Македонија
Меџити за ДУИ: Одамна се откажани од уставните измени, а преку враќањето на Груевски сакаат да прават пазар со ВМРО-ДПМНЕ
Изет Меџити, лидерот на Демократското движење, која е дел од здружената албанска опозицијата, порача дека во Алијансата за Албанците има разни мислења за тоа дали ќе настапат заедно на следните избори.
„Крајно време е да пресечат. Ние сме отворени и за невладиниот сектор и за независните интелектуалци. Треба да одлучат дали ќе одат со власта или со опозицијата и нркои од новите победи“, порача Меџити на заедничката прес-конференција со лидерите на Алтернативата и на Беса, Африм Гаши и Биљал Касами.
„Сакаме да искажеме благодарност до меѓународните сојузници, кои засега ја спречуваат авантурата на ДУИ за враќање на Груевски во Скопје. Сепак, повикуваме на будност бидејќи како и секој друг очајник така и ДУИ се фаќа за сламка. Нашите извори кажуваат дека ДУИ одамна е откажана од уставните измени и дека единствената причина за враќањето на Груевски е на таков начин да издејствува пазар со раководството на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Меџити.
Додаде дека во ДУИ се надеваат оти Груевски ќе им обезбеди позиција и со изгубени избори да може да издејствуваат концентрациона влада, во која ќе се пазарат и со пратениците на СДСМ.
„Албанците на изборите ќе им ја испорачаат фактурата, нема прошка за кокетирањето со Груевски. Врв на лицемерството е сега ДУИ да манипулира дека Груевски ќе ни ги донесе европските вредности од Будимпешта“, вели Меџити.
Гаши, пак, оценува дека без искоренување на корупцијата, нема што да бараме во ЕУ.
„Нема да правиме никакви компромиси со патот на државата кон ЕУ.
Вториот наш услов се работи за уставниот амандман за незастарување на политичката корупција. Нашата цел е крајно да ставиме точка на злоупотребата на функционерите и на избраните и именуваните лица, кои се збогатуваат со парите на народот. Ќе се бориме тоа да биде уставен амандман и тие дела да не застаруваат никогаш.
И третиот наш услов се работи за формулацијата за албанскиот јазик. Ние сметаме дека таа формулација е понижувачка и кога ќе се отвори уставот, таа треба да се смени. Во Уставот треба да стои јасно – албанскиот јазик, а не никакви други проценти, затоа што мислиме дека тоа не им прави никаква чест ниту на Албанците, ниту на Македонците, ниту на сите други граѓани, а е за унапредување на државата во рамките на ЕУ“, рече Гаши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски и францускиот амбасадор разговараа за развојот на Скопје и партнерството со Дижон
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер. На состанокот беше претставена визијата за долгорочен развој на Скопје, заснована на одржливи политики, европски стандарди и продлабочена меѓународна соработка.
Разговорот опфати и унапредување на партнерството со збратимениот град Дижон, како и можности за нови заеднички проекти и иницијативи од интерес за граѓаните на главниот град.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во својата изјава го нагласи стремежот Скопје целосно да ги интегрира европските стандарди во економскиот развој, културата и зелените политики. Амбасадорот Ле Риголер ја изрази подготвеноста на Франција да сподели искуства и иницијативи кои можат да придонесат за подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Скопје.
Двете страни ја истакнаа важноста од континуирана институционална комуникација и координација, со цел отворање нови можности за партнерства и долгорочни проекти.
Ѓорѓиевски оцени дека соработката ќе придонесе Скопје да продолжи да се развива како современ европски град, ориентиран кон иновативни решенија и меѓународна отвореност.
Македонија
Повторно блокиран граничниот премин „Богородица“
Од 11 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез, информира АМСМ. Преминот беше блокиран и вчера поради штрајк на земјоделците.
Од 09 до 13 часот на ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
600 домаќинства во Општина Аеродром ќе добијат специјални канти за селекција на пластика
Општина Аеродром станува прва општина што воведува системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата. Со овој проект, велат од Општината, секое пластично шише и пластично пакување ќе има своја вредност, а граѓаните ќе придонесуваат за почисто и поодговорно општество.
„Проектот ќе опфати вкупно 600 домаќинства, а во првата фаза 50 домаќинства ќе добијат специјални канти за селекција на пластика. Со Одлука на Советот на Општина Аеродром, ЈП за комунални дејности ќе го спроведува проектот, ќе ја поттикнува селекцијата кај граѓаните и ќе го предава отпадот на овластени компании за понатамошен правилен третман“, велат од Општината.
Овој проект е продолжување на Clean AirDrom, за кој е обезбедено и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпад.
„Со оваа иницијатива, Општина Аеродром ја намалува количината на мешан комунален отпад, ја штити животната средина и го поттикнува развојот на свесни граѓански навики“, се наведува во соопштението.

