Регион
Хрватскиот министер се’ уште не се сеќава на несреќата; адвокат: полициската реакција е необична
Хрватската полиција денеска соопшти дека кривично ќе го гони веќе поранешниот министер, Марио Баножиќ за кривично дело предизвикување сообраќајна незгода во патниот сообраќај. Полицијата утврдила дека Баножиќ ја предизвикал несреќата во која загина 40-годишниот Горан Шариќ од Привлака со прекршување на сообраќајните прописи.
„Тој предизвикал сообраќајна незгода и предизвикал смрт, односно настапила смрт“, рече портпаролот Драгослав Живковиќ.
Конечната квалификација на прекршокот најверојатно ќе ја реши Канцеларијата на Државниот обвинител на округот. Доколку го прифати полицискиот извештај, поранешниот министер за одбрана се соочува со казна затвор од една до осум години, пишува „Индекс“.
„Истрагата за сообраќајната несреќа која ја водеше заменик на жупаниското државно правобранителство во Вуковар, утврди дека 44-годишниот возач (државен службеник) со приватно возило движејќи се од правец на Винковци во правец кон Жупања го престигнал камионот од левата страна кој се движел во иста насока пред него, без да биде сигурен дека може безбедно да го стори тоа и да не го попречува сообраќајот од спротивната насока, поради што предниот дел од патничкиот автомобил се судрил со предниот дел на комбето кое од спротивниот правец го управувал 40-годишник.
Од здобиените повреди 40-годишниот возач починал на местото на настанот, додека 44-годишниот возач е пренесен во Општата Жупанска болница во Винковци, а потоа во Клиничката болница Осиек на понатамошно лекување.
По наредба на заменикот на Жупаниското државно правобранителство во Вуковар, над телото на починатиот возач ќе биде извршена обдукција. Од 44-годишниот возач земени се примероци од крв и урина за анализа.
„Поради сомнение дека предизвикал сообраќајна незгода со прекршување на сообраќајните прописи, против 44-годишниот возач во Жупаниското државно правобранителство во Вуковар ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело Предизвикување сообраќајна незгода во патниот сообраќај. “, соопшти претходно полицијата.

Утре ќе се анализираат примероците од крв и урина
„Издадовме наредба за анализа на крв и урина со цел да се утврди дали во телото на 44-годишниот маж кој ја предизвика сообраќајната незгода има алкохол, дрога и други психотропни супстанци, а извадените примероци ќе бидат испратени во Центарот за вештачења во понеделник наутро. Ова е наш приоритет за утврдување во овој момент, затоа ќе побараме од експертите од Центарот да го направат тоа што е можно поскоро“, изјави Билјана Лубуриќ, заменик државен правобранител во Вуковар кој раководел со истрагата за сообраќајната несреќа.
Согласно Кривичниот законик, ќе се казни учесник во сообраќајот на патиштата кој со прекршување на прописите за безбедност во сообраќајот ќе предизвика опасност по животот или телото на луѓето или имотот од големи размери, а поради тоа ќе предизвика смрт на едно или повеќе лица со затворска казна од три до 15 години. Во случај на небрежност, казната е од една до осум години.
Адвокатите и сообраќаен експерт со кои разговараше „Индекс“ велат дека најверојатно се работи за невнимание.
„Не знам многу факти, но од она што го прочитав, а тоа е дека Баножиќ веројатно немал алкохол во крвта, би рекол дека е небрежност. По правило се смета дека небрежноста не е намера. Мислам дека тоа е невнимание и соодветно на тоа веројатно ќе биде покрената кривична постапка“, изјави адвокатот Анто Нобило.
„Денешната полициска реакција е невообичаена“
И судскиот сообраќаен вештак Горан Хусинец вели дека се работи за невнимание.
„Тој тоа секако не го направил намерно. Неспорно е дека тоа било несовесно, но сега се во прашање други околности. На суд главната битка ќе биде дали Баножиќ почнал да претекнува кога немало магла и налетал на облак на магла од која излегло комбето или цело време дрско претекнувал низ магла. Затоа пресудно ќе биде метеоролошката експертиза која ќе утврди каква била видливоста во моментот кога почнал да го претекнува камионот“, изјави Хусинец за Индекс. .
„Имаме ситуација која ќе направи многу јасен и фактички опис на делото и правен опис на делото, пред се во однос на формата и степенот на вината, што потоа зависи од законското назначување на кривичното дело, за кое казната ќе изнеесува од три до 15 години затвор или ќе биде од една до осум“, изјави адвокатот Вељко Миљевиќ за РТЛ.
Тој вели дека за него е невообичаена денешната реакција на полицијата.
„Екстремно брзо по несреќата излезе официјално соопштение дека ќе биде поднесена или дека се поднесува кривична пријава, што е невообичаено“, рече тој.

