Спорт
Жестока казна за Фудбалскиот сојуз на БиХ
Дисциплинската комисија на Европската фудбалска унија (УЕФА) го казни Фудбалскиот сојуз на БиХ поради однесувањето на навивачите на натпреварите против Лихтенштајн и Португалија во квалификациите за ЕП 2024 година.
УЕФА го казни Фудбалскиот сојуз на БиХ со вкупно 66.000 евра, делумно затворање на стадионот за следниот натпревар на домашен терен и забрана за продажба на билети на навивачите за нивниот следен натпревар на гости.
Контролното, етичкото и дисциплинското тело на УЕФА ја казни Босна и Херцеговина со 20.000 евра и нареди делумно затворање на стадионот за следниот домашен натпревар поради дискриминаторско однесување на нивните навивачи за време на натпреварот против Португалија.
Тие се казнети и со 26.000 евра поради блокирање на скалите, фрлање предмети и упад на теренот на натпреварот против португалскиот тим. Да потсетиме, за време на натпреварот еден навивач истрча на теренот бидејќи сакаше да се фотографира со Кристијано Роналдо.
Босна и Херцеговина, исто така, беше казнета со 20.000 евра и забрана за продажба на билети на навивачите за нивниот следен натпревар на гости, поради употреба на пиротехника за време на натпреварот во Лихтенштајн на 13 октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Аморим детектирал еден проблем, сака да донесе лев вингер
Рубен Аморим призна дека го чека тешка работа, дека играчите ќе работат напорно, а навивачите ќе чекаат додека Јунајтед не почне да изгледа како што тој го замислува.
Рубен Аморим нема да отстапи од својата идеја да игра во формација 3-4-3, но за тоа му требаат врвни крилни бекови. Се чини дека Нусаир Мазрауи ја доби неговата доверба и може да биде идеално решение за десната страна, додека некако никој не верува дека Лук Шо е способен сам да ја покрие целата лева страна.
„Скај Спорт“, истакнува дека Алфонсо Дејвис и Тео Ернандез се на листата на желби на Аморим.
Дејвис на лето ќе стане слободен играч, бидејќи неговиот договор со Баерн Минхен истекува и нема да потпише нов. Сепак, проблемот е што негов сон е Реал Мадрид и што Флорентино Перез подолго време е во контакт и преговара со претставниците на Дејвис. Исто така, според шпанските медиуми во трката сака да се вклучи и Барселона, на чија клупа седи поранешниот тренер на Дејвис, Ханси Флик.
Втората опција е Тео Хернандез. Капитенот на Милан има договор со клбот до летото 2026 година. Не е тајна дека Милан сака да му го продолжи договорот на Тео, но се уште не е јасно дали истата желба ја има и францускиот репрезентативец.
Спорт
Еге Хареиде го напушти Исланд
Искусниот норвешки фудбалски стручњак Еге Хареиде поднесе оставка од селекторската функција на Исланд и со тоа стави крај на својата тренерска кариера.
„Уживав како селектор на исландската репрезентација, но мислам дека сега е вистинското време да се повлечам“, изјави Хареиде, како што беше објавено на веб-страницата на Фудбалскиот сојуз на Исланд.
Хареиде (71) ја донесе репрезентацијата на Исланд, чиј селектор стана во април минатата година, блиску до пласман на ЕП во Германија, но загуби од Украина во финалето на плеј-офот.
Репрезентацијата на Исланд има двомеч за опстанок во Б дивизијата од Лигата на нации, во март наредната година против Косово.
Исланд ќе биде во третиот шешир на ждрепката за европските квалификации за СП 2026 година што ќе се одржи на 13 декември.
Како селектор на Данска, Хереиде стигна до осминафиналето на Светското првенство во 2018 година, во кое неговата репрезентација по изведувањето на пенали беше елиминирана од Хрватска.
Спорт
„Познат играч на Милан претепа девојка, имаме видео“
Масимо Гилети е едно од најпознатите ТВ-лица во Италија, често бил вклучен во разоткривање на многу скандали, па дури и мафијашки.
Тој е и голем навивач на Јувентус, а сега излезе во јавноста со информација дека „познат фудбалер на Милан претепал девојка“.
Гилети го изјави ова, ни помалку ни повеќе, туку директно во телевизиската програма Раи 3.
„Познат играч на Милан претепа девојка, имаме видео“, изјави Жилети.
Наводно, инцидентот се случил во приватен дел од познат ноќен клуб во Милано, каде парот се дружел со пријателите.
Како што истакнува Гилети, на видеото јасно се гледа како се уште неименуваниот играч на Милан ја соборува девојката на земја, а потоа ја крева од подот и ја удира.
„Видеото е испратено до нашиот уреднички тим, нема сомнеж кој е на видеото, не можете да ставате црвена боја на лицето (италијанските фудбалери секоја година го истакнуваат проблемот со насилството врз жените) и да правите вакви работи. Тоа значи дека не сте дел од овој систем“, истакна Гилети и подвлече:
„Тоа се многу сериозни снимки и решивме засега да не ги објавуваме. Ќе продолжиме да се занимаваме со овој случај“.