиме иселувањето на младите, големата корупција, сивата економија, намалениот интерес на владата за решавање на овој проблем и инфлацијата. Мерките кои што владата треба да ги спроведе пред се треба да се вложува во стопанството, односно реалниот сектор и намалување на иселувањето на младите. А тоа може да го направи во три чекори, краткорочно, среднорочно и долгорочно, рече Томовски.
Според Томовски пензионерите наместо да уживаат во пензионерските денови тие сега се приморани преку протести да си ги бараат своите права.
Краткорочното треба веднаш да ги задоволи потребите на пензионерите, бидејќи тука има мајки, татковци, дедовци, кои што учествувале во градењето на оваа држава и те како истите треба да си ги уживаат своите права во пензионерските денови. Додека во долгорочни и среднорочни треба постојано власта да има комуникација со реалниот сектор и да се предвидуваат мерки за нови вработувања, повисоки плати какви што имаше во минатото, а кои оваа власт ги укина, изјави тој.
Томовски потенцираше дека ако пред 15 години имало 5 вработени лица на еден пензионер, денеска имаме 1,6 вработени лица на еден пензионер.
Има еден лош податок во делот на пензиите, ако пред 15 години имало 5 вработени лица на еден пензионер, денеска имаме 1,6 вработени лица на еден пензионер, нагласи тој и додаде дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е биде 3 спрема 1, бидејќи како што рече на тој начин ние можеме да ги изедначиме минималната плата со минималната пензија во Македонија.
Она кое што ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе го направиме во иднина, а е нашата цел и мисија е тоа да биде 3 спрема 1, односно на тој начин ние можеме да ги изедначиме минималната плата со минималната пензија во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.