Клучна ќе биде брзината со која возел Баножиќ и токсиколошките наоди
Во завршната квалификација на кривичното дело, според мислењето на адвокатите со кои разговараше „Индекс“, клучни ќе бидат токсиколошките наоди и брзината со која се движел Баножиќ кога ја предизвикал несреќата. Таа информација се уште не е објавена.
„Едвај можам да коментирам нешто што е работа на полицијата и на државното правобранителство. Вчера имаше истрага… Утврдена е динамиката на она што се случи во оваа фаза и полицијата поднесе кривична пријава. Сето ова е во во согласност со она што полицијата го работи во вакви ситуации“, изјави Божиновиќ.
На прашањето на новинарот кога ќе се знае извештајот за токсикологија, тој одговори дека тоа е „нешто што ќе биде составен дел од досието и што ќе го знаат прво државното правобранителство и полицијата“.
Запрашан зошто ништо не се знае за брзината на возење или дали Баножиќ бил во алкохолизирана состојба, тој одговори со контрапрашање: „Зошто мислите дека не се знае? Не беше објавено. Вчера имаше истрага, денеска беше поднесена кривична пријава , според кој кривичната истрага се одвива на свој начин согласно Законот за кривична постапка“.
„Тие што ги имаат сите информации во овој момент се полицијата и државното правобранителство, кога ќе одлучат што и дали можат да споделат дел од тоа со јавноста, ќе го направат тоа“, рече тој. „Има ситуации во кои, ако сакате, и поради инволвираните актери во неа, истрагата ја презема окружното државно правобранителство, а тоа беше случај и вчера, со оглед на тоа што се работи за министер во Владата. Затоа, тие се сопственици на информациите“, изјави тој за новинарите.
Доктор: Баножиќ се’ уште не се сеќава на несреќата
Дирекцијата на КБЦ Осиек денеска извести дека здравствената состојба на Баножиќ е стабилна и дека се уште е надвор од животна опасност. Заменик-директорот на КБЦ, Крунослав Шего, изјави за новинарите дека Баножиќ не се сеќава на сообраќајната несреќа.
„Новите наоди од утринава не покажуваат некоја значајна прогресија на повредите. Тој се уште не се сеќава што се случило и се уште не е целосно свесен. Можете да комуницирате со него, но таа свест не е полна свест“, рече Шего.
„Не верувам дека полицијата може да добие релевантни информации од него во оваа состојба“, изјави Шего на новинарско прашање дали Баножиќ може да биде испрашуван во оваа состојба. Вели и дека очекува ваквата состојба да трае барем уште неколку дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Ние сме големи губитници, изгубивме инвестиција од 750 милиони евра
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, коментира за актуелните теми вклучувајќи ја и веста дека компанијата на зетот на претседателот на САД, Доналд Трамп, Џаред Кушнер, одлучила да се повлече од проектот за изградба на луксузен хотелски и станбен комплекс, планиран на местото на бомбардираниот Генералштаб во центарот на Белград.
„Сè што се случи во врска со Генералштабот, се гордеам со сите што учествуваа во обидот да се донесе толку голем инвеститор, а со кампањата и ловот што се водеше против инвеститорот успеавме да го уништиме сето тоа“, рече Вучиќ, објави „Телеграф“.
Тој рече дека се чини оти „е потребно да се оцрни сè, да се уништи Србија, да се остави без инвеститори, струја и плати“.
„Оваа приказна денес станува само афера, како држава и народ сме големи губитници, изгубивме инвестиција од 750 милиони евра, а блокадите ни предизвикаа штета од вкупно една и пол милијарда. Штетата предизвикана на Србија е огромна. Сега ќе имаме срушена зграда од која паѓаат тули, а никој веќе нема да ја допре“, рече тој.
Тој се осврна и на Обвинителството за организиран криминал во Србија, кое вчера поднесе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште три лица за злоупотреба на службената должност и фалсификување документи во врска со овој луксузен проект за недвижности.
„Ние Србите сме мајстори за пропуштени можности, само за да му умре кравата на нашиот сосед на кој било начин. Јас лично ќе поднесам кривични пријави против сите што учествуваа во оваа потера и уништување на инвестицијата, и од Обвинителството и од полицијата“, најави тој.
Вучиќ нагласи дека „како одговорен човек, жал му е што изгубиле инвестиција од 750 милиони евра“ и дека сега „некој измислен проект во Албанија ќе го привлече целото внимание на светот“. Вучиќ истакна дека во соопштението од компанијата на Кушнер се наведува оти се повлекуваат од проектот „за да не се подели народот“.
„Што очекувавте луѓето да напишат? Дали очекувавте: „Се повлекуваме затоа што таму има идиоти што не сакаат инвестиција од 750 милиони евра и кои уживаат гледајќи како урнати згради пред 26 години остануваат такви и во следните 100 години? Дали очекувавте да кажат дека таму има идиоти што не сакаат американски инвестиции? Секако дека не“, рече Вучиќ.
