Македонија
„Д-р Пановски“ за обвинувањата од Милошоски: Ова е дневнополитички линч пред избори
За веледрогеријата „Пановски“ вчера изнесените ставови од пратеникот Антонијо Милошоски во рамките на анкетната комисија за скандалот на Онкологија со обвинувања се само дневнополитички линч кон кој политичките партии посегнуваат пред речиси секои избори. Веледрогеријата испрати реакција во писмена форма, која ја пренесуваме во целост.
„Не ни е пријатно што сме принудени да се браниме со реакција од нападите на г. Антонијо Милошоски како претставник на политичка партија, но со оглед на фактот дека е заштитен со пратеничкиот имунитет за искажаното немаме друг избор.
Информациите што некој му ги сервира се погрешни и немаат никаква врска со фактичката состојба. Со оглед на фактот дека АД ‘Д-р Пановски’ е единствен овластен дистрибутер за Северна Македонија на светски реномирана компанија за лекови и медицински материјали, на неоснованите напади со кои се наштетува на нашиот корпоративниот углед должни сме да реагираме. Воедно, нема да дозволиме на каков било начин да се инволвира АД ‘Д-р Пановски’ во причините или мотивите поради кои е формирана анкетната комисија и заради што постапуваат другите надлежни државни органи.
Фаул број 1. (парафразирано) Невенчаната сопруга на сопственикот на АД
‘Д-р Пановски’ е причината поради која оваа веледрогерија продава лекови на Клиниката за онкологија. Ваквите ad hominem напади кон АД ‘Д-р Пановски’ се без основ. Најмалку зависи од стручното мислење на еден професор на Медицинскиот факултет колку лекови една веледрогерија ќе доставува на Клиниката за онкологија и во целото јавно здравство. АД ‘Д-р Пановски’ постои 29 години, учествува во јавните набавки и е единствен овластен дистрибутер на територијата на Северна Македонија за некои од лековите што се аплицираат редовно во протоколарните терапии за лекување на најтешко болните пациенти на Клиниката за онкологија.
Постојат минимум уште пет веледрогерии што се во истата ситуација како АД
‘Д-р Пановски’. И тие се единствени овластени застапници во Северна Македонија на фармацевтски компании што се производители на одредени лекови, кои се дел од терапиите со кои се лечат пациентите во јавното здравство. И тие веледрогерии најчесто се единствени понудувачи на јавните набавки во јавното здравство на кои учествуваат за потребните количини лекови, чии ексклузивни застапници се. Со законските измени во Законот за лековите и медицинските средства од март годинава се овозможува склучување таканаречени посебни договори за лековите што се покриваат од програмите донесени во согласност со прописите од областа на здравствената заштита и за лековите што се покриваат од средствата за задолжително здравствено осигурување. Посебни договори може да склучат Министерството за здравство и носителот на одобрението или веледрогерија овластена од носителот за да се сподели ризикот и/или трошоците за да се ограничи бројот на лицата чии трошоци за лекување се покриваат, односно да се ограничи максималниот износ што ќе се плаќа за лекот. Со посебниот договор се обезбедуваат лекови за кои нема конкуренција од технички причини во промет или лекови за кои постојат ексклузивни права, вклучувајќи ги и правата од интелектуална сопственост. Набавката на лековите со посебен договор е законска измена во согласност со ЕУ-регулативите, кои се однесуваат на иновативните терапии кои имаат еден производител во светот и во согласност со тоа еден дистрибутер во секоја земја за да станат полесно и побргу достапни за оние што имаат најмногу потреба од нив – најтешко болните пациенти.
Фаул број 2. (парафразирано) АД ‘Д-р Пановски’ е привилегиран за време на мандатот на Венко Филипче и СДСМ
Анализите на склучени договори за јавни набавки и остварени профити покажуваат дека АД ‘Д-р Пановски’ во периодот 2006-2017 просечно годишно реализира 40 % повеќе профит од периодот 2017-2023 година. Пратеникот Милошоски може да провери, на пример, колкав е долгот на јавноздравствените установи во овој момент кон АД ‘Д-р Пановски’ – Скопје. Притоа нашата компанија, без разлика на неповолната динамика на плаќање, никогаш не ја довела во прашање дистрибуцијата на лекови за најтешко болните пациенти. Оттука, нападите и критиките дека оваа веледрогерија ѝ е омилена на оваа владејачка гарнитура финансиските параметри ги демантираат.
Фаул број 3. (парафразирано) Поради профитите на АД ‘Д-р Пановски’, укинат е паралелниот увоз
Пратеникот Антонијо Милошоски треба да истражува пред да изнесува вакви констатации. Токму на темата за паралелниот увоз, АД ‘Д-р Пановски’ е поблиску до ставовите на неговиот поранешен партиски шеф, во чиј кабинет беше министер. Да бидеме прецизни, паралелниот увоз беше корисен модел да се обезбедат квалитетни лекови по поевтини цени и со тоа да се обезбедат сериозни заштеди во Фондот за здравство. Обвинувањата дека таквите лекови беа неквалитетни затоа што биле наменети за земји како Турција и Сирија секогаш сме ги отфрлале затоа што не е точно дека се произведувани во подруми или се препакувани. Вистината е дека Турција е многу поголем пазар од Северна Македонија и затоа производителите на лековите имаат интерес да им дадат поконкурентни цени отколку оние што се наменети за нашиот пазар и затоа таму поединечните цени на многу лекови од светски реномирани фармацевтски производители беа поевтини. Во овој период од три децении од основањето на АД ‘Д-р Пановски’ се сменија двоцифрен број министри и директори во ресорот здравство. Секое поврзување на економскиот учинок на АД „Д-р Пановски“ со чие било политичко влијание е несериозно и се пласира со цел да му се наштети на корпоративниот имиџ на компанијата. Жалиме што јавноста, кога ќе добие информација за вредноста на јавната набавка за лековите, веднаш, по автоматизам, тој податок го смета и за остварен профит на веледрогериите. Апсолутно не е така. Цените се регулирани однапред од страна на Министерството за здравство и точно се знае по која цена може да се продаде еден лек“, стои во реакцијата од веледрогеријата.
Пратеникот Милошоски вчера обвини за спрега меѓу МАЛМЕД, Министерството за здравство и веледрогеријата „Пановски“, ги нарече свето тројство и предупреди дека скандали како тој на Онкологија ќе ни се повторуваат сè додека таква спрега постои.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

