Македонија
Уште три стана и гаража одземени од Сашо Мијалков и продадени за повеќе од 330 илјади евра

Агенцијата за управување со одземен имот информира дека со објавата за продажба на четири недвижности, а со претходно донесена одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија, продолжува враќањето на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Станува збор, како што истакнуваат надлежните, за три стана што се наоѓаат на улицата Славејко Арсов, еден од 78 м2, два од 73 м2 и една гаража од 30 м2 на КО Центар 2, одземени со правосилна пресуда I KOK-ПП. бр. 283/2022 од Основниот кривичен суд Скопје.
Од Агенцијата истакнуваат дека со продажбата на овие четири недвижности во буџетот на државата ќе се уплатат средства во висина од 20.316.663 денари или 330.350 евра.
Во септември Агенцијата успеа да продаде вкупно три одземени недвижности од Мијалков во согласност со правосилната пресуда за случајот „Империја“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ со осуда: Дискриминаторско и моноетничко вработување во филијалата на ЕСМ во Струга и Хидроцентралата во Дебар

„Демократската унија за интеграција со длабока загриженост реагира на најновите вработувања во филијалата на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) во Струга и во Хидроцентралата во Дебар, каде што е спроведена неприфатлива пракса на етничка дискриминација и исклучување на Албанците“, велат од ДУИ.
„Во филијалата „Црн Дрим“ во Струга, се ангажирани 23 лица со привремени договори за вработување – сите од македонската заедница, а ниту еден Албанец, иако Албанците сочинуваат значителен дел од населението во овој регион.
Истовремено, во хидроцентралата „Шпилје“ во Дебар се реализирани 8 нови вработувања – повторно без вклучување на ниту еден граѓанин Албанец.
Овие случувања укажуваат на координиран и намерен модел на институционална дискриминација и исклучување и претставуваат директен напад врз принципите на правична застапеност и еднаквост при вработување, кои се загарантирани со закон и со Устав.
Уште позагрижувачка е тишината и соучесништвото на остатоците од ВЛЕН во Владата, кои ги гледаат моноетничките вработувања на ВМРО, но не успеваат да обезбедат ниту едно работно место за народот кој тврдат дека го претставуваат.
ДУИ им упатува итен повик на раководството на ЕСМ и надлежните институции да дадат јавно објаснување и да преземат конкретни мерки за исправување на оваа неправда.
Практиките на вработување во јавните претпријатија не смеат да се претворат во алатки за етничко фаворизирање и партиски клиентелизам.
Во една демократска држава, еднаквоста при вработување не е привилегија, тоа е основно право. Затоа не смееме а да молчиме пред ваквото понижување“, се додава во соопштението на ДУИ.
Македонија
Дел од Аеродром и Студеничани денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов крак – 5, општина Аеродром;
– од 09:00 до 15:00 часот, корисниците на потегот од Китка кон Солунска Глава, вклучувајќи ги и викендиците на Китка и местата: Алдинци, Преслап, Палиград и Караџица, општина Студеничани.
Македонија
Променливо облачно и топло со сончеви периоди, попладне пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 23 до 29 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со умерен југозападен ветер. Под влијание на нов влажен бран во деновите од викендот ќе има врнежи од дожд, локално во форма на невреме со пообилен дожд (над 30л/м2), проследен со грмежи и засилен ветер. Дневните температури ќе бидат во опаѓање.