Свет
Семејствата на заложниците на Хамас живеат во кошмар: „Јадам и спијам само за да преживеам“
Јони Ашер смета дека за еден месец дал речиси 300 интервјуа на новинари. Сепак, на 7 октомври времето застанало за него. Неговата сопруга и двете ќерки исчезнале во нападот на Хамас кога биле киднапирани повеќе од 240 луѓе, според израелските податоци.
Пред еден месец исцрпениот татко се откажал од приватниот бизнис и наместо тоа, се посветил на кампањата за враќање на заложниците. „Спијам и јадам минимално, само за да преживеам“, изјави тој за АФП.
На 7 октомври, кога бил сам дома во северниот дел на Тел Авив, неговата сопруга Дорон (34) и нивните ќерки Раз и Авив, кои имаат четири, односно две години, биле кај баба му во кибуцот Нир Оз, во близина на границата со Појасот Газа.
Малата рурална населба беше важна цел на нападот на Хамас: од речиси 400 жители, повеќе од 20 беа убиени, а најмалку 75 беа киднапирани, изјави портпаролот на кибуцот во четвртокот. Во Израел во нападот на Хамас на 7 октомври загинаа најмалку 1.400 луѓе, главно цивили.
На видеото Ашер ги видел милитантите како го носат неговото семејство со пикап. Бабата Ефрат била жива на видеото, но израелската војска набргу потоа објавила дека таа починала. Видеото е неговиот последен доказ дека неговата сопруга и децата се живи. Тие имаат двојно израелско и германско државјанство.
„За него, уште е 7 октомври. Времето застана“.
Хамас киднапира повеќе од 240 луѓе, Израелци, странци или лица со двојно државјанство.
„Како родители се плашиме кога детето ќе скокне во креветот, а замислете го нашиот страв сега кога насекаде има бомбашки напади“, рече Јони Ашер и додаде дека на сите им посакува мир.
Со треперлив глас Адва Адар (32) се прашува колку долго може да преживее баба ѝ Јафа (85) без медицинска нега бидејќи веќе боледува од „срцева и бубрежна инсуфициенција, висок крвен притисок и многу страда“. „Секоја минута за неа е ноќна мора“, додава таа.
Ела Бен Амин зема многу апчиња за спиење од својата 23-та година, а сега добива и психолошка помош двапати неделно откако нејзините родители беа киднапирани во кибуцот Беери. Но, како и другите роднини на киднапираните, младата жена е „концентрирана да ги врати назад“ и дава многу интервјуа за да ја слушне нејзината приказна.
На мајка ѝ Раз (57), како што вели, „ѝ требаат неколку лекови“ за тумори на мозокот и за ‘рбетот и за „проблеми со движењето“. И додека е јака преку ден, понекогаш навечер попушта во очај кога помислува како спијат нејзините родители, што јадат, што пијат.
Според управата на кибуцот Беери, 85 нивни луѓе биле убиени на 7 октомври, а 32 се сметаат за исчезнати, вклучително и некои заложници. Преживеаните од тоа село биле префрлени во хотел на брегот на Мртвото Море, изјавила Ела Бен Амин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Големиот пожар во Нови Пазаре локализиран
Локализиран е пожарот што избувна ноќеска околу два часот по полноќ во Нови Пазар и зафати неколку магацини на текстилна компанија и деловни простории, соопшти попладнево МВР на Србија.
Како што наведува МВР на Србија во соопштение, во пожарот нема повредени, а истрагата е во тек.
Во гаснењето на пожарот учествувале 59 пожарникари-спасувачи со 19 противпожарни возила од Нови Пазар, Тутин, Сјеница, Ивањица, Крагуевац, Чачак, Рашка и Краљево, членови на Доброволното противпожарно друштво на Нови Пазар и Јавното комунално претпријатие во овој град, додека полицајците од Нови Пазар го обезбедувале местото на пожарот.
Командантот на противпожарно-спасувачката единица на Нови Пазар изјави дека станува збор за најголемиот пожар што некогаш го погодил Нови Пазар, а дека материјалната штета е огромна.
На граѓаните во Нови Пазар им се препорачува да бидат внимателни, да го избегнуваат подрачјето зафатено од пожарот и да ги следат официјалните информации. Надлежните служби остануваат на терен додека пожарот не биде целосно изгаснат и ситуацијата не биде прогласена за безбедна.
Свет
Завршија преговорите меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев во Абу Даби
Во Абу Даби предмалку завршија преговорите за безбедноста на Украина меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев, јавијха руските медиуми.
Руската работна група, предводена од началникот на Генералниот директорат на Генералштабот на вооружените сили, адмирал Игор Костјуков, се врати во хотелот, додаваат руските медиуми.
Претходно, агенцијата ТАСС, повикувајќи се на информиран извор, објави дека преговарачките тимови во Абу Даби проучуваат и разгледуваат неколку документи за мирот во Украина, додавајќи дека „се разгледуваат и територии и гаранции и други аспекти“.
Официјални лица потврдија дека ова беше првиот состанок од почетокот на војната, пред речиси четири години, на кој присуствуваат сите три земји.
Разговорите меѓу украинската, руската и американската делегација во Абу Даби за постигнување мирно решение за Украина, кои започнаа вчера, продолжија утрово, исто така зад затворени врати.
Американскиот пратеник Стив Виткоф, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, како и секретарот на армијата во Министерството за одбрана на САД, генерал Даниел Дрискол, исто така учествуваа на трилатералните разговори во Абу Даби, а по средбата тие веднаш отпатуваа за Израел, каде ќе разговараат за иднината на Газа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера потврди дека контроверзното прашање за територијата на Донбас било дискутирано на состанокот во Абу Даби.
Територијалните прашања остануваат точка на спор, бидејќи Русија бара Украина да ги предаде 20-те проценти од територијата на Доњецк што сè уште ја држи, додека Зеленски одби да се откаже од таа територија.
Свет
Се трага по четворица исчезнати мигранти кај грчкиот остров Икарија
Во близина на островот Икарија пристигнале околу 50 мигранти, но четворица од нив исчезнале. Поради ова била активирана спасувачка акција од страна на крајбрежната служба на Грција која е во тек од рано утрово за пронаоѓање на лицата.
Во потрагата се вклучени еден патролен брод, брод за пловење на отворено море, хеликоптер и приватен брод.

