Македонија
Ковачевски за патот Кичево – Охрид: Проектанти со свлечишта се исти како сметководители со погрешни завршни сметки
Покрај ревизијата на проектот за патот Кичево – Охрид, која е веќе почната во Јавното претпријатие за државни патишта, премиерот Димитар Ковачевски смета дека одговорноста за десетгодишното градење треба да се бара и кај проектантите. Тој денес, за да укаже на одговорноста, проектантите ги спореди со книговодители.
„Одговорни за проектирање на автопатот се проектантски куќи, имаат име и презиме, лиценци и одговорност. Врз основа на проектите договорната страна прифатила дека автопатот ќе го изгради до крајот на 2023 година. Сега треба да направиме анализа зошто не е завршено, зошто се доцни, дали проектите биле квалитетно направени, дали оние што проектирале ги заслужуваат лиценците за оваа работа. За книговодител што ги промашува завршните сметки на компанијата се поставува прашањето дали ја заслужува лиценцата да биде овластен сметководител. Исто е и кај проектантите. Ако постојано имате проекти во кои се појавуваат нови и нови свлечишта, а сигурно дека ако имате свлечиште не може да направите автопат кој е функционален бидејќи по три дена ќе биде затрупан со земја, сето тоа треба да се анализира“, рече премиерот Ковачевски.
И денес тој зборуваше дека се појавиле 11 нови свлечишта на патот Кичево – Охрид, кои не дозволуваат да заврши неговата изградба. Патот чини 600 милиони евра за кои Ковачевски вели дека не се фрлени во контејнер оти 75 % е веќе изграден, проблемите се појавиле поради тоа што проектирањето и репроектирањето не биле направени на квалитетен начин, па патот се гради 10 години.
За проектирањето од 2014 година наваму задолжен е Градежниот институт на Македонија, кој ги наследи и требаше да ги подобри старите проекти за патот Кичево – Охрид, а заедно со нив се и низа институции што ги одобриле проектите што се изведуваат.
Последната одлука за договорот со кинескиот изведувач „Синохидро“ ќе ја донесе Собранието оти тоа со закон ја задолжи Владата да работи на патот со тој изведувач.
Во меѓувреме, Ковачевски извести и дека експерт на ФИДИК (Меѓународна федерација на консултантските инженери) треба да ги утврди ефектите од евентуално раскинување на договорот со истиот изведувач во врска со можните финансиски импликации на Арбитражниот суд, но и какви би биле ефектите доколку се продолжи со кинескиот изведувач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