„Тие логично рекоа: ‘Очекувавме сите да ни бидат благодарни, очекувавме тоа да ги обедини луѓето, луѓето да бидат ентузијастични. Но, таму, знаете, има некои што не се ентузијастични, туку, напротив, читаат меѓу редови, некои што не разбираат што е држава, што е народ или кои се интересите на граѓаните на Србија и беа против тоа“, додаде Вучиќ.
За потсетување, на почетокот на годината беше објавено дека инвестициската компанија „Афинити партнерс“, кооснована од Кушнер и милијардерот од Обединетите Арапски Емирати, Мохамед Алабар, планирала да изгради луксузен хотелски и станбен комплекс „Трамп“ на местото на Генералниот штаб на поранешната Југословенска народна армија, уништен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година.
Од минатата година српската јавност расправа за правната основа за отстапување на просторот на тешко оштетениот Генералштаб, кој има статус на културно богатство, на странска компанија.
Инсистирајќи на тврдењето дека овој проект е во интерес на државата и нејзиниот главен град, што особено го туркаше Вучиќ, владејачката партија во српскиот парламент донесе посебен закон со кој се дозволува градење во населба чии делови имаат статус на заштитено културно добро поради нивната архитектонска вредност.
По донесувањето на овој закон, следуваше афера со фалсификување на одлуката во Републичкиот завод за заштита на спомениците за бришење на зградите на поранешниот Генералштаб и Министерството за одбрана од регистарот на недвижни културни добра.
фото/депозитфотос
Регион
Српскиот министер за култура фалсификувал документи за луксузниот проект на зетот на Трамп
Српското обвинителство за организиран криминал вчера поведе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште тројца за злоупотреба на службената должност и фалсификување документи во врска со проект за луксузни недвижности поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Еј-би-си њуз“.
Истрагата се фокусира на контроверзната реконструкција на срушениот воен комплекс во центарот на Белград, Генералштабот, кој беше заштитено место на културното наследство, а сега е предвидено за изградба на луксузен комплекс. Селаковиќ, близок соработник на претседателот Александар Вучиќ, и другите обвинети се теретат за нелегално одземање на заштитениот статус на локацијата со фалсификување документи.
Српската влада потпиша договор за закуп на 99 години со американската компанија „Афинити глобал девелопмент“, која е поврзана со Кушнер. Кушнер во тоа време потврди дека неговата компанија планира да го финансира проектот од 500 милиони долари, кој би вклучувал облакодер со хотел, луксузни станови, канцелариски простор и продавници. Сè уште не е познато кога би можело да почне судењето.
Владата го поддржува проектот и покрај истрагата
Предлогот за изградба на местото на поранешниот Генералштаб има силна поддршка од владата на Вучиќ, но се соочи со жесток отпор од експерти во Србија и странство, како и од пошироката јавност. Минатиот месец српскиот парламент донесе посебен закон со кој се отвора патот за изградба и покрај тековната истрага.
Претседателот Вучиќ изјави дека проектот е добар за односите на Србија со САД и дека ќе го помилува секој што е осуден во случајот. „Јас сум виновен“, рече тој неодамна. „Јас сум оној што сакаше да ја модернизира Србија. Јас сум оној што сакаше да привлече голем инвеститор“.
Симбол на отпор кон НАТО
Критичарите истакнуваат дека зградата е архитектонски споменик, кој се смета за симбол на отпор кон бомбардирањето на НАТО, што сè уште се смета за неправедна агресија во Србија. Србија беше бомбардирана 78 дена во 1999 година за да се принуди тогашниот претседател Слободан Милошевиќ да ја прекине репресијата врз Албанците во Косово.
Анти-НАТО расположението останува силно, што ја прави улогата на американската компанија во пренамената на воените згради особено чувствително прашање за многумина во Србија. Срушените згради се сметаат за врвни примери на архитектурата од средината на 20 век во поранешна Југославија, пишува „Еј-би-си њуз“.
Регион
Маж ја избол до смрт партнерката на улица во Србија
Страшно злосторство го потресе вчера Лесковац во Србија, каде што 64-годишен маж, Р.Д., е осомничен дека ја избол до смрт својата 53-годишна партнерка. Убиството, како што соопшти Полициската управа во Лесковац, се случило околу 16:30 часот, пишува Н1 Србија.
Според полицијата, жената починала на местото на настанот од повеќекратни убодни рани. Припадници на Министерството за внатрешни работи брзо интервенирале и го уапсиле осомничениот кратко време по злосторството.
Истрагата е во тек
Р. Д. е обвинет за кривично дело убиство. Со наредба на Вишиот јавен обвинител, му е одредена мерка притвор до 48 часа, по што ќе биде донесен на распит во Вишото јавно обвинителство во Лесковац со кривична пријава.

