Македонија
Маричиќ: Членството во ЕУ до 2030 година бара мобилизација и активно ангажирање на целокупното општество
Вицепремиерот Маричиќ учествуваше на средба организирана од Македонско-американската асоцијација на алумни.
Тој ја истакна важноста од вклучување на висококвалификуваните кадри во сите области од општеството, кои се голем придонес за државата, потенцирајќи дека е потребно да се најде начин како тие да се вклучат во делот на реформите според поглавјата од преговарачкиот процес.
Маричиќ посочи дека е потребно да се воспостави рамка на соработка со асоцијацијата „Алумни“, чиј капацитет е важен ресурс во моменти на важни одлуки и процеси на водење на државата.
Во обраќањето ја потенцира важноста на соработката со сите стратешки партнери, односно важноста на стратешкиот дијалог помеѓу САД и Северна Македонија, со кој се реафирмираат заедничките заложби за зајакнување на соработката и значајната поддршка за нашиот евроинтегративен процес.
Беше посочено дека процесот на пристапување до ЕУ бара мобилизација и активно ангажирање на целокупното општество, особено квалификуваните и искусни професионалци.
На средбата беше истакнато дека заеднички можеме да ги навигираме реформските процеси, кои ќе го обликуваат патот кон ЕУ, усогласувајќи ги политиките и институциите по европски стандарди подготвувајќи нè за полноправно членство во ЕУ.
За крај, Маричиќ порача дека потребно е да се покажат силна волја, одлучна акција, реален оптимизам и визија за државата и општеството.
„Поседувајќи ги сите овие елементи, потребно е да работиме заеднички и убеден сум дека ќе го оствариме стратешкиот план за приклучување во ЕУ до 2030“.
Меѓу гостите на настанот беа присутни алумни, професионалци, кои се претставници на бизнис-секторот, политиката, институциите, невладиниот сектор и други области.
Средбата ја модерира амбасадорката на САД, Анџела Агелер, а свое обраќање имаа и министерот за надворешни работим Бујар Османим и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Новo рисче на Шара – тимот на Националниот парк слави со мекици
Националниот парк „Шар Планина“ соопшти дека на една од нивните трап-камери била забележана мајка рис со малечко, при што и двете животни се во одлична здравствена состојба. Со ова, бројот на документирани рисови на Шара се зголемува од една на три единки.
Од паркот потсетуваат дека по успехот минатата година, кога првпат бил снимен мажјак на локалитетот Лешница, денес со радост објавуваат дека и мајка со младенче е регистрирана на територијата на Општина Боговиње. Според соопштението, станува збор за историски момент и резултат на долгорочна, упорна и стручно спроведена работа на тимот. Колегата кој ја регистрирал снимката ја добил честа да го даде и името на мајката рис, која е именувана Сибел.
Во објавата се наведуваат и интересни факти за балканскиот рис, меѓу кои тоа дека е територијално животно што зазема голема територија – понекогаш и над 40 km², како и дека неговата исхрана се состои од срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови од шумскиот екосистем. Од паркот додаваат дека популациите на пленот на Шар Планина полека, но стабилно растат, а ловот е целосно забранет, што придонесува за заштита на видот.
Од Националниот парк истакнуваат дека снимката ја потврдува важноста од континуираниот мониторинг и вложувањето во заштита на биодиверзитетот, потсетувајќи дека балканскиот рис е критично загрозен вид.
Паркот соопшти и дека по повод овој момент, тимот денес слави со мекици.
Македонија
Средба Фетаи–Лоутон: Продлабочување на партнерството меѓу Северна Македонија и САД
Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, оствари работна средба со Даниел Џ. Лоутон, заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања (EUR) при Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.
На средбата се разговараше за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, како и за продлабочување на соработката во областите на владеењето на правото, институционалните реформи, борбата против корупцијата и зајакнувањето на практиките на добро владеење. Заменик-претседателот на Владата Фетаи ја потенцираше посветеноста на Владата за унапредување на демократските стандарди, зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и спроведување реформи кои обезбедуваат правично и ефикасно функционирање на јавните институции.
Заменик-помошник државниот секретар Лоутон ја реафирмираше силната поддршка на САД за реформските процеси во земјата, потенцирајќи ја важноста од продолжување на стабилните политики што го поттикнуваат евроатлантското интегрирање, институционалната стабилност и демократскиот развој. Заменик-претседателот на Владата Фетаи и заменик-помошник државниот секретар Лоутон се согласија да продолжат со редовна комуникација и координација за прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на зајакнување на доброто владеење и институционалниот интегритет.
Во рамки на посетата, заменик-претседателот на Владата Фетаи оствари работна средба и со Марк Тервакоски, Директор на Канцеларијата за Европа и Азија при Бирото за Меѓународни Наркотични Прашања и Спроведување на Законот.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.

