Економија
Ковачевски: По 40-годишни очекувања, Битола добива парно греење
Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше и се обрати на настан со што се одбележани завршувањето на градежните работи на топловодот од РЕК „Битола“ до Битола и почетокот на активностите за изградба на топловодната мрежа во Битола.
„Овој капитален проект станува реалност по 40 години, посакуван уште од изградбата на РЕК ‘Битола’“, посочи Ковачевски.
Овој проект, како што нагласи, по своето значење и големина се вбројува во рангот на изградбата на РЕК „Битола“ на Стрежево и други капитални објекти од суштинска важност за Битола.
„Овој капитален проект се реализира со 39 милиони евра поддршка на германската KFW банка, како и дополнителни 7 милиони евра сопствени средства на АД ЕСМ и ќе донесе многубројни придобивки што ќе ги почувствуваат сите граѓани. Интензивно се работи од 2021 година и системот треба да биде ставен во функција во текот на грејната сезона 2025/2026 година“, соопшти Ковачевски.
Трасата на топловодот поминува и низ Новаци и Могила, две рурални општини, во кои жителите главно се занимаваат со земјоделство, а топловодот ќе даде можност за загревање на земјоделски оранжерии и објекти и со тоа ќе обезбеди дополнителна поддршка на развојот на земјоделството во регионот.
„Работиме по план и стратешки, реализираме проекти што со години се држеа во фиоки поради тоа што не биле добро смислени и поставени, како што беше и со овој проект, кој претходно беше економски неисплатлив и еколошки неприфатлив“, порача премиерот.
Појасни дека се решени имотно правните односи по текот на трасата на топловодот по пат на експропријација. Проектот од исклучително значење за Битола, Новаци и за Могила е еколошки и ако претходно беше предвидено да има потстаница за догревање на влезот во Битола, која ќе работи на мазут, сега е тоа решено со потстаница за природен гас. А решена е, како што истакна премиерот, и најголемата дилема за долгорочноста на топловодот.
„Со последните измени на проектот направени пред да почне неговата реализација обезбедивме иднина на топлификацијата, без разлика од каков ресурс РЕК „Битола“ ќе произведува електрична енергија“, рече премиерот Ковачевски.
Владата, како што објасни, има план за РЕК „Битола“, со оглед дека енергетската транзиција на РЕК „Битола“, е највисок приоритет за целокупниот развој на Пелагонискиот Регион. Премиерот соопшти дека се планира и изградба на нова когенеративна електрана на природен гас, која во иднина ќе може да работи и на водород.
„За ова веќе соработуваме и со еден од најголемите американски гиганти во оваа индустрија и веќе се водат конкретни разговори. Оваа гасна електрана ќе замени еден од постојните термоблокови. Дополнително, во финална фаза се и физибилити-студи за нови над 300 MW фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК ‘Битола’, нашиот најголем производител на електрична енергија од јаглен. Овие проекти се изработуваат благодарение на техничката помош што ја добиваме од меѓународните финансиски инситуции ЕБРД и KFW на кои сме им благодарни што ја подржуваат енергетската транзиција во Северна Македонија. Очекувам на почетокот на 2024 година да се избере и компанијата која ќе ја изгради првата 20 MW фотонапонска централа во РЕК ‘Битола’ и ќе ја почне енергетската транзиција. До крајот на наредната година централата ќе биде и во функција и оперативна на мрежа“, додаде премиерот Ковачевски и потенцира уште еднаш дека вработените во РЕК „Битола“ не треба да стравуваат за својата иднина, туку, напротив, РЕК „Битола“ има иднина, РЕК „Битола“ ќе произведува струја за Северна Македонија.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов, нагласи дека граѓаните на Битола ќе добијат парно од РЕК „Битола“, со што ќе се намали потрошувачката на струја и ќе се намалат сметките за затоплување на институциите и домовите и посочи на еколошките придобивки од топлификацијата.
Завршувањето на изградбата на трасата на топловодот од РЕК „Битола“ до Битола, според надлежните, продолжува по битолските улици и во следните 18 месеци во Битола е предвидено да бидат изградени 10,5 километри топловод.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

