Македонија
Мицкоски: Канцер-мафијата купувала и складирала лекови на Онкологија иако имале доволно резерви, омилени веледрогерии на власта заработувале милиони
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција за скандалот на Онкологија и аферата „Диво месо“ истакна дека канцер-мафијата купувала и складирала лекови иако имало резерви, но, според него, она што го правеле омилени веледрогерии на власта е што заработувале милиони на грбот на граѓаните.
Мицкоски нагласи дека лековите што требало да спасат човечки животи претставувале можност за профит на грбот на здравјето на луѓето.
„Ова се лекови што според Фондот за здравство на 31 март биле резерва, односно се наоѓале како резерва и биле подготвени да бидат аплицирани до пациентите. Нормално, сите овие лекови доаѓаат од омилената веледрогерија на власта. И ќе почнам, прво тоа е лекот ‘абиратерон’ во ампули од 250 милиграми. Според Фондот за здравство, на 31 март 2023 година состојбата на резервата била 121.149.360 денари и тој лек е пакуван во две големини, 250 милиграми и 500 милиграми. Следен лек е ‘алектиниб’. Состојбата на резерва на 31.3.2023 е речиси 123 милиони денари или точно тоа е 122.986.958 денари. Понатаму, ‘вемурафениб’ од 240 милиграми, состојба на резерва на 31.3.2023 година 406.464.361 денар. И да не останам должен, ‘абиратерон’, лекот во пакување од 500 милиграми, состојба на резерва на 31.3.2023 година 950.292.000 денари или вкупно нешто повеќе од милијарда и пол денари или нешто повеќе од 25 милиони евра“, рече Мицкоски.
Посочи дека еден од доставувачите ѝ бил омилен на власта на СДС и ДУИ и имал привилегија најчесто да ги добива јавните набавки.
„Овој договор опфаќа се што претходно прочитав, сите овие лекови кои што претходно ги прочитав се опфатени со овој договор. Но тоа што овие на залиха имале милијарда и пол денари, на 31-ви март, не ги спречило на 27-ми февруари, да распишат јавна набавка, со која што повторно ќе побараат, од истите овие лекови, рамковен договор со овој омилен добавувач, а тој пак, на 8ми мај ќе го склучи овој договор, во вредност од точно 513.656.549,66 денари, со вклучен ДДВ“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека станува збор за организирана мафија, која, за жал, денеска, сè уште оперира и заработува на грбот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

