Македонија
Лога повторно ќе го поднесе законот за амнестија, но овојпат во редовна постапка
Министерот за правда Кренар Лога најави дека повторно ќе го поднесе законот за амнестија, овојпат по редовна постапка, откако претходно денес Собранието со 66 гласа „против“ не го го поддржа донесувањето на законот по скратена постапка.
Лога рече дека на денешното гласање гледа како одмазда за измените на Кривичниот законик кон него и неговата политичка партија.
„Денеска не се прифати предлогот за да биде по скратена постапка. Тогаш, јас пак ќе ја повторам постапката, но ќе биде редовна постапка. Ако сакаат дежаву, пак ќе ја имаат таа можност уште еднаш да гласаат“, рече Лога, додавајќи дека законот не се однесува на луѓе, туку на кривични дела.
Законот предвидува лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци се ослободуваат од издржување 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Со тоа, се очекува во моментот да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно да бидат амнестирани 996.
Амнестијата не се однесува на лицата што се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353, несовесно работење во службата од член 353-в, сите од Кривичниот закон, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење семејно насилство и родово-базирано насилство. Амнестијата не се однесува за кривични дела разбојништво од член 237 став 5 и разбојничка кражба од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела измама на штета на средства на Европската Унија од член 249-а, перење пари и други приноси од казниво дело од член 273, злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353, несовесно работење во службата од член 353-в, примање поткуп од член 357, давање поткуп од член 358, давање награда за противзаконито влијание од член 358-а и за примање награда за противзаконито влијание од член 359, сите од Кривичниот законик.
Од Министерството велат дека целта е да се овозможи растоварување во казнено-поправните установи со оглед на фактот што состојбата таму во изминатиот период е алармантна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин

