Спорт
Драматични победи на Басконија и Анадолу Ефес
Кошаркарите на Басконија и Ефес со драматични победи го отврија седмото коло во Евролигата.
Во Пиреја, Басконија го победи европскиот вице-првак Олимпијакос со 75:74. Меч-винер беше Коди Милер-Мекинтаер кој погоди за два на седум десетинки до крајот.
Избраниците на Душко Ивановиќ во еден момент имаа и 18 поени предност, но ја прокоцкаа и дојдоа во ситуација во последниот напад да ја решаваат својата судбина.
Најефикасен кај Басконија беше Чима Монеке со 20 поени, додека Тадас Седекерскис оствари дабл-дабл со 12 поени и 13 скока. Двоцифрени беа и Маркус Хауард со 11 и Вања Маринковиќ со 10 поени.
Кај Олимпијакос најдобар беше Ајзеа Кенан со 23 поени (16 постигна во третата четвртина) и Алек Питерс со 22 поени.
На вториот меч во Истанбул, домаќинот Ефес прокоцка предност од 18 поени против Жалгирис и мораше да игра продолжение. Во регуларниот дел мечот заврши 74:74, а на крајот Ефес победи со 86:82 благодарение на серија 8:2 во последните 70 секунди.
Вил Клајбурн со 20 поени беше најефикасен кај Ефес, додека на другата страна идентичен поентерски учинок оствари Еванс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Иран ќе ја бојкотира ждрепката за Светското првенство
Иран одлучи да го бојкотира извлекувањето на групите за Светското првенство во фудбал во 2026 година откако САД одбија да им издадат визи на неколку членови на нивната делегација, објави во петокот Иранската фудбалска асоцијација.
Извлекувањето на групите за Светското првенство, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада следното лето, ќе се одржи на 5 декември во Вашингтон.
„Ја информиравме ФИФА дека донесените одлуки не се поврзани со спортот и дека членовите на иранската делегација нема да учествуваат на извлекувањето на Светското првенство“, објави портпаролот на Иранската фудбалска асоцијација на државната телевизија.
Локалните медиуми јавуваат дека претседателот на Иранската фудбалска асоцијација, Мехди Таџ, како и извршниот директор на националниот тим, Мехди Харати, се меѓу службените лица кои не добиле виза. Иранската новинска агенција Тасним објави во октомври дека Американците одбиле визи за вкупно седум ирански службеници.
Иран се наоѓа во вториот шешир пред ждрепката извлекувањето, заедно со Хрватска,
Мароко, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Јапонија, Сенегал, Јужна Кореја, Еквадор, Австрија и Австралија.
Иранците учествувале шест пати на светските првенства и никогаш не ја поминале групната фаза.
Foto/ EPA
Спорт
Гут-Бехрами ја заврши сезоната поради повреда
Швајцарската скијачка Лара Гут-Бехрами ја заврши сезоната поради сериозна повреда на левото колено, објави Скијачката федерација на таа земја.
Гут-Бехрами се повреди минатата недела за време на тренингот за супер велеслалом на Копер Маунтин, во Соединетите Американски Држави. Таа ќе биде оперирана во текот на следната недела.
34-годишната скијачка, која има 48 победи во Светскиот куп, планираше да се пензионира на крајот од оваа олимписка сезона.
Гут-Бехрами, сега, ја остава „својата иднина отворена“.
Швајцарката ја заврши минатата сезона на второто место во генералниот пласман, а новата сезона ја започна со освојување на третото место во велеслалом во Зелден, што беше нејзин 101-ви подиум во кариерата.
„Верувам дека повредата на коленото, колку и да е сложена, не може да се смета за трагедија“, рече Гут-Бехрами во соопштение, во кое ги истакнува неодамнешните смртни случаи на млади скијачи повредени за време на тренинг.
Спорт
Гилмор се повреди, никој во Наполи не знае колку ќе паузира
На фудбалерот на Наполи, Били Гилмор, му претстои пауза, единственото прашање е колку долго ќе трае, што е причина за нова грижа на тренерот Антонио Конте.
Шкотскиот играч од средниот ред почувствува болка во препоните на почетокот на ноември против Комо кога го напушти теренот на крајот од првото полувреме и оттогаш не можеше да тренира со тимот.
Поради ова, тој пропушти дури четири натпревари во сите натпреварувања. Уште полошо, медицинскиот тим не беше во можност да ја утврди точната природа на повредата.
„Понекогаш би сакал медицинскиот персонал да ми каже повеќе за ситуацијата бидејќи тие треба да бидат специјализирани за тоа. Не е повреда на мускулот и ако ме прашате кога би можел да се врати, не би го знаел одговорот, дури ни денес“, рече Конте.
Италијанските медиуми претпоставуваат дека станува збор за посериозна повреда и дека постои можност Гилмор да се подложи на операција, што би значело пауза од неколку месеци и нов дополнителен проблем за Конте.

