Економија
Бугарската такса ќе ја зголеми 20 отсто цената на струјата кај нас, Ковачевски реагирал кај Фон дер Лајен да не се воведува

Бугарската такса за рускиот гас е нешто што не треба да биде воведено, вели премиерот Димитар Ковачевски. Ваквиот став ѝ го пренел и на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, а реакции за таксата за рускиот природен гас имал и министерот за економија, Крешник Бектеши.
„И јас и министерот за економија реагиравме во ЕК, јас преку претседателката на Европската комисија, тој преку соодветните директорати, дека оваа такса е нешто што не треба да биде воведено. Целокупниот капацитет на влезната страна кон Северна Македонија му е даден од страна на Бугарија на ‘Газпром’, што значи дека ваква такса ќе предизвика зголемување на цената на електричната енергија и на затоплувањето кај нас до 20 %. Затоа побаравме да се ослободи капацитет за да може Северна Македонија да набавува гас од други извори за гас, кој нема да биде руски и нема да биде дополнително оптоварен со оваа такса“, рече премиерот Ковачевски.
Тој извести дека во моментот се водат разговори и на ниво на Европската Унија и со Бугарија со соодветното министерство за да се ослободат капацитети за Македонија. Ковачевски потсети дека минатата година во преговори, исто така со Европската комисија и во Бугарија, успеале да ослободат капацитет за набавка на гас кој не е исклучиво во сопственост на „Газпром“ и се надева дека и оваа година ќе успеат да се договорат.
Во случај Бугарија да не се согласи на ослободување на капацитетите за гас за Македонија, премиерот Ковачевски не ја исклучи можност аи за тужба пред меѓународните судови.
„Нема да се откажеме од барањето за ослободувањето на капацитетите и да бараме таа такса да не важи затоа што се прави за неправедно наметната такса која нема ништо со пазарни принципи, нема ништо заедничко со директивите на Европската Унија и ако треба тоа ќе го направиме и пред меѓународни судови“, рече премиерот Ковачевски.
Таксата за рускиот природен гас што се испорачува преку нејзина територија Бугарија ја воведе пред две недели. Изнесува 20 бугарски лева или нешто повеќе од 10 евра за мегават-час за гасот што транзитира на нивната територија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Гувернерот Славески: Финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни во услови на зголемени ризици и дигитализација

На годишниот состанок на регионалниот проект за техничка помош во областа на финансиската едукација, поддржан од ОЕЦД и Министерството за финансии на Холандија, што се одржува во Сараево во организација на Централната банка на Босна и Херцеговина, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, истакна дека во услови на зголемени економски ризици и брза дигитализација, финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни за користење на предностите од финансиските услуги и за обезбедување сеопфатен раст.
„Во време кога инфлацијата расте и кога има зголемени каматни стапки и широка достапност на дигиталните финансиски услуги, се јавува нужна потреба од јакнење на финансиската и дигиталната писменост. Дигитализацијата носи нови можности, како поефикасни и поевтини финансиски услуги, но истовремено создава и нови ризици – од онлајн измами, прекумерно задолжување, до загрозување на личните податоци“, порача гувернерот.
Тој зборуваше на панел-дискусијата на тема „Унапредување на финансиската едукација за посилен раст“, на која учествуваа гувенерите на централните банки на Босна и Херцеговина и Молдавија, заменик-гувернерката на Грузија и вицегувернерот на Хрватска. Разговорот беше насочен кон улогата на финансиската едукација во зајакнувањето на економскиот раст, како и во справувањето со новите ризици предизвикани од дигитализацијата на финансиските услуги.
Гувернерот Славески нагласи дека посебно внимание треба да им се посвети на младите и на потрошувачите со ограничено финансиско искуство. „Зголемувањето на финансиската и дигиталната писменост е од огромна важност за граѓаните и за претприемачите за да можат да ги препознаат придобивките, но и ризиците од новите дигитални финансиски производи и услуги. Само така можеме да ја искористиме дигитализацијата како алатка за поголема вклученост и стабилен економски раст“, додаде тој.
Во рамките на зголемувањето на вклученоста, Народната банка ги спроведува и активностите на иницијативата „Кодекс за финансирање на жените претприемачи“ (WeFi Code), како национален координатор, заради намалување на родовиот јаз во пристапот до финансии и поддршка на женското претприемаштво. Во оваа иницијатива, покрај Народната банка, се вклучени 18 институции од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, меѓу кои шест банки и две штедилници.
Народната банка со своето учество ја потврди својата заложба за унапредување на финансиската едукација, дигиталната писменост и вклученоста, во услови на брзи економски и технолошки промени.
Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.